Живот во живо

СКИЦИ ЗА ЧОВЕКОТ

Ниедна институција нема да стане подобра додека во неа не влезат добри луѓе

За четири седмици, сите видовме во вирусот сè што може да се види. Економистите – атака врз капитализмот и економијата. Социолозите – нов светски поредок. Политичарите – подмолна игра на Кина за глобална политичка доминација; некои од реакциите на светските политички лидери имаа призвук и на расна омраза кон „жолтите“. Фантастите наклонети кон теориите на заговорот – монструозен микробиолошки експеримент на Бил Гејтс и сличните сурови богаташи, како обид да се „прочисти“ светската популација. Приврзаниците на научната фантастика – знак дека вонземјаните, кои некогаш „нè засадиле“ на оваа „плантажа“, ете, и натаму испитуваат нешта што и ним, на нивната планета, не им се познати, па ние сме им експериментални глувчиња. Суеверните домаќинки, на кои и кога од невнимание ќе им изгори пита во рерната мислат дека тоа ги казнува Светиот Дух, видоа божји прст вперен во блудното човештво и крај на светот.

По навика го видовме лошото, а по обичај го заборавивме доброто. А нашиот народ вели секое зло за добро.
Прво, вирусот ни го сврте погледот од општеството кон семејството. Како да е некаков андрагог, ги сврте родителите кон децата. Еден мој пријател, кој откако започна изолацијата постојано ме снабдува со разни духовити клипчиња на вибер, пред некој ден ми напиша, целосно сериозен: Да не беше ова чудо, немаше да си ги видам децата. Па, си мислам, точно е. Тие што имаат деца, дури сега можат да ги видат, не само со око, туку и со душа. Да им ја почувствуваат температурата на душата: да видат во што луѓе израснале (ако израснале), што мака си имаат, со какви дарби и со какви мани живеат. Она лудило кога наутро скокавме за на работа и во паника истрчувавме по кариера и пари, она време кога општеството ни беше влезено во спалната соба, кога со едноставното откривање на покривката директно влегувавме од брачниот кревет во општеството – сега е суспендирано на неопределено време.

Дури сега родителите можат да видат: некои од нивните дечиња се замомчиле (имаат мустаќиња како коноп од кочан), некои се задевојчиле, гласовите им мутирале од љубовен ларингитис, рацете вешто им сраснале за таблетот или компјутерот… Дури сега родителите можат да забележат какви видеоигрички играат, читаат ли нешто, колку агресија, крв и гол секс има во филмовите што ги гледаат. Можат да видат какви ступидарии стојат во нивните учебници и да сфатат дека не станува збор само за едно застарено, средновековно образование во една ера на инстантна визуелна перцепција („империјализам на сликите“), туку најчесто и за неписмени (и граматички и стручно) составувачи на таквите „учебници“.

Некои од нас, кои биле целосно анестезирани од опијатите на кариерата и парите, дури сега ќе забележат дека некои столчиња на масата за ручек се одамна испразнети. Некои наши деца се иселиле, ама го оставиле своето отсуство, кое, како и секое отсуство, е најприсутното нешто: не го ни погледнуваме човекот со две нозе, но погледот веднаш ни паѓа на оној со една нога… Па, кога ќе ги погледнеме тие празни столчиња на тие наши модерни печалбари, ни доаѓа желба државата да има врат, а ние да ги ставиме двете дланки на тој врат и да ги стегаме, стегаме до несвест, како да го давиме нечестивиот. Некои од нас, ако имаат совест, можеби и ќе се прашаат: А што сторивме да ги задржиме, што сторивме освен што им инсталиравме скајп, им купивме куфери и ги испративме на аеродром? Дали, наспроти тоа, сè уште и ги наградуваме со изборни гласови оние што ги избркаа, сериски одбивајќи ги за работно место, не дозволувајќи им пристап до партискиот казан ако немаат абонентска книшка?

Ене ги, седат, оние што ни преостанаа. Но зошто не разговараме со нив ние сега? Седиме и попрво молчиме, како да немаме што да си кажеме: тие се со таблетите во раце, во некој свој свет (да не се и тие веќе заминати?), ние со мислите: „Аман, кога еднаш ќе заврши ова, само да се врати животот на старо!“ Да продолжиме да се разминуваме, зашто животот сме го сфатиле како разминување и затворање на очите. Еве ни сега ЖИВОТ ВО ЖИВО, директен пренос од животот, а ние затекнати: туѓинци од иста крв, во иста соба.
Се обидуваме да ја спасиме работата со трпеза: столбот на традиционалното семејство и главниот лик на турските серии, околу кој се собира семејството, барем еднаш дневно. Но навиките на либералниот капитализам, кој нè научи секој да јаде „башка“ и кој кога ќе стигне, се посилни од желбата да се обнови семејната трпеза. Ќерката грицка некој чипс и не е гладна, а празната чинија крај компјутерот на синот, во неговата соба, кажува дека веќе јадел сам: еурокрем за ручек.

Трпезата, како традиционално место за разговор (храната е второстепена), едноставно, е мртва. Затоа и еден од клиповите што ги споделивме, а кои сакаа да кажат дека јадеме премногу на нервна база, се фокусира не на трпезата, туку на фрижидерот, потрошувачкиот симбол на нашиот невротичен глад. Фрижидерот на сликата беше свртен кон нас со опачината, од кај решетките за фреон, а со вратата беше допрен до ѕидот, да не може да се отвори. Под сликата пишуваше: „Ова е единственото решение“.
Е да, и роднините и пријателите! Колкумина роднини со кои се немаме видено, освен на погреби и венчавки, конечно ни се јавија и им се јавивме, најпрвин срамежливо, праќајќи им духовит клип, а потоа, откако ќе добиевме знак дека „врската од другата страна е прифатена“ (пратен е и од нив духовит клип), ги прашавме – како сте? Каде ни одело времето, најскапоценото нешто, кој ни го крадел? Зар сме немале време, еднаш седмично ни за „како сте?“

Па, и таа храна. Вирусот ни покажа, како да е некаква нутриционистичка статистика, колку вагони храна и цистерни течност внесуваме во себе: дневно, седмично, месечно. Дури сега гледаме колку јадеме и што јадеме. Товари тестенини, литри и литри масло и пиво, вреќи брашно и шеќер, вагон конзерви… боже, зар сето тоа поминувало низ нашите црева?! И таа тоалетна хартија: зар е можно толку измет да произведуваме во нашите животи?!
И ѓубрето од балконот треба да се исфрли. Да, да. Ѓубре. Човекот е единственото суштество што цел живот и во секој миг бара смисла (затоа манијакално гледаме филмови и читаме книги овие денови), а произведува ѓубре. Две спротивни нешта, смисла и отпадоци, обединети во едно суштество.

Дури и онаа жена од другана зграда, која е учителка по харфа, исфрла ѓубре: се искрадуваме и јас и таа, во полициски час да го исфрлиме тоа наталожено ѓубре, оддалечувајќи се десетина метри, до контејнерот, па сега се враќаме назад, во некаков премолчен договор да не се поткажеме пред власта. Небаре сме се ослободиле од труп за чија смрт сме виновни. Пакт за неоткривање меѓу двајца производители на ѓубре.

Вирусот излезе и ги запоседна улиците и плоштадите, а нас нè потисна не само по дневните соби туку и по микропросторите на свеста и чувственоста. Не е тоа мала работа. Еве го, конечно, животот во живо: ги видовме нештата што досега беа поневидливи и од вирусот. Душите на нашите деца што растат распнати меѓу смислата и ѓубрето. Додека не одберат.