Ова е време од годината кога не можам да побегнам од еден личен момент: ова е денот на кој дипломирав (за 3,5 години) и по кој го загубив татко ми. Ќе ми простите што не пишувам за протестите, за аферите, за скандалозните скафандери, за сета грдотија што се насобрала. Сакам да пишувам за книгата, предмет што станува вид во исчезнување… Благодарение на „генијалниот“ план на министерката, само што ќе ги запознаат и засакаат книгите, децата од 10 години веќе ќе влезат во дигиталниот свет. Учебниците фактички горат, слично како во дистописката визија на Бредбери во „Фаренхајт 451“, ама сега дигитално и симболички. Во мојот ум, првата асоцијација на книга е татко ми: човекот што без завршено основно образование, автодидакт, ме научи да ја сакам од проодување. Љубовта кон него има мирис на книга, и обратно. Не остави наследство, освен бараката (во која живеам), поезијата и книгите. Работник/линотипер (во „Нова Македонија“) имаше домашна библиотека, ама не од оние „на метро и по боја“ за да одговараат на дневната соба. Напротив, владееше творечки неред (и сè уште трае околу мене).
Во зимските вечери (без ТВ) си игравме „на буква на буква“, ама не на имиња на предмети, туку на писатели. Така, јас и брат ми ги изговаравме имињата на некои великани како Достоевски, Ман, Иго, Гете, Толстој, Вулф, Драјзер, Зола, Пруст, Ниче, Хегел… уште пред да бидеме доволно зрели да ги отвориме кориците на книгите што секојдневно нè гледаа од полиците. Знаевме дека како што е грев да се фрли храна, грев е да се уништи или скине книга (дури и ако е лоша). Научив да читам сама од едицијата светски бајки „Жар птица“ уште пред да наполнам пет години; едвај го чекав брат ми да дојде од училиште да ми го донесе новиот број. Иако беа на српскохрватски, со мала помош околу буквите што ми беа туѓи, набргу читав течно и на тој јазик.
Ајнштајн во една изрека вели дека единствената работа што апсолутно мораш да ја знаеш е локацијата на библиотеката. Во „Браќа Миладиновци“ одев со татко ми, седната на неговиот велосипед: таму, тој ќе тргнеше кон левиот влез, јас кон десниот (детското одделение) – сè додека еден ден очајните библиотекарки веќе немаа што да ми понудат, па ме испратија во одделот за возрасни. Подоцна, ме пуштаа и внатре во „забранетиот дел“ за странки, бидејќи им беше полесно да ме остават сама да си одберам. Знаев со саати да шетам меѓу рафтовите и да ги отворам книгите, да не знам која прва да ја земам. На пултот имаше повозрасни што се фаќаа за глава кога ќе видеа колку книги задолжувам за само една недела. Некој ќе викнеше: „Леле, па мене би ми требал годишен одмор за толку книги!“. Почетокот на секоја школска година беше време на радост: нови учебници, работни тетратки, боички и моливи! Во тој „лошиот“ социјализам, работник (со една плата) можеше да обезбеди сè што беше потребно за двете деца, без кредити и очајување. Не беше проблем ни студирањето (иако ми остана неостварена желбата да одам надвор од Скопје).
Но бев доволно возрасна да сфатам колку е тешко заработен секој денар, платен со здравјето поради отровните испарувања на оловото од линотипката на која работеше татко ми, често и прекувремено, некогаш по цели ноќи. Сакав да го поштедам колку што можам, па ниту одев на школски екскурзии (иако да побарав, сигурно ќе најдеше средства), ниту непотребно трошев пари. Другарката со која студирав имаше блиски во НУБ, па имавме пристап до депото во кое се чуваа книгите (кои не се издаваа надвор од библиотеката, а кои дури и стоеја како архивски примероци). Во доверба ќе ми позајмеа голем универзитетски учебник негибнат со рака, што значеше дека со трепетна рака треба да ги вртам страниците без да ја оштетам книгата, да не се ни забележи дека била листана, и да фаќам белешки на рака. Така подготвував испити. Но и денес чувам учебници што сум ги купила од љубов (како „Уставно право“ и „Политички систем“ од легендарниот Јован Ѓорѓевиќ). (За жал, имавме и професори што диктираа и/или кои не беа напишале никаков учебник во својата кариера.)
Како станав професор, а без врски, без семејна лоза, без никого? Поради таа љубовта кон книгите и високиот просек што си дојде без да го бркам. Имав среќа родителите да не ми дишат во врат, да не ме напрегаат со она „мораш да ги имаш сите петки/десетки“ – ме оставаа сама да си го наоѓам патот. Нивната поддршка беше безусловна. Татко ми знаеше да ми каже: и учителките знаат да згрешат, не грижи се – ти кај мене секогаш (ќе) имаш „петка“.
Домот ни беше полн со книги и со листови хартија покрај машината за пишување, испишани со неговите стихови… Мајка ми, домаќинка, му беше првиот читател и критичар на стиховите. Читаше многу (и сè уште чита на 90 години), па се случуваше да ѝ загори ручекот додека занесено го чита Хемингвеј. Со брат ми си правевме список на прочитани книги во годината, како еден вид натпревар (не дека за победникот следуваше награда). Се сеќавам на долгите разговори на татко ми и неговиот најстар брат Серафим, околу книги, филозофија, филмови. Чичко ми, исто така, зад себе остави богата библиотека, чии книги и сега се наоѓаат кај мене, заедно со неговите уметнички слики.
Деновиве купив прекрасна книга: мемоарите на еден жив великан, професор по меѓународно право и хуманист, Ричард Фалк. Навечер наместо политички дебати што создаваат стрес и одиум, слушам музика и ја голтам приказната за еден живот што вредел да се живее, за неговите донкихотски битки против војната во Виетнам и сите други што следуваа. За образованието и академската средина, замолчена пред политички и морални предизвици… Речиси разговарам со Ричард, кој ми е и драг пријател и морална поддршка. Поради околностите, книгата ја купив во електронска верзија, што малку ме фрустрира: колку ќе беше убаво да ја држам в раце, да подвлекувам, да ставам белешки на маргините. Ја порачав во печатена форма, па ќе им остане во наследство на моите деца, ќе среќаваат не само пожолтени страници туку и ракопис на саканиот родител и неговите мисли и емоции, како што јас сè уште се дружам со татко ми кога отворам стара книга.
Пред три дена беше и Светскиот ден на книгата – погласен од УНЕСКО во слава на книгите и писателите, а со намера охрабрување на децата и младите да читаат и надвор од училиштето, за задоволство и сопствен развој. На овие години, јас ја имам постигнато среќата за која пишува Цицерон: ако имаш градина и библиотека, имаш сè што ти треба. Малата градина ја засадив со цвеќиња, библиотеката ми е поголема од годините што ми преостанаа за да ги прочитам сите – но љубопитноста не запира, како ни битката помеѓу поривот да се чита и оној да се пишува.
Но среде атмосфера на политичка глупост и ароганција, кога се чини сè децата да се лишат од негувањето на љубовта кон книгите и знаењето, ми се насобраа толку работи што не можам да ги одминам. Како човек, читател, автор и професор не можам да молчам пред (континуираното) злосторство врз младите и врз државата. Наместо да разговараме и да се бориме за квалитетот на книгите/учебниците, за содржината и вредностите (вклучувајќи и за „перењето мозоци“ преку идеологизација и индоктринација од најмали нозе во стилот „НАТО, НАТО, ти се наше злато“), ние сме во стадиум на борба за зачувување на учебниците во „хартиена форма“!!! Зборуваме за фотокопии на електронски материјали, кои како „купусарник“ ќе им се делат на сиромашните!!! Притоа ќе се коригирале и обновувале онлајн, како да е тоа Википедија. Зборува Мила Марија Антоанета Царовска за електронски табли, за дигитализацијата на образованието на Запад, за таблети и слично – а до неа не допира смрдеата на распаднатите училишта и осиромашените домови, ниту веста за неплатените сметки за струја (камоли интернет). Покрај заканата по физичкото здравје на децата изложени на зрачењето од мониторите, уште поголемата е онаа за менталното здравје и когнитивниот развој.
Голем број научни студии опоменуваат за негативното влијание на електронските уреди врз процесите на мислење; некогаш и самите не сме свесни дека сме станале зависници од мобилните телефони, кои ни сраснале со раката, а концентрацијата попушта и скока од едно на друго. Дури и времето за одмор и разонода е врзано со екран (ТВ или видеоигра). Неодговорни родители ги „смируваат“ децата со цртани филмови или видеоигри за да јадат или да не им пречат. Наместо балансирање на времето минато заедно и внатре, со книга или без неа, со времето минато во природа, овде се продаваат бајки за брза дигитализација на детските умови. А згора на тоа, Македонија имала и Стратегија за развој на вештачка интелигенција! Не знае човек дали да плаче или да се смее, особено кога ќе се сети кој ни е премиер и дека наводно и тој навечер читал книги („Зоки Поки“, веројатно, судејќи според речникот и содржината на она што го говори).
Во сиот калабалак најмногу ме боли социјалната неправда и дискриминација, маргинализацијата на дечињата од сиромашните средини – а сиромаштијата се шири како пожар. Ќе може ли дете на работник да стане универзитетски професор во држава во која владее морална и духовна корупција, во која реформи се прават за грантови, на кредит, и за хонорари? Всушност, сета наша беда произлегува од трагичните состојби во образованието (вклучувајќи го и високото): од неуките лекари што лекуваат по телефон и делат антибиотици како бонбони, до неспособните или корумпирани правници (меѓу нив и професори по право), кои ја уништија идејата за правда и правичност, лакомите архитекти и урбанисти што создадоа „Парцела Македонија“ итн. Се сеќавате на изреката дека ако сакате да уништите една нација, не ви се потребни атомски бомби и ракетни системи. Уништете го образованието. Државата ја водат формално учени луѓе, но според резултатите, ова е какистократија (власт на најнеспособните и најлошите). Ми паѓа на ум сликата на уличниот пазар за книги во Багдад, каде што продавачите ги оставаат книгите незаштитени во текот на ноќта, бидејќи тој што чита не краде, а крадецот не чита.