Коста Стоименовски
Во последните 500 години Западот, благодарение на научно-техничката супериорност, уживаше големи привилегии. Посебни привилегии имаа европските земји со силни морнарици, кои им овозможија да ги направат големите географски откритија и да колонизираат голем број од новооткриените земји, од кои изнесоа огромни богатства. Најголема колонијална сила и светски лидер до крајот на 19 век беше Велика Британија, а од почетокот на 20 век лидерската улога ја презедоа САД.
Во периодот на колонијализмот, со експлоатацијата на колониите, колонијалните сили енормно се збогатија. По укинувањето на колонијализмот, а посебно во времето на глобализацијата, состојбите во светот битно се променети. Најголема полза од глобализацијата имаат Кина, Индија и други земји во развој што имаа државници со визија за вклучување во глобализираниот светски поредок. Посебно место во овие промени, сепак, ѝ припаѓа на Кина, во која гладот што се случи во периодот 1959-1961 година однесе најмалку 45 милиони жители и во која во текот на Културната револуција (1966-1976) беа убиени меѓу 5 и 10 милиони жители на оваа земја. По смртта на Мао Ѕедунг, мудрите кинески државници пристапија кон постепена либерализација на економијата под надзор на Кинеската комунистичка партија и мошне успешно ја трансформираа својата економија од „најголема светска мануфактура“ во уникатен систем на социјално-пазарна економија.
Благодарение на ваквата политика, Кина стана најголем добитник од глобализацијата и нималку не е случајно тоа што кинескиот лидер Си Џингпинг, на економскиот форум во Давос, пред три години, изјави дека „глобализацијата треба да се брани со робусни средства“!
Значајно би било да се истакне дека Кина, во споредба со развиените западни земји, е во голема предност со тоа што од нација што пред половина век умираше од глад, прераснува во лидер на четвртата индустриска револуција, поточно на информатичката технологија. Импресивниот развој на оваа земја е постигнат благодарение на издвојувањето на 5 проценти од бруто-домашниот производ (БДП) за науката, мошне квалитетното образование, континуираното подигање на животниот стандард на кинеските граѓани и зајакнувањето на средната класа, која во согласност со процените на некои западни институции има 300 милиони жители, што е повеќе од бројот на средната класа во Северна Америка и Западна Европа заедно! Ваквите позитивни трендови во Кина придонесуваат за огромната доверба на кинеските граѓани во политиката на кинеското раководство, која се движи околу 90 отсто! Ваква доверба немаат демократски избраните раководства во која било друга земја!
По Втората светска војна дојде до поделба на светот на Исток и на Запад. Главна причина за ваквата поделба беа непомирливите идеолошки разлики што постоеја во периодот на Студената војна, кога двата блока функционираа како монолитни заедници. По поразот што го претрпе социјализмот во натпреварот со капитализмот и по распадот на Советскиот Сојуз и на Варшавскиот пакт беа елиминирани причините за поделбата на светот. Меѓутоа, овие случувања не само што не придонесоа за обединување на светот на демократска основа туку, за жал, придонесоа за сериозно нарушување на демократијата и нејзиното узурпирање од транснационалните корпорации. Рускиот филозоф, социолог, писател и публицист Александар Зиновјев, кој како дисидент во времето на советскиот лидер Л. Брежњев беше протеран од Советскиот Сојуз, на крајот на својот живот изјави дека демократијата крахира со распаѓањето на Советскиот Сојуз и на советскиот блок и дека работите од рацете на демократијата ги презедоа транснационалните корпорации! Анализите на некои еминентни научници покажуваат дека од 100 најголеми економски единици во светот, само 30 се држави, додека 70 се мултинационални корпорации! Поранешниот премиер и претседател на Израел Шимон Перез, на економскиот форум во Давос, во 2013 години, изјави дека мултинационалните корпорации се помоќни од владите на многу земји!
Победата на Западот во Студената војна, распаѓањето на Советскиот Сојуз, на Варшавскиот пакт и на биполарниот светски поредок, како и појавата на Кина како земја во силен подем, придонесоа за максимално комплицирање на европската и светската политика. Прогнозите дека по завршетокот на Студената војна се воспоставува монополарен светски поредок, предводен од Америка, се покажаа нереални и погрешни!
По изборот на Доналд Трамп на чело на САД дојде до видно слабеење на единството на Западот. Со геслото „Америка на прво место“, Трамп јасно покажува дека САД во иднина немаат намера да ја плаќаат сметката за одбраната и безбедноста на европските земји-членки на НАТО. Старите членки на НАТО од Западна Европа не се премногу загрижени поради ваквата политика на „непредвидливиот“ Трамп. Идолопоклонство кон САД покажуваат само земјите-членки на поранешниот Варшавски пакт, кои сметаат дека само Америка може да биде гарант на нивната безбедност од можната руска агресија!
Авторот е поранешен дипломат