Климатските активисти се во право што работат на кревањето на заедничката свест за потребата за подобри начини за создавање и трошење енергија. Но уште поважно е што ни е потребно економскиот раст да продолжи, а не само да се одржи политичката поддршка за зелените политики. Во свет каде што над милијарда луѓе сè уште живеат во екстремна сиромаштија и каде што уште една милијарда се бори за повисок животен стандард, реалистично ветување за заеднички раст е многу попривлечно од апелите за стопирање на економскиот напредок
Зголемувањето на емисиите на стакленички гасови во атмосферата предизвика просечно да се зголемат температурите на воздухот за речиси еден степен во текот на минатиот век. Несомнено во научната заедница овие промени се сметаат за директна последица на човечкото дејствување. Сепак, сè помали се шансите дека ќе успееме доволно да ги намалиме емисиите на стакленички гасови за да се спречи и конечно да му се стави крај на глобалното затоплување.
Последиците од овој неуспех, како што е зголемувањето на нивото на морињата, масовното раселување, зачестените екстремни временски услови и ширењето на нови заразни болести, се очекува да биде катастрофална дури и без да се земат предвид вистинските апокалиптични „последователни ризици“, како што ги нарекуваше починатиот Мартин Вајтсман од универзитетот „Харвард“. Голем дел од цената ќе ја платат денешните млади луѓе.
Ако се земе предвид ова, дали меѓународното движење на ученици и млади активисти „марш против климатските промени“ може да биде решение? Одговорот е да и не. Светот, а особено САД, треба да се освести. Не треба повеќе да се потпираме на нашето лажно чувство на удобност, кое се темели на лажните приказни за геоинженеринг или други технолошки магични решенија. Залагањето за силни одговори на огромните колективни предизвици отсекогаш налагало решителна вклученост на граѓаните и на граѓанското општество.
Но општествените промени исто така наложуваат нови закони, норми и иницијативи. Без значајна легислатива, деловниот свет и поединците нема да го променат начинот на нивното функционирање. Без воведувањето нови норми, фирмите секогаш ќе најдат начини за да ги заобиколат новите закони. Затоа легислативата и нормите мора заедно да функционираат за да се воспостават нови долгорочни иницијативи.
Гневот на денешните млади климатски активисти може да направи промени во светските норми. Но актуелниот бран активизам ќе мора да прерасне во организирано политичко движење за да ѝ се спротивстави на моќта на индустријата што користи фосилни горива, а можеби ќе треба да се здружи со постојните зелени партии или да ги преземе. Предизвикот за активистите е да ја кренат свеста за климатските промени и истите тие да станат приоритет пред другите прашања, за понатаму луѓето да ги поддржуваат политиките за намалување на емисиите на стакленички гасови без разлика на нивните други економски, општествени и културни приоритети. Само тогаш ќе може да се постигне напредок во решавањето на проблемот.
Како што стојат работите, најголемата слабост на актуелното младинско движење е тоа што му недостига кохерентен план за намалување на јаглеродните емисии во економското производство. Всушност, многу млади активисти сметаат дека пазарите и светскиот раст се дел од проблемот. Сепак, индустријата што користи фосилни горива одамна се повикува на принципите на слободни пазари кога лобира против даноците за јаглерод диоксид и регулативите.
Но пазарот може да биде моќно оружје во борбата против климатските промени. Всушност нема причина поради која економскиот раст може да биде жртва на климатската акција. Со соодветно висок данок за јаглерод диоксид би се предвидела цената за штетата, која на човештвото му ја нанесуваат економските активности со висока емисија на јаглерод диоксид, со тоа што би се охрабриле фирмите и домаќинствата да се одвикнат од ваквите практики. Со предупредувањата дека јаглерод диоксидот е најголема закана по животната средина, данокот би имал двојна функција да ги поттикне промените во нормите.
Ако се воведе данокот за јаглерод диоксид, тогаш ќе биде потребно дополнително да се зголеми казната во државите за разлика од сегашната, која имплицитно изнесува 30-50 долари по тон јаглерод диоксид. Па и тогаш, политичарите и климатските активисти ќе треба да преземат дополнителни мерки. Иако данокот ќе ги охрабри фирмите да бараат поеколошки извори на енергија, сепак тој нема да биде доволна причина за развој на алтернативните технологии за ниска емисија на јаглерод диоксид. Како такви, даноците за јаглерод диоксид треба да вклучуваат и добро подготвени „зелени субвенции“ за фирмите и истражувачите што развиваат ветерна, соларна и геотермална технологија, како и за оние што работат на нови начини на ограничување на емисиите од постојните технологии.
Исто како даноците за јаглерод диоксид, зелените субвенции ќе ја користат моќта на пазарот. Не е случајност тоа што повеќето од технолошките пронајдоци во 20 век, како што се антибиотиците, компјутерската технологија, интернет и нанотехнологијата, се должат на владиното насочување и креирање на пазарите. И покрај тоа што истражувањата и субвенциите помогнати од владите одиграа клучна улога во обликувањето на иницијативите, сепак многу малку ќе се постигнеше без вклученоста на приватниот сектор. Како чист пример за тоа како изгледа владина поддршка без голем пазарен механизам е катастрофалното искуство на Советскиот Сојуз во 70-тите и 80-тите години на минатиот век.
На крајот, денешните млади климатски активисти не треба да претпоставуваат дека иднината на човештвото на планетата зависи од спречувањето или сериозното намалување на економскиот раст. Транзицијата на една економија со ниска емисија на јаглерод диоксид ќе бара одредени жртви. (Не се веродостојни тврдењата дека со „Новиот еколошки договор“ истовремено ќе можат да се намалат емисиите и ќе се зголеми вработеноста на краток рок.) Но на крајот на краиштата, економскиот раст може да има корист од добро изработените зелени политики. Покрај тоа, политиките за справување со климатските промени може да не се остварат кога нема раст со оглед на тоа што економските тешкотии можат да ја намалат поддршката на јавноста за далекосежни реформи.
Сепак, иднината на растот не може да се потпира само на индустриското производство. Нашата задача е да најдеме подобри, покреативни начини што ќе вклучуваат помалку ресурси за да ги задоволиме различните потреби на над седум милијарди луѓе на планетата Земја. Кога ќе се оствари транзицијата кон почиста економија, растот ќе продолжи без да има штетно влијание врз климатските промени.
Климатските активисти се во право што работат на кревањето на заедничката свест за потребата за подобри начини за создавање и трошење енергија. Но уште поважно е што ни е потребно економскиот раст да продолжи, а не само да се одржи политичката поддршка за зелените политики. Во свет каде што над милијарда луѓе сè уште живеат во екстремна сиромаштија и каде што уште една милијарда се бори за повисок животен стандард, реалистично ветување за заеднички раст е многу попривлечно од апелите за стопирање на економскиот напредок.
Им должиме многу на денешните млади активисти што го вклучија алармот. Но мораме да го претвориме нивниот ентузијазам во институционализирана политичка сила и да развиеме план за силна, добро организирана и продуктивна економска агенда. Пазарите не треба да нè спречат во намерата, токму напротив, тие треба да ни бидат моќен сојузник.
Авторот е професор по економија на МИТ