Останаа уште шест месеци од оваа држава. Држте се, доаѓа нова. Вторпат до нова држава по пат на референдум. Како што рече еден од двата потписника на новата историја, грчкиот министер Никос Коѕијас: ,,Ова е втор случај во европската историја, држава да менува име. Првиот е Австро-Унгарија, вториот е БЈРМ“. Всушност, малку се збуни, таа империја се распадна на две држави, но секоја си го задржа своето родено име. Можеби тоа беше скриена парадигма (гр. споредба) со БЈРМ, да не се распадне случајно и таа ,,империја“ на две држави.
Особено ме прави среќен што, вториот, македонскиот потписник, е дете на ,,дете бегалец“. Тука се става точка на 70-годишната војна помеѓу Атина и Пела со костурските херои. Тие страни војуваа, тие страни се помируваат и потпишуваат. По потписот, ќе следуваат прегратки, бакнежи и долг и среќен живот. Но, загрижен сум за архитравот. Не знаете што е архитрав? Е па, нели сте Антички Македонци? Во новата македонска архитектура внесовме колони, канелури, архитрав, фризови, метопи, црквите имаат апсида, градбите дорски и јонски столбови, кои на нас простаците ни личат на дворски, со царски двери. Но, мене ме загрижува архитравот. На архитравот сега засега, пишува ,,Влада на Република Македонија“. До Нова година, ќе биде така. По Нова година, кога државата Република Македонија ќе се „ребрендира“ по завршување на сите потребни и непотребни претпроцедури за „Република Северна Македонија“, со силна поддршка на САД и на нивниот подизведувач ЕУ, на архитравот ќе биде испишано истото тоа, но сега двапати, на двата службени јазика, со кои одамна се служат двете поголеми етнички заедници во сите институции, особено државни. Тоа ќе биде придружено со сите процедури што ѝ прилегаат на нова и вистинска држава: нов грб, ново знаме и нова химна, нови пари, нова војска и полиција, со нови униформи и амблеми, се разбира.
За да биде разбирливо, новата држава во „централниот регистар“ ООН, по Нова година пријавата ќе ја поднесе на двата службени јазика. Отсега, то ест по договорот за промена името на „Република Северна Македонија“ на архитравот и насекаде, ќе се пишува на два службени јазика. Тоа што Грците, во моментов божем „се согласија“ во договорот, за сосема кратко време (за момент), до Нова година, да ги голтнат македонското потекло, историја, јазик, култура, всушност е само политички, а не хемиски адитив (додаток), кој ќе го поттикне и забрза процесот на ребрендирање (ама шашав термин, за промена на име) со кој ќе се роди сосема нова, „Република Северна Македонија“, сопственост на „две поголеми етнички заедници“ во бизнисот наречени АД. Или ако сакате, тоа е итрина, подметнување со предумисла. Ако не е итрина, туку вистина, за грчкиот потписник ќе следува казна, потсетете се на градоначалникот на Солун, Бутарис или многу поназад во историјата (гр. минато) на селанките од селото Карија, скаменети на храмот „Ерехтејон“ на Акропол. Тие одбиле на Атина да ги дојат дечињата, за да не станат војска на Атина, против Персијците во бесконечните грчко-персиски војни. Кога веќе сме на Акропол и на „Ерехтејон“, задолжително ќе ја споменам и маслинката до храмот, која ја посадила Теодора, бабата на кралот Константин протеран од хунтата. Од маслинката, на секои четири години се кинело гранче и се испраќало на местото на одржување на Олимписките игри, како симбол (гр. знак) на мирот. Но традицијата само еднаш е прекршена, направен е исклучок, едно гранче му е дадено на Тито, за време на неговата посета на Атина и на Акропол. Тоа наводно го заслужил, како најголем поборник за мир во светот. Каријатидите, младите мајки-доилки, за казна биле натоварени на главите да го носат балконот и доживотно да гледаат кон Атина. Ако не успее итрината и Ципрас и Коѕијас одат на „Ерехтејон“ до каријатидите. Но, ќе успее, како и секогаш, докажани се Грците во „маратонски“ борби, од Троја до Преспа.
И како што ѝ прилега на грчката античка митологија, овој пат итрецот што искумува име, ќе ја употреби океанидата Калипсо (овој пат ЕУ) „калипсо“ на гр. значи „ќе се скријам“. Таа е ќерка на титанот Атлас – (САД) оној што ја држи целата Земја на грбот, по кој збирката на географски карти се вика Атлас. Денес таквата збирка на географски карти се вика НАТО. Калипсо (ЕУ) на Одисеј (Ципрас) му ветила бесмртност (преведено во политичкиот речник – долго владеење) што се разбира не се случило со Одисеј, не доживеал вечен живот. Не знам за Ципрас, дали ќе доживее вечен живот во новите избори. Државата РМ е родена пред 27 години над темелите и коските на нејзината мајка родена 40 години пред неа, во манастир. Не забележавме кога роденденот на нејзината мајка, 29 ноември се ребрендира во „Костурски херои“.
Се роди со референдум и таа новородена Македонија и „Македонското девојче, китка шарена“ во централниот регистар за држави ООН беше запишана под „привремено име“, а ние по дома си ја викавме Македонија. Сега, конечно ќе добие извод од матичната книга на отпишаните држави и на нејзино место ќе биде запишана сосема „нова“, која целиот прогресивен свет ќе ја прифати со радост, освен македононосталгичарите, кои ќе си ја паметат онаа, нивната со „привремено име“. Некои ќе си ја паметат асномска, некои илинденска. Сосема „природна“ метаморфоза (гр. преобразба). Дозволено е да си ја имаат во патриотските песни, за затворени веселби и свадби, на маички за тенис и на интернет-карти за „вистинска Македонија“. Конечно „Делете ја, парчете ја, пак ќе биде моја, најмила“ доби смисла. Толку, само 27 години траеше вечниот сон и јаве на Македонците „да имаат своја држава“. Е па, од тој материјал, добро е и толку, барем се чу и прочу, благодарение на Грција, од Австралија до Аргентина, дека нѐ има на веков.
Затоа деновиве, добивам флеки по лицето. Од „хајнекен“. Сум испил три гајби „хајнекен“, ама за 68 години, не одеднаш. Ќе пиев и побргу и повеќе, ама тогаш не даваа ваучери. Во мое време, во кафана одеа недомаќини и „шарени жени“. Сега во кафана одат луѓе од престиж, а богами и цените се за престиж, а жените не се препознаваат кои се „шарени“. Деновиве, во кафеаните и во меаните, (турски каве-хане, хан за кафе, мех-хане хан за мевот) се правеа безброј „свадби“ (матурски), а матурскиот испит не бил положен и може да се полага до август. Ама затоа, прво „свадба“ потоа матурска диплома. Таа се добива задолжително, бидејќи средното образование е задолжително. Што претпријатие ќе беа тие од пиварницата „ Хајнекен“, основана 1864 г. денес е трета по големина во светот, со 125 пиварници, во повеќе од 70 држави, со над 60.000 вработени. Значи, постојат цели 154 години и во меѓувреме никој ниту тие самите не ни помислиле да се ребрендираат. Абе, дуќан да имаш било голема работа, а камоли држава. Затоа деновиве не пропуштив колумна, дебата, да прочитам и чујам и видам што мислат многу поумните глави, колумнисти, професори, академици. Се раскостија од анализи кој предзнак или име ќе ѝ прилега повеќе на Република Македонија. Дали е подобро име со заграда, или без неа, со коса црта, или без превод на кирилица или на латиница. Која измислица ќе му прилега на името естетски, фонетски на англиски или на друг од светските јазици. Ќе ѝ прилега додавка, небаре брош за новиот костим на крштевката.
Првпат во светската историја (простете гр. минато) крштевката е на новороденче, на возраст од 27 години, и првпат е тоа само да си го избира крштелно име. Тоа беше доволно справедливо и фер од кумовите, на младенчето му дадоа неколку имиња на листата со имиња и тоа само си го заокружи своето име. Кутрото младенче се шашардиса од толку имиња. Аџамиска работа. А бе друже Тито, што ни направи. Сите бивши југословенски републики и покраини си ги задржаа имињата и територијата, само Македонија ја остави на ветрометрина. Се разбира дека САД и ЕУ масовно ќе ја поддржат крштевката и ќе стане општа пандемија на брзо признавање на новороденчето. Им досади да чекаат државничко полнолетство, кое никако да стигне за цели 27 години. Остана уште да се доврши архитравот.