Есеј за страста (1) (или како е задушена таа кај Македонците)

Можеби ти е чуден насловот на нашата денешна колумна, драг читателу, дека е премногу апстрактен за да се вглоби во денешната актуелна македонска историска ситуација. Можеби имаш право, а можеби не, оти барем на почетокот со поднасловот ти ја сугерирам таа актуелност. Но биди малку трпелив. Повеќе од сигурно е дека страста е веројатно најтешкодоловливиот за порационално дефинирање феномен. Го изустувам тука чувството што е нешто друго. Поимот страст не е само од психолошка туку и од онтолошка природа. Можеби и повеќе од онтолошка, како некој вид екстатичен, да се изразам хајдегеровски, „говор на битието“. Германскиот филозоф кон кого јас имам посебна слабост, таа формулација, пак ја има употребено за јазикот, а конкретно мислејќи на поезијата, во неговите есеи за Хелдерлин, Рилке и Тракл.

Страста е сеопфатна, повеќе и од феноменот и чувството што се вика Љубов, боготворена посебно во христијанската теологија, но и кај сите други големи религиски системи. За разлика од неа, страста во својата исконска енергија, каква што се манифестира кај човекот, е жестоко критикувана од страна на христијанските теолози и светите отци, од нивниот спиритуален пуританизам. Оти тие неа ја подразбирале строго аполониски, единствено и само како страст за Бог, отфрлајќи ја сетилната телесна страст, која меѓутоа не мора да ја негира спиритуалната. Напротив, таа честопати тежнее да се спои со неа, што е нејзина возвишена цел. Возвишена желба, како што би рекол Киркегард, кој од аспект на љубовта меѓу мажот и жената ја дефинира како еден вид „психочувствена синтеза“. Страста како онтолошко-психолошки и филозофски топос, според Ниче, пак, има и културно-цивилизациски карактер. Така, за него таа е западна, типично „европска специјалност“, што не е случај со индуистичкиот и будистички Исток. Таа теза од него ја презема, повторно актуализира, апсолутизира и развива и Дени де Ружмон во делото „Митови за љубовта“, надоврзувајќи се притоа, разбирливо, и на Киркегард, чувствен и духовен близнак на германскиот филозоф. И двајцата, пак, жестоки критичари на железната аполониска дисциплина во однос на сетилната страст на црквата и официјалното христијанство, кое го презира телото во интерес на душата. Да се сетиме само на она на апостол Павле „телото за ништо не служи“. Ниче вели дека, такво, христијанството ги исушило животните сокови кај човекот, соковите на страста, на нејзиниот дионизиски оргијастички нагон. Тој, како и Киркегард, него го наоѓа сублимиран во креативната страст на човекот за уметност, а од уметностите најмногу и најевидентно во музиката, која, според него, е неодвоива од трагедијата (во антиката), возвишувајќи ја истата таа и доведувајќи ја до оној климакс што Аристотел го означува со поимот катарза.

Страста како архинагон не можеме да ja идентификуваме ни синонимски со поимот чувство. Таа е само извор на чувства. Меѓу нив најмногу на чувството на радост. Во уметноста, која Ниче ja става над религијата, тоа е конкретно радоста од креативниот чин. И таа и таквата страст во облик на креативна екстаза е препознатлива и во секоја епоха, како и кај секој уметник посебно. Треба само јасно да се согледаат нијансите на таа препознатливост. Да го земеме на пример сликарството. Она на италијанската ренесанса е воздржано и култивирано во страста што соработува со интелектот. Но и тука постојат видливи нијанси во разликите за суптилниот дух и око. Така венецијанските сликари (Тицијан, Џорџоне, Веронезе, Тинторето) не се толку интелектуални како оние од Фиренца, на пример Леонардо и Рафаел, туку повеќе се потпираат на инстинктот и интуицијата за боја и светлина, како и за пејзажот, бивајќи така далечни претходници на импресионизмот од втората половина на 19 век. Нивната страст за колористичка оркестрација е ненадмината. Нивните далечни наследници, пак, француските импресионисти таа страст за бои и светлина целосно ќе му ја препуштат на инстинктот, на која потоа фовистите ќе ѝ втиснат архаичен, див белег на екстаза. Ако поминеме, од епоха и стил на индивидуи ќе дојдеме до една бескрајно богата скала од нијанси на креативната страст кај секој уметник посебно. Кај некои од нив таа е нескротлива и има, како кај Микеланџело и Ван Гог, облик на лудило и делириум.

Ако одиме, пак, пошироко и подлабоко на архетипски план со антрополошка основа, страста, драг читателу, има свој карактеристичен идентитет, боја и нијанса и кај секое посебно колективно битие или душа. Иполит Тен и Јунг би рекле и кај секоја раса. И целосно се во право. Митовите, легендите, песните, ората, па и накитот, носијата, везовите, сето тоа е исто така покрај другото и автентично огледало на генот на еден колектив. Покрај другото и затоа што е создадено со нагонот што се вика страст. А тоа не е занемарливо при една каква било анализа, дури и социолошка. Во таа смисла, што е за мене особено важно, драг читателу, може да се набљудува од аспект на феноменот страст и македонското колективно битие. Речи душа. Сеедно. Ако тргнеме од претпоставката на Хелдерлин дека ние сме, слично на поетите на кои мисли тој, читачи на знаци ако сакаме да го протолкуваме карактерот на македонското колективно битие, треба да застанеме пред огледалото во кое се рефлектираат тие од антиката до денес. И што можеме да заклучиме гледајќи ги нив како роеви соѕвездија во тоа антрополошко огледало на македонскиот колективен гениј и душа. Тоа дека сите знаци во основа се одлика на екстатична, химнична, страсна и надарена душа што располага со магијата на трансценденцијата, на моќта дури и во најтешките историски премрежиња темнината да ја преобразува во светлина, елегијата во химна, болката во ведер крик и, како Иcyc, смртта во живот. Целокупната македонска антрополошка слика од митовите, легендите, ората, песните и обредите до везовите, архитектурата со нејзините музикални линии на градбата и сакрална синтеза на обликот со светлината до посатките за домаќинство, сето тоа е екстатичен говор на креативната радост на македонското колективно битие, архибелег на неговото светло постоење. Сето тоа, пак, сите тие знаци, врзани алка за алка како целина од антички архаични времиња до денес се именува со поимот меморија, најважната супстанција на секој колективен дух и душа со која тие се легитимираат во своето автентично историско постоење пред себе и пред светот. Најпосле, или првин, и пред Бог.

И сето тоа е прекрасно, драг читателу, и ние имаме право на гордост од нашата блескава историска меморија полна та преполна со роеви креативни духовни и културолошки знаци, кои, многу од нив, се вградиле и во културно-цивилизациската слика на Европа и светот пошироко, за што имаме зборувано. Да, ама сега како што знаеш се спушта самрак над таа наша меморија. И пред тоа крадена, таа сега не само што докрај се разграбува со амин на големиот цивилизациски тотем со атрибутот Запад, туку по cè изгледа ќе ни се забрани дури и во сонот да навраќаме кон неа.

Тоа. Туку сега навистина е драматично прашањето дали денес под неверојатно страшниот притисок од западните и балканските сатрапи, „мајстори на смртта“ (Пол Целан), на кој е изложен македонскиот народ (само тој во Македони) постои сè уште во него, и во кој процент, енергијата на страста, која е априори гаранција за витализмот како на единката така и на колективот, на племето. На тоа прашање, драг читателу, јас одговарам песимистички. Страста, нагонот за креативна и воопшто животна радост, за екстаза на битието, за против за песна и оро денес е речиси столчена кај Македонците. Да се потсетиме тука по аналогија на своевремената дефиниција на Блаже Конески на нив како на „столчено племе, а сега во оваа сегашната мачна историска ситуација како жртва на темната европска страст таа дефиниција, сè се плашам дека се зајакнува во синтагмата „дотолчено племе“. Оти таква е намерата на западните и балканските варвари кон нас. Постојат сериозни знаци на животна заболеност. Сериозни. Знаци на страшна психолошка апатија и деморализираност кај Македонците. Тук-таму постои понекој осамен пламен на биолошка и духовна виталност, додека и тој не избледи под притисокот на страшниот западен менгелеовски експеримент на идентитетска ликвидација над цел еден колектив, кој е виновен и го плаќа долгот на белосветските масони и цивилизациски канибали само затоа што е историски и културно-цивилизациски наследник на името Македонија. Сведоци сме со македонскиот пример сега, драг читателу, на повторното повампирување на западниот фашизам, ако воопшто тој некогаш и престанал. Оти, како што знаеш, Американците, на пример, од антифашисти, борејќи се против Хитлер, веднаш по завршувањето на Втората светска војна, 1945, побрзаа со атомските бомби врз Хирошима и Нагасаки да го воспостават новиот светски фашизам, кој, како што гледаш, се покажа многу повитален и поинвентивен од Хитлеровиот. Па и Европа побрза на тој план само неколку години по нив да им се приклучи на пријателите по душа и сензибилитет преку океанот, со напалм-бомбите на европскиот тотем Черчил што заедно со грчките монархофашисти ги чистеа Македонците од Егeјска Македонија. И сега е истата европска ситуација со Македонија, во која Македонците се притискаат и физички (албанскиот тероризам од 2001-та со амин на Европа и Америка) и идентитетски, со нивно обезименување и бришење на нивната историска меморија не само во учебниците туку со разни нацифашистички менгелеовски методи и од нивната генеричка свест. Очај до лудило.

Ни го ништат генеричкиот извор на страста, радоста на елементарниот живот во кој земното се меша со небесното. За разлика од нас, пак, едно наше малцинство ја поседува таа витална страст во енормно количество, до еден вид палеолитска трибалистичка екстаза. Таква, тоа неа, наместо да ја сублимира, ја преобразува (како што препорачуваат Фројд и Јунг), ја користи со нејзиниот див, неприпитомен во култура, агресивен и деструктивен енергетски потенцијал за потиснување на оние околу себе.
Но, покрај некои наследени атавистички, колективни, племенски диспозиции треба да знаеме дека тој тип варварска cтраст тука е понекогаш до усвитеност подгреван и од Западот, евроамериканскиот доктор Менгеле, кој сега има за задача не само кај поединци, индивидуи туку да ја моделира според свои потреби душата на цели народи и колективи, развивајќи ја во нив главно антицивилизациската, антикултурна eнepгија и давајќи му на тој начин тек на модерното варварство, чие едно од неговите имиња е: глобализам, или со други зборови новиот светски поредок на богатите обликуван во суровиот систем на новото планетарно робовладетелство.
И тој и таквиот експеримент на западниот нацифашистички доктор Менгеле, драг читателу, е успешен, а сега негова фиксирана жртва се Македонците. Тие се новиот западен цивилизациски модел на Хитлеровиот холокауст над Евреите. Тие се новите Евреи на бриселска Европа. Нашето искуство сега со неа е такво. Тоа е тоа. И која е цената, а следствено на тоа и резултатот на западниот експеримент со нас Македонците што нè преименуваат и идиотски идентитетски убиваат? Таа е запечатена во нивната мрачна цел за наше целосно исчезнување од картата на народите. За тоа тие користат врз нас силни психолошки електрошокови, но по потреба и физички за вкоренување страв и наша колективна стигматизација. Примерот со албанскиот тероризам во 2001-та поддржан од терористичкиот НАТО, кој нè убиваше, а ние сега без достоинство насилно се буткаме како идиоти во него; и од пропагандата на силната евро-американска антицивилизациска машинерија е доволен. А по него имаше и други: Смилковско Езеро, кумановско Диво Насеље…

(продолжува)