„Зборот пес не лае“ (Жерар Женет)
Како што стојат работите, зборот „универзум“ наскоро ќе престане да постои, затоа што ќе биде истиснат од зборот „метаверзум“. Така најавува еден од најбогатите луѓе на светот, Марк Закерберг, сопственикот на „Фејсбук“.
Што е метаверзум? Префиксот „мета“ во старогрчкиот значи „зад“. Познат ни е од поимите „метафизика“ (наука за она што е „зад“ физиката), „метафора“ (стилска фигура што пренесува значење „зад“ основното значење) или „метајазик“ (јазик што објаснува друг јазик и стои „зад“ него). Еве сега имаме и „метаверзум“, универзум што стои ЗАД овој универзум, затоа што овој постојниот не ни е ДОВОЛЕН. За „авангардниот“ Марк Закерберг метаверзумот е „широк поим, кој главно се однесува на виртуелни светови што се достапни за поголем број луѓе и се слични на реалниот живот“. Тоа значи дека поимот „симулакрум“ (копија поверна од оригиналот) на славниот Жан Бодријар доживува климакс. Закерберг е убеден дека првата ера на информатиката е завршена (социјалните мрежи) и дека следната граница е создавање метаверзум. Тоа е нов библиски Генезис (Битие), а Закерберг ја има улогата на Семоќен Творец. Човекот, конечно, ќе стане Бог преку Закерберг, зашто неговиот метаверзум е иднината на човештвото: „комбинација на виртуелна и проширена реалност“.
Сите знаат (а молчат) дека самиот поим „виртуелна реалност“ е обична измама, затоа што е contradictio in adjecto, како „железно дрво“: ако е нешто виртуелно, не е реално, и ако е нешто реално, не е виртуелно. Така нѐ учи старата добра логика со традиција од речиси две и пол илјадалетија (од Аристотел наваму). Така нѐ учат и метафизичарите, емпиристите, космолозите, астрофизичарите (евентуалното постоење на паралелни вселени не значи дека тие се виртуелни), а Михаил Епштајн нѐ убедува дека ХАПТИКАТА (наука за допирот) ја објаснува суштината на стварноста и човекот: реално е она што може да се допре, а човекот е суштество што сознава преку допир.
Виртуелно е она што не може да се допре, а сепак перфидно го заменува допирањето на стварноста со допирање копчиња и сензори што создаваат илузии на реалното.
Сепак, онтолошката (а не само економска) лакомост на Закерберг вистински се гледа од поимот „проширена реалност“. Од филозофска гледна точка, тоа е бесмислица – „проширено битие“. Тоа значи: „сѐ, ама проширено“. А ако „сѐ“ може да се прошири, тогаш и не било „сѐ“. Така, станува збор или за елементарно необразован човек, или за измамник. Но кај него се парите, кај него е технологијата што ги „коси“ нашите деца со дрогата на „виртуелните светови“ (повеќе одошто ги коси хероинот), претворајќи ги во асоцијални идиоти што ќе живеат во виртуелни светови. Со тоа нема да им пречат на таквите како Закерберг да си господарат со реалниот свет. „Еве ви метаверзум, ние ќе си господариме со Универзумот“, гласи новата филозофија на панпланетарното господарење со други луѓе.
Што им нуди во „метаверзумот“ Закерберг на нашите деца и потомци? „Оваа технологија ќе им овозможи на корисниците да пратат холографска слика на концерт со пријател што всушност е на самиот настан, а ќе може да седат на виртуелна маса за состаноци со колегите или да играат игри со пријателите“. Или: „виртуелен пазар, каде што ќе може да се продаваат виртуелни производи“. Јас не сум мераклија да купувам виртуелни ќебапи (повеќе сакам реални од кај „Дестан“), но сигурно ќе има такви што ќе купуваат и виртуелна храна, виртуелна проститутка, или виртуелни превозни средства на тој виртуелен пазар. Само, Закерберг не кажува дали и парите со кои „ќе се купуваат“ тие виртуелни „производи“ ќе бидат виртуелни? Јас сепак мислам дека во сите тие виртуелни настани во метаверзумот единствената реалија е џебот на Закерберг. Затоа и брза да го создаде новиот универзум за една петолетка, максимум десетлетка: „многу од овие технологии меѓусебно ќе се поврзат во рок од пет или десет години. Многумина од нас на дневна основа ќе создаваат и населуваат светови, кои ќе бидат детални и автентични како овој“.
Посветете внимание на она: „детални и автентични како овој“. Дали е тоа воведување на капиталистичкото начело КОНКУРЕНЦИЈА меѓу метаверзумот и универзумот, меѓу човека и Бога? Дали Закерберг се гледа себеси како конкуренција на оној што го создал Универзумот, а по кој човештвото трага со илјадалетија, од Платон до Ајнштајн и Хокинг, преку наук и теологии, преку целата европската метафизика, преку астрономијата и астрофизиката, преку квантната механика, обидувајќи се да одговори на единствените важни прашања за секој човек: Кој го создал универзумот? Постои ли создател? Постои ли почеток или ова што постои постоело отсекогаш? Дали е универзумот дизајн или чиста коинциденција? Е сега, со раѓањето на новиот Создател Закерберг, создателот на старомодниот универзум, кој кукавички се крие со векови, ќе мора да се покаже и да излезе на „слободен пазар“. Па, да видиме кој има поквалитетен, поконкурентен и поевтин производ: творецот на универзумот или творецот на метаверзумот? Што е поубаво и попрактично: водопад во планина или виртуелен водопад што не ве прска, а можете да го ставите во дневна соба? Овие луѓе се навистина убедени дека иднината на човештвото е во нивни раце и дека може да се „суспендира“ БЕСПЛАТНИОТ универзум што ни е даден на користење, за да се ПРОДАВА метаверзумот, кој наводно во ништо не заостанува зад универзумот: „автентичен е колку и овој“.
Еве го и последниот цитат од написот што го користам: „Закерберг предвиде дека една милијарда луѓе ќе бидат на ,метаверзум’ во следната деценија… ќе може да работат (на фиктивни работни места – забелешка моја), да комуницираат меѓу себе и да играат игри во виртуелно опкружување, користејќи уреди за виртуелна реалност“. Она „ќе бидат не метаверзум“ мене ми личи на изразот „ќе бидат на хероин“. Затоа, тврдам: тоа ќе биде духовна ЕВТАНАЗИЈА на милијарда луѓе, кои ќе го направат најмасовниот ЕСКАПИЗАМ (бегство од реалноста) во историјата на човештвото.
И уметноста знаела да биде бегство од реалноста, и религијата, и дрогите. Но тоа се доброволни одлуки на личноста, а ова ќе биде ТЕХНОЛОШКИ стандард, conditio sine qua non, неопходен услов за да бидете сфатен како „нормален и современ човек“. Тоа ќе биде интернација на милијарда луѓе во непостојни светови. Како да сте им извршиле депортација на Марс, каде што сте ги оставиле да дишат виртуелен воздух, па со тоа сте извршиле РЕАЛНА, а не виртуелна егзекуција на една милијарда. И тоа е депопулација на планетата. Но по „Пропаста на западот“ на Шпенглер и „Забеган свет“ на Гиденс, веќе ништо не може да нѐ изненади. Кому му е МАЛКУ овој сѐ уште нерастајнет универзум, тој по грешка бил уфрлен од небитието овде, меѓу нас. Таква грешка на природата (синоним за Бога кај верниците) се и новите „демијурзи“ и „седржители“.