Амбицијата за европски сили за брзо распоредување во случај на криза воскресна во Брдо, Словенија, пред две недели, откако Германија јавно ги повика членките кон прагматични и оперативни чекори во давање согласност за „Коалиција на волјата“ (мн. слично како онаа во Ирак 2003-та). Тоа, според визијата на германскиот предлог, треба да создаде практична можност за операционализирање на инструментот на политичка моќ, кој во услови на интензивиран и зановен геостратегиски натпревар ја прави Унијата слаба и ирелевантна. Овој повик е значаен бидејќи е обид за воскреснување на идејата што е активна уште од 2007 г., но која поради скептицизмот на Велика Британија никогаш не заживеа сериозно. Само колку за потсетување, идејата назад во 2007 г. беше формирање борбени групи (налик на борбените групи на САД по трансформацијата од глобалната војна против тероризмот) со бројка од 1.500 војници со експедициска мисија. Блокадата, барем официјално, своето оправдување го имаше поради разликите околу финансирањето и кристализација на мисијата – задачите што овие сили ќе ги имаат. Очајната потреба за ваквиот чекор, покрај другото, е резултат на хендикепот и паниката од немање капацитет да се извлече дипломатскиот и преостанат персонал на Унијата автономно и без поддршка од САД, кој стана евидентен (а за кој се предупредуваше доста), по повлекувањето на САД од Авганистан.
Сериозните анализи во овој контекст правилно заклучуваат дека историјата е таа што како катализатор може да ги однесе работите во посакуваната/очекуваната насока, за што е потребен некаков движечки момент. Борел (високиот претставник на Унијата за надворешна и безбедносна политика и заменик-претседател на Европската комисија) најверојатно во овој контекст, за време на неговото претседателствување со состанокот на министрите за одбрана на Унијата во Словенија, изрази надеж дека ваков план има изгледи да се официјализира во октомври или во ноември оваа година. Укажувајќи дека Бајден е трет американски претседател што навестил повлекување на САД од експедициските мисии за потребите на ЕУ или во нејзиниот двор – опкружување, Борел смело навести дека ЕУ треба да ги активира „Првите сили за влез“ со капацитет од 5.000 војници за во практика да ја намали зависноста од САД.
Во оваа насока, би можеле да издвоиме три сериозни аргументи (од кои едниот е мошне условен или народски би рекле „да, ама зависи“) што може и даваат светло на крајот од тунелот и одат во прилог на Борел.
Прво, обновената заложба на Германија за ова што е силен ветер во грб. До скоро, Германија беше категоричен противник против испраќањето сили во експедициски мисии дури и под мандат на ООН. Тоа беше сериозна пречка и за попрагматичен развој на НАТО. Впрочем, токму затоа, кога Олбрајт го правеше последниот стратегиски концепт НАТО доби три наместо една мисија што го отсликуваше различниот интерес на Алијансата од Брисел до Вашингтон. Сепак, неодамнешниот твит на министерката за одбрана на Германија, Анегрет Крамп-Каренбауер, дека во ЕУ коалицијата на волјата е можна доколку се согласат сите на тоа, е значителен исчекор од рамката за пасивна и инертна одбрана. Таа, меѓу другото, потенцираше и дека „ЕУ е во предност затоа што не треба да создава сили. Тие се готови.
Прашањето за тие сили е како ќе се организираат“. Имајќи на ум дека Германија е една од воено најсилните членки на Унијата (барем според статистиката и потенцијалот на вооружувањето – без да ги земеме предвид негативните процени за борбената готовност на панцир-дивизиите), ова може да биде значителен „про аргумент“ кон тоа дека амбицијата на Борел може да биде реална. Иако меѓу воено најслабите членки на Унијата, Словенија отсекогаш знаела дипломатски и практично да го препознае моментот, па најверојатно затоа словенечкиот министер за одбрана Матеј Тонин отиде подалеку имплицирајќи на регулативни („апдејти“ – зановувања) појаснувајќи дека „ЕУ-силите може да нараснат од 5.000 на 20.000, а нивното распоредување не мора да биде предмет на консензус“. Неговата визија за нараснувањето ја поткрепи со lex ferenda – (какво би требало да биде правото за да соодветствува на ситуацијата) предлог, класичното мнозинство е сосема доволно да ја одблокира оперативната распоредливост на Европските сили.
Втор силен аргумент е фактот дека перспективно, со Унијата од јануари следната година треба да претседава Франција. Франција е страстен поддржувач на оваа идеја (или повеќе генерално за воена автономност) и за која накратко се осврнав во минатата колумна. За Макрон, тоа е добитна комбинација и секако излез од ситуацијата во која е сега. Меркел, која беше противник, замина, а и Британија – силен противник на оваа идеја, е надвор од Унијата, па идејата на Макрон да го компензира економскиот дефицит преку воениот суфицит (бидејќи Франција има најсилна армија во Унијата) има сериозна шанса да стане реалност.
Трето, без разлика на различните шпекулации и заговори, чистата логика на геостратегиската поставеност диктира дека на САД им е во најдобар интерес да има јака Европа што може да биде самостојна и партнер. Таквиот заклучок доаѓа од заедничките вредности преку интересите и конечно, заедничките противници (ако на ништо друго на вредносниот систем – кој е егзистенционален за Унијата и земјите-членки пред налетот на силните, според нив, авторитарни системи што имаат поинаков поглед за многу работи од Унијата). Во тој контекст на пример, запрашан за коментар за германската министерка за одбрана, портпаролот на Стејт департментот на САД, Нед Прајс, подвлече дека во интерес на САД е да има силна Европа. Но тој додаде и дека САД ја поддржуваат засилената соработка помеѓу ЕУ и НАТО – предводена од САД. За него „НАТО и ЕУ треба да го искористат уникатниот институционален капацитет и да избегнат дуплирање и евентуално непотребно трошење ресурси“.
Последното укажува на потенцијален предизвик што ја фрла идејата на Борел во утопизам и кој барем засега тешко би можел да се надмине бидејќи таквиот предизвик е суштинско-оперативен поради неколку причини. Прво многу идеи, колку и да изгледаат логични кога ќе се операционализираат, умираат, или поради немање критична маса за суштински промени или, пак, поради неисплатливост.
Во случајот може да се и двете. Од односот на земјите-членки операционализацијата е проблематична поради мисијата, целите и очекувањата од употребата на силите. Дополнително, внатрешните динамики и „јавно мнение“ досега, барем во борбата против тероризмот или сајбер-безбедноста (одбраната), покажаа на суштински разлики кај членките. Покрај политичката, е и правната бариера, што го подгрева сомнежот дека предлогот засега е утопија. Иако соработката во доменот на правдата и внатрешните работи – III столб, е добро развиен, голем број принципи на кои почива експедициската оперативност – распоредливи сили, се во судир со концептот и во крајна линија културолошките сфаќања на правната елита во Унијата. Судот во најмала рака го покажа тоа во неколку наврати, како во сајбер-просторот така и во борбата против тероризмот. Конечно, идејата е утопистичка бидејќи е предвремена. Елитата во Унијата е „либертарјанска“ и верува во решенија преку „мека моќ“ – не со сила. Тоа може и ќе биде најголемиот бедем што треба да се надмине. Далеку од тоа дека нема прогрес во оваа насока (како на пример рапидната промена и приближување кон позициите на САД кај одделни земји-членки во домашните истраги против терористите или еволуција во сферата на сајбер-одбраната – прифаќање офанзивни сајбер-операции). Но за ова се потребни суштински, не парцијални промени. Сепак, ставени во предлогот на словенечкиот министер за одбрана, особено ако се знае дека историски знаеле да бидат предни тркачи за Германија, можеби и тука ќе се бара решението. Но таквиот прагматичен преседан за одлучување може сериозно да ја разниша Унијата, особено поради големиот број политички небулози (ставени под тепих, како онаа нашата). Дотогаш Борел има уште два месеца во кои ќе мора да ја активира дипломатската машинерија и да даде предлог.
(Авторот е универзитетски професор, придружен професор на Државниот
универзитет во Аризона, САД.)