Националната галерија на Македонија (НГМ) вечерва, во 20 часот, во „Чифте-амам“ ќе ја отвори изложбата на дела од Ибрахим Кодра, еден од најзначајните ликовни уметници од Албанија, по повод 100 години од неговото раѓање. Ќе бидат претставени 57 дела, главно масло на платно, кои ги отсликуваат сите фази од творештвото на Кодра (1942-2005 година). Дипломирал на академијата „Брера“ во Милано, каде што живеел до крајот на животот во 2006 година. Кодра е претставник на европскиот кубизам, кому пријатели му биле Пикасо, Модијлани, Матис, Брак, Дифи…
Директорката на НГМ, Дита Старова-Ќерими, рече дека ова е мал дел од големиот опус на Кодра, кој се состои од околу 6.000 дела. Вкупно 36 дела се донесени од фондацијата „Ибрахим Кодра“ од Милано, 20 се отстапени од Националната галерија на Косово, а една слика е од приватен сопственик од Македонија. Најголема слика меѓу изложените е „Фантастична Албанија“ по која, рече Старова-Ќерими, Кодра е препознатлив.
– Кодра е меѓу значајните автори што се достојни за претставување во нашата галерија во годината кога одбележуваме 70 години постоење – рече директорката на НГМ.
Амбасадорот на Италија, Карло Ромео, истакна дека изложбата е единствена можност да се видат, како што рече, неверојатните дела од Кодра, од кои најголем дел доаѓаат од Милано.
– Покрај овие вредни дела, кои ќе може да се видат во оваа прекрасна галерија, треба да се нагласи и тоа што изложбата обединува неколку земји. Тоа е и главната цел на уметноста – да ги зближува луѓето и културите – рече Ромео.
Амбасадорот на Албанија, Фатос Река, додаде дека Кодра е Албанец што творел во Италија, но, рече, тој е европски граѓанин што соработувал и контактирал со врвни уметници во светот.