Денови на отрезнување по блокадата од Луксембург

НАСТАНИ, СИМБОЛИ, АЛУЗИИ

Македонската фудбалска репрезентација ги искористи своите шанси и учествуваше на Европското фудбалско првенство. Република Северна Македонија, именувана според Уставот што ќе се памети по името на Зоран Заев, водеше долги преговори, но сѐ уште е далеку од шанса да влезе во големата европска трка. Учествува на маргините, остана зад затворени врати, не првпат, сигурно не и последен. Игра квалификации во низок ранг, настапува во променлива форма, не дава гол, никако да ја пробие тврдата евробугарска одбранбена линија.

Вака на некој начин може да се изведе приближна компарација меѓу македонските фудбалери и северномакедонските политичари, чии неуспеси се пакуваат во утешителни слаткоречиви обланди, обвиткани со проѕирниот целофан околу нив. Реалноста е дека и едните и другите претрпеа порази. Фудбалерите на терените во Букурешт и во Амстердам, политичарите во Брисел, Луксембург и во Софија. Овие вторите, сепак, најголемиот пораз го доживуваат во Скопје, наивно глумејќи успешна политика. Фудбалските порази на репрезентацијата брзо ќе се заборават, како што во меѓувреме се заборавија успесите. Последователниот дебакл, којзнае кој по ред, доживеан пред Советот за општи работи на Европската Унија, предизвикан од бугарската блокада, е уште еден голем пораз на македонската политичка репрезентација.

Ако досегашните ефекти во договарањето со Република Бугарија за македонските политичари беа денови на искушение, по епилогот од средбите во Луксембург би требало да бидат денови на големо отрезнување и освестување. Истото важи и за граѓаните на Македонија, особено на Македонците од сите партии, за нивните умислени лидери. Бугарската бруталност од една страна и европското цинично, дури и карикатурално лицемерство, од друга, се загрижувачки аларм, можеби последната шанса за уште едно темелно и сериозно себепреиспитување кои сме и што сме денес. Целата ситуација налага, време е да се направи еден дополнителен осврт, без романтизам и носталгија, без чалами и самофалби, уште едно согледување и вреднување што направиле Македонците за себе во историјата, од Илинден до АСНОМ, од АСНОМ до денес. На национално, не на лично, ниво да се утврди што е вредно да се жртвува во име на европската иднина, што е она што треба докрај да се брани, ако веќе има шанси да се одбрани.

Таа историска математика може да покаже што добиле, а што изгубиле и во овие 30 години независност. Тој пат не може да се дефинира во неколку реченици, уште помалку да се донесува заклучок за напредок или регрес, за победа или пораз на основните идеи и идеалите на еден слободен народ. Сепак, нужно е да најде одговор зошто по 30 години Македонија се наоѓа на позиции полоши одошто беа на денот на прогласувањето на независноста. Зошто првпат по Втората светска војна Македонија е доведена на работ на гаснење, од кои причини првпат во своја суверена држава сама си ги доведе во прашање државноста, националната самобитност на својот народ, зошто внесе домашен смут за автентичноста на јазикот и писмото, возроди забуна и сомнеж кај новите генерации за тоа кои се, од каде се, на кој национален род му припаѓаат?

Одговор бара и прашањето како и од кои причини Македонија, преку Преспанската спогодба со Грција и Договорот со Бугарија врза зол ѓавол околу вратот на националната свест, а на штанд за распродавање по кванташка цена ги изложи својата историја, минато, култура, традиции, верувања и убедувања. Полупразни се страниците на државниот тефтер на кој се бележат успесите. Освен приемот во НАТО, ништо друго не може да се обележи како европски или светски успех, како скок од една во друга ера. Не е далеку од вистината ако се каже дека Македонија е невина жртва на светската историја и географија, на големите геополитички стратегии, на нееднаквоста на земјите при примена на меѓународното право, но тоа не може да биде главното оправдување за неуспехот на досегашните политички елити што раководеа и раководат со државата.

Тоа се однесува и за сегашните случувања со Бугарија: не може само таа да биде виновна, мора да има некоја дебела македонска грешка, како што е, на пример, непромислено и несреќно (ако не е со намера) прифатената формулација за „заедничка историја“. Токму наводната заедничка историја фалена како алатка за разбирање стана јаболко на раздорот. Ако кога се потпишуваше се тврдеше дека со договорот се затвориле сите нерешени прашања меѓу двете земји, дека тој во својата суштина нуди политика на решавање, а не политика на создавање проблеми, денес е повампирен во сосема спротивното. Нема пријателство, уште помалку братство и единство. Информациите на таа тема, особено давани од македонска страна, колку и да се кријат, да се лакираат или демантираат на крајот ја покажуваат огулената кожа на македонските позиции во спорот.

Што и како понатаму? Што треба да се стори кога некој повеќепати ти ја треснува вратата пред носот?

Тавтологијата декламирана и декларирана од благоречивите странски усти и од домашните главни актери дека довербата и дијалогот се најпотребни со цел да се надмине минатото и да се изгради заедничка иднина, е добронамерна препорака, но без никаков корисен ефект, барем за Македонија. Во регионот, етнонационалните наративи сѐ уште наоѓаат плодна земја и шпекулациите со промена на границите во последните месеци го покажуваат тоа. Односите Македонија – Бугарија, најверојатно, нема да бидат хит на летото, ќе се пее старата песна со нагласка на рефренот составен од зборовите: дијалог, добра волја, пријателство, разбирање. Празни зборови како празни облаци ќе владеат на политичкото небо од двете страни на границата, за жал, и на обострана штета.

Секој аналитичар би можел да се излаже, но и да биде блиску до вистината ако при анализата на однесувањето на актуелните македонски лидери и политичари дојде до помислата дека меѓу нив има разлики, благи, но сепак забележливи разлики. На едната страна од блокот може да се сместат претседателот на Владата, Зоран Заев, и неговиот министер за надворешни работи Бујар Османи. Тие и оние околу нив за реализација на договорот, таков каков што е, и за почеток на преговори со ЕУ, би се бореле до последниот атом, до последниот политички здив, во игра со сите карти. Иако и меѓу нив има разлика: Заев тврди дека не се разговара за идентитетот и јазикот, Османи вели дека и тие прашања се на маса. Другата страна, условно кажано, благо ја навестуваат претседателот на државата Стево Пендаровски и министерот за европски прашања Никола Димитров. Тие ја немаат упорноста на Заев да се урне ѕидот со глава, туку ако бугарскиот ѕид не може да се прескокне Македонија да се откаже од тој обид за прескок барем за одредено време.

Треба да се верува во точноста на изјавата на Пендаровски дека „на Софија ѝ е понудено сѐ што можеше од македонска страна да ѝ се понуди како гест на добра волја и дека Македонија не може да влезе во идентитетскиот комплекс и ако некој очекува дека по јули или август ќе го направи тоа, тој се лаже“. Низ овој цитат јасно се изразува разликата во убедувањата меѓу него и премиерот. Поконкретно, изјавата на Пендаровски дури може да се преведе и како ново понудено решение, кое гласи: „Ако цената за нашиот пат кон ЕУ е обезличување на Македонија, ако се согласи со бугарски идентитет, со бугарски јазик и писмо, тогаш таква ЕУ нема да ни треба. Ова може да се сфати колку фаталистички толку и охрабрувачки. Таков збор, таква разврска Заев никогаш нема спомнато, што ги потврдува претпоставките за различитоста на семакедонските црвени линии“.

За крај нешто приватно. Еден пријател ми објаснува дека на 1 август 2107 е потпишан Договорот за пријателство, добрососедство и соработка со Бугарија. Потоа ми вели дека не на 1 август 2021 г., но неколку години подоцна на некој 1 или втори август (Илинден) може да биде потпишано и соопштено дека Северна Република Македонија стана составен дел на Бугарија и дека Македонците според нови сознанија и според своја волја станале Бугари. Таква согласност постигнале владите на двете држави со целосна поддршка од ЕУ, НАТО и од САД. Сите испратиле честитки. Се слави новото бугарско царство од Охрид до Црно Море.

Веруваат ли читателите во таква солуција, во такви заговори? Тој верува, јас се сомневам.