Не разбирам политика. Ништо не ми е јасно. Одвреме-навреме имам некои чудни замисли. Ама тие надоаѓаат само кога не ми е бањата главата. Економија разбирам уште помалку. Веројатно затоа често ми исклучуваат струја, интернет, мобилен телефон. Никогаш не ми одело со сметките. Никако да разберам дека идентитет не плаќа сметки. Никако да се освестам дека само треба да си променам име и новото веднаш почнува да исплаќа неплатени сметки. А јас упорно се викам Александар. Ниту за јазици ме бива. За дијалекти уште помалку. Два дена се мачам со тоа западнобугарскиот дијалект. Сосема ме буни фактот дека на тој дијалект фригидните кучки доживуваат оргазми. Имам проблем и со времињата. Знаете… минато, сегашно, идно време. Не им ја разбирам граматичката логика. На пример, во минатото си добил датум што те носи во иднината, ама во сегашноста не ти го даваат. Истиот тој датум. За историја сум практично глуп. Едно време мислев дека со историја се занимаваат историчари. Сега гледам дека од историчарите подобро ја познаваат историјата бивши вратари во дискотеки и поранешни продавачи на пиперки на пазари. Добро е човек да знае што не разбира. Како што јас и Сократ знаеме дека ништо не знаеме.
Всушност, јас сум еден наивен лик. Како дете наивен. Им се радувам на утрата како Пинки кога го виде Тито. Низ денот се пробивам низ опасностите како курирот на Гоце. Навечер се претварам во Том Соер. Правам планови како да станам американски претседател. Сакам да го најдам скриеното богатство во длабоката пештера под Белата куќа. Хмм, Пинки, курирот на Гоце и Том Соер. Далеку поинтересно од политика, економија и дијалекти. Тогаш да почнам.
Седиме во парк јас, Пинки, курирот на Гоце и Том Соер. Пиеме пиво. Не носиме маски. Не затоа што пиеме пиво, туку не ги имаме кај себе. Ги заборавивме. Тоа од возбуда. Малку се расправавме на повисок тон. Околу ветото. Унгарија и Полска ставиле вето на планираниот буџет на ЕУ за 2021 година. Многу нè загрижи тоа.
Го виде, прашувам. Веселото лице на Пинки се смрачува. Ма јок, ми одговара. Мислев ќе стигнам до него, кога оној метеж не се проаѓа. Секта идолопоклоници. Ти не знаеш колку ги имаше. И сите врескаат, „Тито е наш, Гоце е Бугарин!“ и „Ништо не ти можат, Јосипеее, Јосипеее“. Сосема се збунив. Дојдов да го видам Тито, а не орда хистерични идолопоклоници околу него. Ги прашувам што ви е финтава со Гоце и Тито? Знаеш што ми рекоа? Гоце не им ги плаќал сметките, а Тито ќе ги внел во иднината. Ги прашав потоа дали во скоро време посетиле психијатар и ако не, дали размислуваат за такво нешто. Не им се допадна тоа. Почнаа хистерично да врескаат по мене. Извикуваа чудни фрази. Врескаа „говор на омраза“ и „Голи Оток“. На крајот ми рекоа дека сум импотентна џукела што свршува на вето. Скроз ме збунија. Што е тоа вето?
Си го почешав тилот. Како сега да му објаснам на Пинки што е вето.
Неколку мига размислувам. Вето е, почнав, една чудна алатка. На пример, кога Америка те сака во НАТО, на Бугарите не им пречат твојот идентитет, историја и јазик, па не ти ставаат вето. А кога ЕУ не те сака кај себе, за да не излезат фашисти, ги активираат Бугарите за да им пречат твојот идентитет, историја и јазик и тие ти ставаат вето. Разбираш?
Не разбирам, искрено ми враќа Пинки. Океј, ако не разбираш, можеш за сè да ги обвиниш Русите. Се вртам кон курирот на Гоце. А ти, прашувам, го предаде ли писмото? Ма какво писмо, нервозно изговори курирот на Гоце. Требаше да се сретнеме на она негово симболично поле за културен натпревар меѓу народите. И дојдов јас на тоа симболично поле кога гледам, некој буквално ставил табла. Пишува дека полето му припаѓа на хеленското културно наследство. До таблата уште една табла. На неа, со строги букви е објаснето дека сите културни натпревари имаат бугарски идентитет. Ама не е само тоа. Зад таблите, некој на полето ставил тиранска платформа. Околу неа едно чудо дивоградби. Меѓу дивоградбите многу бижутерија. Ма да не ти раскажувам. Кој му го направи сето ова на тоа прекрасно поле? Кој го осквернави така? Уф, како да му објаснам? Знам дека нема да ме разбере. Како што Пинки не ме разбра. Ама ај да се обидам. Племето „три коси црти“ го осквернави, одговарам. Ме разбираш?
Не те разбирам, вели. Кога не разбираш, враќам, можеш за сè да ги обвиниш Русите. Се вртам кон Том Соер. А ти, прашувам, влезе ли во Белата куќа? Стигна ли до длабоката пештера? Го најде ли скриеното богатство? Влегов во Белата куќа, ама ништо не најдов. Налетав на двајца старци. Ама ептен старци. Едниот ми мавташе со раце пред лице. Среќа што го знам јазикот на немите. Сфатив што ми кажува. Чудовиштата од длабоката пештера му го украле гласот. Другиот старец го турна овој размавтаниот. И одма грабна да ме пипка.
Како бе да те пипка? Така, по целото тело. Како што јас навечер замислувам дека ја пипкам Беки. Ама бидејќи мене ме пипкаше дедо, ми стана гадно, па киднав. Ни длабока пештера, ни богатство не видов. Што мислиш, кој ги пуштил чудниве дедовци во Белата куќа? Нема што многу да му ја мислам и да се препотувам. Русите, одговарам. Е, браво бе, Русјаков! Повторно ќе вадиш глупости од небањатата глава? Нели нема веќе за политика да дрочиш? Стигна некое хонорарче од Русите и веднаш почна со говорот на омраза, а?
Уф, Русите, да. Секаде ги има, а најмногу во кошмарите на интелектуалната бижутерија. А и главава, два дена небањата, веднаш почна будалаштини да везе. Ама не мислев дека ова што го пишувам е политика. Едноставно, кога логиката во мене добива мачнина од премногу испиена јавна моронштина, веднаш повраќа гротеска. А секоја добра гротеска треба да има поучен крај. Тој крај многу често го има во почетокот. Во минатото. И, ете, ми се сони една поробена земја. Најхрабрите синови и ќерки на таа земја се кренаа и ја ослободија. Тогаш рипнаа активните и пасивни соработници на окупаторите и ги затвораа и убиваа преживеаните херои. Им ја зедоа славата и се премачкаа себеси со неа. И така премачкани во ослободители станаа нови окупатори. Кога излегов од тој сон, погледнав околу себе и сфатив дека живеам во истиот кошмар.