Во срцето на нашиот колективен политички ужас денес лежи нешто подлабоко од неуспесите на еден човек, или една партија, или една влада. Оваа пуста земја е потхранувана од неплоден политички дискурс и зафатена е од неплодни мерки на политика. Има доволно неплодност да ги прими сите оние што се преправаат дека имаат удел во играта. Она што го добивме со новата власт е инфантилно повикување на политика за да им се угоди на туѓи интереси. Затоа е креиран пустош во политиката, кој не може да донесе ништо добро и ништо корисно за државата.
Затоа во Македонија наместо енергичност во политиката постои инертност, наместо страст постои рамнодушност, наместо владеење има бесцелност, наместо спротивставување има повлекување. Девственоста на политичкото дејствување кај нас е заменета со досадна театралност на плиток апсурд. Депресивно е да се преправаме дека ова е демократија, а најмалку дека кај нас се води некаква политика. Зарем уште верува некој дека органскиот дух на демократијата во Македонија може да се произведе низ политиката за да се постигнат одредени видливи резултати.
Погледнете низ што поминува политиката денес. Преплавена е со омаловажување, шуплив гнев, тривијална подлост и бесмислена штета. Товарот на проблемите во политиката е на товар на дискурсот што е лишен од јачината на супстанцијата. Оваа политика денес е далеку од она што го бара функционалната демократија. Политиката во Македонија во моментов е руина, крајно поларизирана, сурова, неискрена и дехуманизирана.
Велат дека во политиката мора да се почитува културата на зборовите. Кога зборовите се вооружуваат и се користат само за да се насликаат политички противници како инхерентно злобни, криминогени, глупави и слаби, тогаш темелите на демократијата се ставаат во опасност. Баналноста и вооружувањето на зборовите на лидерот на „државотворните“ се доволно лоши, но најголемата причина за загриженост е нивната континуирана атака врз фактите, вистината, реалноста. Ваквите зборови се посветени на уништување на самата идеја за вистината. Уништи ја основата на фактичката вистина и лагите ќе се нормализираат. Во таква ситуација животот станува фарсичен, деморализирачки театар на апсурдот.
Гледам неговите поддржувачи не се вознемирени од сѐ што се случува со политиката во Македонија. А би требало. Имам впечаток дека уживаат во тоа. Не сфаќаат дека со текот на годините тие ѝ направија голема штета на нашата граѓанска и политичка култура. Не гледаат, или не сакаат да видат дека низ политиката на нивниот лидер се деградира нашата демократија. Не само што го поддржува незнаењето и ја девалвира вистината, тој го промовира тоа. Неговите зборови ги ставаат под опсада демократските доблести преку ширењето цинизам и фатализам.
Ваквото деградирање на крајот ќе предизвика разочарување, што за возврат ќе ги дискредитира демократските институции. Да бидам искрен, огнот во политиката започна пред да влезе лидерот на социјалдемократите во политичката арена, но тој истури и продолжува да налева керозин на тој оган речиси секој ден. Изгледа целосно е посветен на уништување на самата идеја за фактите во политиката. Неговото владеење е катастрофа што сигнализира смрт на политиката во Македонија.
Фрустриранaта и предадена генерација Македонци се навредени од ваквата дехуманизирана неплодна политика. Презирот што го чувствуваме денес не е едноставно фрустрација или лутина од она што се случува во политиката. Тој е со цел да се надмине прагот од фрустрација до очај, од несреќа до бес, од длабок скептицизам до корозивен цинизам. Она што треба сериозно да нѐ загрижи е што многумина во Македонија изгубија надеж дека можеме да ги решиме нашите проблеми користејќи ги традиционалните средства за политика. Доколку не го надминеме очајот што ги натера граѓаните да ја напуштат надежта во политиката, лесно стануваме жртва на деспоти и го забрзуваме падот на Македонија. Ова е бездната кон која забрзано чекориме.
Се прашувам дали имаме разумен и убедлив аргумент за враќање на „политиката“ како достоен повик кон циничната и разочарана генерација Македонци, за да може повторно да се открие, рафинира и рекалибрира и, во некои случаи, да се преиспита нејзиното разбирање кај нас.
Ќе мора да ги расчистиме заблудите и да ги составиме деловите од она што остана од неа, за да го скицираме патоказот за нејзино закрепнување. Зашто институциите се распаѓаат и социјалните норми се распаѓаат, а демократските процеси и практики се склони кон апатија, демагогија и дезинтеграција. Демократијата не може да се одржи врз основа на омраза и меѓусебно исклучување; политиката не може да им обезбеди владеење на граѓаните на грбот на распарчен парламент, кој не може ниту да дебатира за тоа што мора да се дебатира, ниту да донесе закон за тоа што мора да биде регулирано.
Несомнено, историјата ни приреди непријатна лекција. Реториката на омраза, потсмев и поделби ја сигнализира смртта на политиката во Македонија. Ако политиката е мртва, дали тоа значи дека треба да започнеме повторно? Признавам дека ме искушува звукот на обновата.