Шарената револуција се ребрендира. Стана Зелена револуција. Откако ни го забетонираа идентитет и нè внесоа во ЕУ, сега ќе ни донесат чист воздух. Со пенкало ќе ги срушат ПМ-честичките. Владата ги поддржа. Шарените зелени или зелените шарени, како сакате, се согласуваат со власта. Нечистиот воздух е наследство од минатиот режим. Каде е син ми Костадин, на прес го праша Мицковски дали ќе се огради од загаденоста на минатото и зошто не? Зелените викаат „Не ти гине астма Мицковски“.
Зоќи предложи да маваат малку со презервативи полни зелена боја по нечистиот воздух, ама се побунија трендсетерите дека зимава не е во мода зелено на сиво. На крајот се договорија да оформат специјален јавен оксиген, скратено СЈО, преку кој ќе спроведат рекет на пушачите како најголеми загадувачи. А за да имаат каде да се засолнат додека загаденоста не мине, Владата го ангажира активистот за климатски промени Мијалков, кој на шарените зелени револуционери им отвори 25 обложувачници.
Рускајов!!! Твојот цинизам никаде нема да те одведе.
Никаде не сум тргнал.
И да стоиш во место, пак си на погрешен пат.
Сакаш да кажеш дека треба да се обновам?
Избори, а? Поинаку кажано, и збори, и збори, и збори, ама кој да чуе? Така јас се чувствувам со години. Ако мене ме прашате нема да ги има. Предвремените избори во април. Добро е што никој не ме прашува. Лошо е што имам колумна, па сам можам да си се прашам.
Стварно, Русјаков, мислиш дека нема да има избори во април?
Нема да има. Ниту во мај, ниту во јуни. Ако можат ќе измислат нешто да ги нема и во декември. Ама ќе мора да ги распишат. И Зоќи ќе си остане премиер. А-ха, така јас мислам. Еве и како ќе оди тоа.
Во наредниот месец и половина северномакедончето (без разлика дали станува збор за бугарокомуњари, евровмроовци, фејсбук-патриоти, шарена интелектуална бижутерија) има бајаги за славење, ѕенѕање, ждрање, локање, патување во Солун или во Боровец. Оти нели Нова година, Божиќ, распуст на децата, стара Нова година. Меѓу две подригнувања ќе голта, за да подмачка, лоша сапуница наречена судски процес „Рекет“. Потоа ќе дојде прием во НАТО, па пенавење на Фејсбук за и против. Во меѓувреме власта ќе каже дека е глупо да има избори во април кога е планиран НАТО-фест. Вмроовците ќе се налутат и ќе имаат опасни прес-конференции, малку ќе плачат кај Меркел, многу ќе се радуваат конструктивно за НАТО.
За тоа време Владата ќе покачи плата во администрација, ќе зголеми пензија, ќе соопшти дека странски инвестиции врнат од небо, а просечната плата во приватниот сектор стигнала до 700 евра, само што тоа не се гледа поради загадениот воздух од времето на Груевски и… и ќе дојде лето. А во лето треба да се потрошат сите оние купишта пари што не се гледаат поради глбалното затоплување што го спроведува Путин. Во септември глупо е да се спроведуваат предвремени избори, оти ене кај е декември. А до декември бугарокомуњарите ќе го напаѓаат Мицковски, фејсбук-патриотите ќе ја бранат Македонија од ВМРО-ДПМНЕ, па СДСМ ќе изгуби со три-четири пратеника разлика и во коалиција со ДУИ ќе остане на власт. Северномакедончето, кое на денот на криминалното и силеџиско менување на Уставот врескаше дека нема кој да го поведе, за да може истиот тој кога ќе го уапсат да го тапка фигуративно по рамо на Фејсбук, си го заслужува ова сценарио.
А кога сме кај сценарија, добив извадок текст од сапунската серија „Рекет“, која преку кабловскиот оператор основен суд, се пренесува на сите медиуми. Еве неколку моменти:
„Кокошко!“, ѝ вели Вилма на Катица.
„Гуско!“, враќа Кејт.
Смеење во публиката.
„А ти бе клошар?“, му се заврте Вилма на Боки.
„И ти беше клошар пред да почнеш да искачаш со мене“, враќа Тредичи.
Смеење во публиката.
И додека кај нас се одвива петпарачката судска сапунска серија, во Лондон имаме блокбастер-комедија. Главната улога секако ја има Доналд Трамп. Споредните ликови го озборуваат по кулоари. Само наш Зоќи не може да си ја најде улогата. Те е каскадер, те изигрува дублер, а најмногу личи на непотребна кулиса. Но не ми е он муабетот. Северџанистан, штотуку абортиран, има лоша карма. Трга накај ЕУ, а Британија си оди. Еве го на прагот на НАТО, ама Алијансата во сериозен колапс. Трамп го напушти самитот пред тој да заврши. Во Штатите, Бајден и компанија врескаат дека ако Доналд лапне уште еден мандат, ќе донесе крај за НАТО. Тоа баш би сакал да го видам. Ме интересира дали ќе има масовни самозапалувања.
Се ситиш, Русјаков, а? Ликуваш.
Јас? Јок. Размислувам.
За што?
За нашето столче во НАТО. Нè седнаа до Норвешка. А нивното столче од другата страна на тоа НАТО-асталот. Ама па што ако? Ние сепак си седиме до Норвешка, која е на другата страна од нас. Важно кодот го забетониравме. Оној МК-кодот. Само што сега забетониран стана НОМ. Скратено од Нови Морони. Што е висти…
Извинете што не ја довршив реченицата, снема струја. Така е секој ден тука во Карпош. Јас сум навикнат, мене често ми ја исклучуваат. Не ми е јасно само зошто карпошани се лутат. Па тие во најголем број излегоа да гласаат за северна. А северна ти е нешто како Југославија во осумдесеттите. Заев е Тито. Тито ги создаде неврзаните, а Зоќи северџанистаните. Детето од Муртино, како детето од Сутла. Еве, сега има и рестрикција. Фали уште слетови и штафета да вратиме. А рестрикција во НАТО не е исто како мракот на режимот. Затоа, тишина таму! Живејте како сто години да ќе нема датум, ама бидете подготвени како утре да ќе снема струја.