Далмација

Никогаш нема да разберам со што ја заслужувам љубовта на пријателите. Понекогаш тоа ми изгледа како вкусна апсурдна шега на битисувањето. Со ова ќе мора да се согласат оние што ги мразат зборовите што ги издишувам. Но тие не се важни, туку чистата безусловна љубов што никогаш не би ја менувал за материјална удобност, за која и не знам практично како изгледа. Ама не смеам да размислувам, камоли да пишувам за ова. Ваквите размисли секогаш се претвараат во суета

Ќе им кажеш каде беше? А зошто да не? И онака не знам што друго да пишувам. Фрлив поглед на социјалните мрежи, по наслови на портали. Не сум пропуштил многу онака отсутен со дух и тело. А и она што го промашив, океј ми е што не сум го забележал. Особено „мал шенген“ турите низ „Скопје 2014“. Тогаш подобро да пишувам за она што не го пропуштив.
„Што планираш да правиш во втората половина на јули?“, ме прашува другарка ми од Хрватска.
Планирам да се потам по дома. Онака сериозно, да ги предадам на горештините умот и телото. Планирам да не патувам. Планирам да не отпатувам во Коњско. Да не појдам до Охрид. Имам големи планови да не стигнам на море. Оти пари имам тамам да си замислувам како нема да отпатувам на неколку дестинации. Прекрасни се моите планови за непатување.
„Ти воопшто да не се грижиш за ништо“, ми вели пријателката. „Јас баш испланирав да те измечтаам едно десетина дена тука со мене“.
Два часа подоцна ми стигна информација за резервиран авионски билет на релацијата Скопје – Загреб – Сплит. И обратно. Така се најдов во Далмација. Два дена во Сплит. По Пула, го открив и овој прекрасен град. Го уживав колку што ми дозволи времето поминато таму. Ме фасцинира со својата опуштена возбуда. Сакам кога контрадикторности се судираат на еден, за мене, книжевен начин.
„Какви се Далматинките?“, ме прашува другар ми по телефон.
„Прекрасни“, одговарам. „Високи, со долги нозе, морски ѕвезди во погледот. Мирисаат на нераскажани, скриени морски приказни“.
„А Далматинците?“, продолжува со прашањата.
„Па, далматинците се онакви“, му велам, „брзи, црно-бели, сакаат да трчаат, се плашат од Круела де Вил“. Молчи збунето. Уживам да се блесавам кога ми е убаво. Далматинците, исто како Истраните, во себе носат приказни. Стари и древни. Понекогаш тие се поврзани со морето, понекогаш со времето што марширало преку нивните предели, носејќи и оставајќи приказни. Во секого од нив можеш да пронајдеш морнар што го бара своето пристаниште. А што кога ќе го најде? Не знам, токму тоа е загадочното и привлечното кај нив. Нивните души, чувствуваш дека имаат плима и осека.

Далмација ги буди сите сетила. Треба само да знаеш да го протолкуваш во срцето она што го дава. Мириса на стар брод што плови низ соништата. Звучи на песна испеана од морска сирена и волшебничка скриена во карпите. Изгледа како убавица штотуку искапена, која се соблекува да си легне врз зајдисонцето. Ако ја допреш, може да се отвори за тебе, да ти го даде скриениот бисер што многумина го барале. Вкусна е како бакнеж на женски усни.
Од Сплит стигнавме во Подгора. По пат го видов прекрасното гратче Омиш, селото Мимица, каде што е роден режисерот Ватрослав Мимица, автор на филмот „Македонски дел од пеколот“. Тука е Макарска. Патуваш покрај чудесниот Јадран, а од него ти мавтаат островите Брач и Хвар. Одамна не сум патувал со море во очите.
Подгора е мало гратче, околу илјада жители. Тука била создадена првата партизанска морнарица. Официјален јазик, чешки. Не се будалам, осумдесет проценти од туристите во Подгора се Чеси. Градот е од оној фамилијарен тип на туристички места. Значи, мирно е, нема врева. Но патувањето не заврши тука. Се качуваме горе во планината. Горна Подгора. Село расфрлано на неколку места. Куќата на мојата пријателка е сама. Нема куќи во близината. Ги добиваш на дланка само звуците на планината, приказната на морето и ветерот што навечер доаѓа како песна.
„Ете, доби билет, куќа, море, шума и планина во едно, ќе добиваш и далматинска кујна, тебе ти останува само да се помачиш да уживаш“.
Така вели мојата пријателка. Никогаш нема да разберам со што ја заслужувам љубовта на пријателите. Понекогаш тоа ми изгледа како вкусна апсурдна шега на битисувањето. Со ова ќе мора да се согласат оние што ги мразат зборовите што ги издишувам. Но тие не се важни, туку чистата безусловна љубов што никогаш не би ја менувал за материјална удобност, за која и не знам практично како изгледа. Ама не смеам да размислувам, камоли да пишувам за ова. Ваквите размисли секогаш се претвараат во суета.

Во една од собите наоѓам удобна плетена фотелја слична на престол. Ја изнесувам пред куќата. Седнувам. И наеднаш се чувствувам како… на десет метри од мене шума, под мене море… како кралот од „Уживај ја тишината“ од „Депеш мод“. Во глава ми се исцртува план за иднината. Да го минам остатокот од животот во таа платнена фотелја. Потресите што ќе се случуваат треба да бидат поврзани со промена на она што го држам в рака… кафе, коктел, пиво… додека седам така и слушам што зборуваат морето, шумата и планината.
„Како сте, господине? Што правите?“, прашуваат странски туристи што дошле да прошетаат низ планината, а ме гледаат мене во фотелјата како да сум стар тотем оставен од албатросите.
„Токму она што одамна го планирам“, одговарам, „да не правам ништо“.
Лажам. Јас никогаш не сум знаел да бидам типичен турист дојден да се одмори. Напишав сценарио за игран филм. Во платнениот престол поминав осумдесет проценти од времето кога не пишував. И не слегував многу долу кај морето. Мене ми е сосема доволно да го пијам со очи. Под газ планина, во душата шума, пред очи море. А вода и летно сонце не е многу посакувана комбинација за кожава во која мора да живеам.
„И колку вкупно потроши?“, прашува брат ми.
Таму, околу триесет и пет евра. И триесет евра за цигарите што ги купив во Скопје.
„Добро, сега“, се јавува и циничната стварност, „сигурно не ти се случуваа само убави моменти, мора да имаше и нешто лошо.“

Па, добро, далматинските комарци не мислеа како овие дома дека сум невкусна вреќа полна неквалитетна храна, чад од цигари, пиво и издувни гасови. Машки ги издржав нивните вампирски ритуали. Она што повеќе ме заболе е губењето на малата икона со Христос, која секогаш патува со мене низ годините. Ја затурив на враќање, на загрепскиот аеродром кај делот каде што вадиш од себе и од ранец дрангулии за да поминат скенер. Забележав дека ми ја нема на влегување во авион. Најмногу ме болеше мајка ми. Мечтаеше еден ден да ја однесам во Далмација. Никогаш немав пари за такво нешто. Секогаш беше поважно преживувањето на утрешниот ден. Го молам Бога дека таму каде што ја одвел, личи на Далмација.
Е браво, Русјаков, значи многу интересна колумна ни изнакажа. И што мислиш, зошто луѓето би ги интересирало твоето ашкање низ Далмација? Им кажа ли нешто корисно?
Веројатно, не. Ама убаво е напишано.