Дрнч

Некаде сум прочитал дека Гоце (Ѓорѓи Делчев) бил љубител на мастика. Дали поради специфичниот вкус на пијалакот (кој им припаѓа на оние нешта што ги сакате или не, но не ги прифаќате рамнодушно) или поради стомачните тегоби, кои наводно ги ублажува (а од кои, според пишаниот извор, страдал македонскиот револуционер) – не би можел со сигурност да тврдам.
На прв поглед, се чини иронично – човекот што бил „чир“ за една империја, а со „стомак“ и срце за револуција однатре и со сопствени сили, да страдал од гастроинтестинални тегоби. Накратко, да бил „само“ човек. Но човекот (како вид) е секако многу повеќе од сплет од црева и нивната врева.
Всушност, во една приземна (дво)смисла, човекот може гордо да звучи само доколку молчат цревата. Зашто едно е револуција на духот, а друго на цревата. Втората, веројатно не се разликува многу од онаа на мајмунот, или ако веќе инсистираме на сличноста – од онаа на свињата. Но првата е „виновна“ што зборот човек знае толку гордо да звучи. Особено на гладно.
Стравот од револуционерниот „стомак“ на човекот (макар и со слаб стомак) ја потврдува историската вистина за најголемиот страв на секое владеење – слободоумното и слободомислечко суштество. Такво што може да се изрази и со бројот „еден“.

Нејсе, веројатно од „слабост“ кон духот на Гоце, милувам понекогаш да ја нагласам блискоста на своите стомачни слабости (сосе оние на непцето) со оние на нашиот револуционер. Со тоа, секако, ниту одземам од револуционерната сила на Гоцета, уште помалку си ја додавам себеси. Едноставно, во изборот на аперитивите на домашната трпеза, предност ѝ давам на мастиката наместо на стандардната домашна (бела или жолта) ракија.
Па, така, во една неодамнешна пригода, домаќинот (знаејќи ги моите преференции) ми понуди мастика, поточно нешто што излезе „несреќен“ обид за мастика, но, сепак, такво што ми разбуди спомен на една значително послободна доба од денешната – на отслужувањето на воениот рок, преку споменот на дрнчот!
Дрнчот (кратенка од детергентски растворувач на наслаги од чад/саѓи) е популарен назив за средството што се користи во војската за чистење на оружјето.

Но со истото име во војската се именуваа(т) и лошите непопуларни чорби, во кои неретко може(ше) да се препознаат „елементи“ од вчерашниот оброк или дури од оној што му претходел. Тоа е своевиден минимализам на воената кујна – со едноставни (и веќе приготвени) продукти да се постигне максимален ефект на денешниот оброк, дополнително „природно“ закиселен.
Едноставно, „оброкот од претходниот ден“ беше „островот“ на кој неизбежно ќе заринкавте порано или подоцна во отслужувањето на воениот рок, но без да се грижите за несакани ефекти. Постоеше вакцина за „сè “, а корона немаше ни за „лек“!
Во секој случај, дрнчот е нешто незаборавно и му пркоси на неуморниот сунѓер на заборавот преку двојниот напад на сетилата – како прочистувач на оружјето од една страна и како прочистувач на цревата од друга, а особено преку специфичниот продорен мирис, чиј спомен (но само по силата на незаборавноста) може да се спореди единствено со мирисот на првата љубов. Токму од тој незаборав исплива неговиот мирис во малата чашка, во која некако по грешка се најде онаа „несреќна“ мастика.

Немав дијагноза за грешката. Располагам со скромни предзнаења за нејзиното производство (вистинското знаење лежи во производственото дејство и неговото буквално преточување во стварност!). Но знам дека освен „базата“ (од сливова ракија) се додаваат и ред други продукти, како анасон, мастикос, кромид, пченка, ванила, цимет и мед… (нека ми прости добриот познавач за кусокот или вишокот на додатоци, не претендирам на оригиналниот рецепт за мастика). Но нешто бездруго беше испомешано или погрешно истурено. Можеби од нешто имаше премногу, а од нешто нужно и премалку, па на крајот излегол оној мирис на дрнч.
Во такви околности, политичката коректност може да ве наведе да го испиете до (дупло) дно, но тоа нема да ве увери ниту вас ниту домаќинот дека сте се напиле добра домашна мастика, уште помалку ќе ви ги смири стомачните тегоби. Напротив, веројатно ќе ги влоши. Можеби ќе почувствувате и нагон за повраќање, и тоа е сосема нормално и здраво – ви кажува дека она што го внесувате во телото е штетно за вас. Понекогаш телото го препознава, а понекогаш не. Во првиот случај, добро е да се послуша и поврати, дури не е предоцна. Во вториот – повеќе среќа следниот пат, ако има следен пат.

Мојот искрен домаќин побара искрено мислење. И го доби. Добриот однос има добра иднина единствено преку искрен однос, но искрениот однос не претпоставува секогаш добри одговори. Ниту лошата мастика може да стане подобра поради политичката коректност на нејзините консументи, само може да го влоши веќе слабиот стомак ако се проголта како добра, а личи на дрнч. Зашто не постои добар дрнч. Дрнчот е дрнч и не е добар за стомакот, а вакцината од воениот рок не трае цел живот. Ниту бесплатните оброци. Уште помалку слободата. Многу нешта се губат или забораваат од воениот рок, а најмногу заклетвите, меѓу војниците и луѓето, и меѓу луѓето и земјата.
Но дрнчот се помни и препознава во некои нови „чорби“, од кои се слошува како во стомакот, така во душата. Како во онаа прослава на независноста: не е доволно да ставите во еден казан разни либерални мирудии и да ја добиете „тајната напивка“ на независноста, па да ги „излупите“ во една вреќа саможртвата и вековните идеали, македонската химна и историја и да добиете слободна татковина. Не (ќе да) е доволно да ги извадите коските од граѓанската држава сосе државничкото однесување, за да ги добиете сервирани на чинија европската иднина и општеството за сите, а пред сè – слободниот оброк за секој поединец: да, државата и општеството се зависни и неслободни толку колку што е зависен и неслободен секој граѓанин на Македонија… Не претендирам на оригиналниот рецепт на правење држава, но очигледно има премногу мастикос и кромид во оваа „чорба“, а медот е замачкан само одозгора на капакот.

Очигледно недостига и основната состојка – базата, за да се приготви „напивката“ што ќе ги смири тегобите на слабиот македонски стомак… И душата сака да поврати од сето она што треба да го проголта, а знае дека е лошо за неа. Душата секогаш знае. Само не знае дали (не) е доцна да се почне одново, кога полека но сигурно се остварува кошмарот на старите генерации: Македонија станува „војнички казан“, во кој (овој пат со бели ракави) сркаат одоколу да се долиже она што останало на дното! А не останало многу.
На „менито“ се веќе Гоцевиот слаб стомак и срцето за револуција. Чии се сега тие? Што ќе прават со нив нивните „трговци“?
За тоа срце требаат широки гради, а за тој стомак добра мастика. Тесноградоста е лош домаќин, а дрнчот лоша чорба, но тоа е сè што е „подгреано“ од еднаш „зготвената“ слобода. Кисела е и тешка за голтање и не трпи подобрувања, ниту заборав, како и онаа Гоцева мисла дека тешко да има народ што толку многу трпел од своите синови, како македонскиот. Дрнчот си е дрнч. Кога ги празни цревата или оружјето. Дај боже да заврши на првото. Изедовме и поголеми срамови.