Најнапред едно појаснување за насловот за да нема забуна кај читателите. Зборот „окупира“ не го земам од воената терминологија туку од цивилната. Во речникот на македонскиот јазик зборот окупира, освен што означува заземање, освојување туѓа територија, подразбира и да се задржи нечие внимание, да се ангажира некој во определeнa активност или работа, да се зафати, да заземе определено место или простор. Ги замолувам читателите овој текст да го читаат во тој контекст.
Обидот или намерата на аналитичарот, (новинарот), да направи макар кратка анализа на партијата ДУИ (Демократска унија за интеграција) се рамни со стравот од влегување во непозната густа шума. На тој терен истражувачот се изложува на сериозен ризик да не ја дознае или каже вистината, да биде изманипулиран, да донесе погрешни заклучоци, да биде заплашен или обвинет за вознемирување и ширење омраза низ таа недопрена оаза на албанската партија. Најверојатно тоа е и една од причините ДУИ за Македонците да биде политичка и новинарска табу-тема, да се гази по нивната земја доста внимателно, речиси без да се чепне под површината за да не се загрози рајскиот мир. Оттаму се и оцените дека и по 17-18 години од нејзиното формирање, таа во својата внатрешна суштина повеќе е тајна организација одошто демократска партија.
Без да се навлегува премногу во детали, појавата и дејствувањето на ДУИ може да се оцени дуално. За неа може да се рече дека е најконтроверзната, но истовремено и една од најуспешните, ако не и најуспешна партија на македонската политичка сцена од осамостојувањето наваму. ДУИ, и покрај сета нејзина внатрешна затвореност, е партијата што ја отвори и ја промени Македонија, ја смени нејзината општествена, политичка, национална и социјална слика, дури и етничката мапа на македонските региони. Ниедна друга, ниту СДСМ, ниту ВМРО-ДПМНЕ, немала толкаво влијание и толкав и таков успех во промените на нејзиниот уставен, општествен и политички лик и облик. Можеби не на нечија штета, но во огромна сопствена корист. Трансформацијата од разгранок на Ослободителната народна армија (ОНА или УЧК) во политичка партија, речиси сто отсто етнички чиста (албанска), се покажа како полн погодок на долгорочна основа. Иако во 2001 година УЧК беше претставувана како сепаратистичка и терористичка организација, ДУИ како нејзина наследничка, пресоблечена во руво на партија, експресно, ефикасно и ефективно зазеде темелно место во македонските работи, упорно и успешно менувајќи ја македонската држава според потребите на Албанците во Македонија. И покрај тоа што е раширено мислењето дека формирањето, па дури и дејствувањето на ДУИ е странска, прозападна, инсталација и дека еден дел од тој успех се должи на странските поддржувачи и советници, сепак, најголемата заслуга ја добива способноста на самото раководство на партијата на чело со Али Ахмети.
ДУИ доследно ја спроведува својата примарна, ако не и единствена, идеологија на заштита на правата на Албанците. Тој концепт не е оригинален, но е нивни тврдо национален, она што македонските партии го немаат како заедничка цел за заштита на Македонците и нивните права во Македонија. Кај мнозинството Македонци е непознат, скептичен, дури и неизвесен ставот на ДУИ по прашањето за иднината на Македонија како заедничка држава и покрај некои декларативни изјави од нивните лидери. Недоволно јасен е не само за обичните граѓани туку и за лидерите на другите партии, дури и за највисоко позиционираните македонски функционери.
Кај одреден, национално почувствителен дел Македонци, дури и транспарентната определба на партијата за НАТО и ЕУ е подведена под сомнеж, на инсинуации за скриени намери за обединување на сите Албанци од трите држави во една, на штета на територијалниот интегритет на сегашна Северна Република Македонија. Живи се и сомневањата во намерите за некаква Македонија како идна договорена македонско-албанска конфедерација. Докази за тоа наоѓаат во сѐ поголемото политичко, административно и етничко исцртување и заокружување на Западна Македонија, од кумановско Лојане, преку Групчин до Струга, граница извежбана во 2001 година за време на сѐ уште неразјаснетиот воен конфликт.
Од друга страна стојат уверувањата дека Охридскиот договор, уставните измени направени по него, прогласувањето на албанскиот јазик како втор (речиси рамноправен со македонскиот) службен јазик и донесувањето други закони по предлог на ДУИ се сметаат за акти што придонесуваат (или ќе придонесуваат) за зближување меѓу Македонците како мнозински народ и Албанците како етничка заедница, која не брои под 20 отсто од вкупното население во државата. Тој влог има перспектива, но прашање е колку може да го издржи товарот на времето, неостварената желба за обединување и амбициите за прекројувањето на балканските граници, тема долго присутна на разни преговарачки маси и кај кројачите на светскиот поредок.
ДУИ долго стои на нозе, таа е партија што најдолго е на власт во Македонија, освен комунистите во минатиот век. И покрај разни неповолни прогнози, ДУИ нема изгубено собраниски избори, ретко некаде локални во албанските средини. Напротив, од избори до избори станува позначаен фактор и непремостива река во оформувањето на собраниско мнозинство, од неа зависи формирањето влада. Од тие факти може да се заклучи дека од избори до избори ја зголемува партиската моќ, покажува висок коалициски капацитет, ја шири својата политичка територија и законски, кадровски, персонално и социјално. И што е најважно, во најголем процент ги задоволува речиси сите барани национални апетити.
Со свои кадри, преокупира министерства, државни институции, јавни претпријатија, локални самоуправи. Создаде своја политичка елита мудра комбинација од бивши команданти на ОНА и високобразовани млади кадри школувани на светски универзитети. Го воведе и социјалниот систем, единствен во светот, по кој илјада-две илјади нивни членови десет години не одат на работа, а добиваат плата од државниот буџет на домашна адреса. Настојувајќи да ги стигне двете најголеми македонски партии ДУИ, како СДСМ и како ВМРО-ДПМНЕ, овозможи формирање на своја партиска буржоазија сочинета од евромилионери, на дебелото стебло накалеми бизнис-лоби групи, одгледува своја олигархија и тајкуни, како и своја мафија, странични, придружни, но важни елементи својствени на функционирањето на македонските политички организации. Таа таканаречена тендер-дружина секогаш наоѓа заеднички јазик за остварување сопствени материјални интереси, на штета на државните.
Кога е тема ДУИ тоа значи дека тема е Али Ахмети, првиот и, најверојатно, доживотниот претседател на партијата. Ако е самата позиција на партијата доста контроверзна, уште поконтроверзна е позицијата на Али Ахмети, нејзиниот претседател. Може да се каже дека човекот што не проговорил никогаш јавно на македонски јазик, не изустил ниту збор на мнозинскиот јазик на државата ја промени цела Македонија. Овој некогашен млад ленинист – марксист, преку тетовските села Шипковица и Мала Речица, проектира мала по членство, но голема по сила и енергија партија, која којзнае од кои причини никако не сака седиштето да го префрли во Скопје.
Иако и многумина Албанци, граѓани, опозициски настроени, тврдат дека ДУИ е крајно корумпирана партија, иако за Ахмети се говори дека бил припадник на југословенските тајни служби, дека има редица свежи тајни снимки за криминал и корупција, неговата позиција е неприкосновена, како во партијата така и во државата. Тоа е должи колку на внатрешната партиска хиерархиска дисциплина зачувана уште од воениот период речиси недопрена толку и на умешноста на лидерот да се извлекува од сите замки, тивко да ги елиминира своите конкуренти и да употребува средства што се далеку од демократски. Сите македонски лидери на партии извисиле или висат пред своите органи или членство, само Али е недопирлив, можеби затоа што е шеф во сенка, човек сенка.
Ако се верува во она што го пишува на Википедија, нему му е забранет влез во САД и во Швајцарија, каде што долго живееше, и во други европски земји, бидејќи се смета за закана по општата безбедност. Но тоа не му пречи нему да му бидат отворени сите македонски врати, истовремено тој да биде гарант на македонската стабилност и безбедност, чувар на меѓунационалниот мир и соживот и гарант на доктрината „Едно општество за сите“. Али со својата способност, мудрост, тактичност, упорност, не само што отвори туку и многу врати затвори. Не му беа далечни од употреба низа закани и уцени кон македонските партнери, но тој ја знае филозофијата на макијавелизмот, која вели дека сите средства се дозволени кога треба да се оствари некоја цел.
Врз таа филозофија тој ги гради односите и со другите албански партии што израснаа како израз на незадоволство од неговото долгогодишно владеење, кои имаат докази против него да го урнат, но тој потфат, поради низа други околности, не може да го остварат.
На ДУИ и на Али Ахмети им годат, им оди во прилог, поделеноста на македонските партии, нивната нетрпеливост и разбиеност. Во меѓусебната борба за гола власт тие како да ја подзаборавија грижата за сопствениот, македонскиот народ, кој е ставен на ново историско распетие. Дури дозволија да преовладее атмосферата дека сестраната одбрана на албанските права е правилна и праведна борба, а обидите да се заштитат правата и историските придобивки на Македонците како мнозински народ да бидат прогласувани за национализам, за говор на омраза и национална нетрпеливост. Оттаму кај голем дел од Македонците владее мислење дека нивните партии се плашат од ДУИ како од елементарна непогода и дека со Македонија владее ДУИ, а не партијата што се претставува како мнозинска власт, без разлика дали таа се викала СДСМ или ВМРО-ДПМНЕ.