Драги мои, без оглед на сѐ, си дадов збор на самиот себеси (а некако сум во фаза кога ми се чини дека е многу важно да го држам за збор оној некој или онаа нешто што се нарекува Јас) дека нема во колумниве да се занимавам со дневна политика, туку ќе се обидувам да воочам, промислам и пишувам не за луѓе, како основна форма на идентификација, туку за настани и идеи кога влијаеле на минатото или, пак, јас сметам дека на еден или друг начин влијаат на сегашноста, или, пак, ќе влијаат на иднината. Затоа што емпиријата, искуството, општо стекнато знаење што ние го практикуваме во сегашноста како залог за иднината се создадени во минатото. Најпосле, да ја оставиме историјата ни предлагаат тие што од нас бараат само историја. Што сакаат од Македонија соседните нации и држави? Историја, и ништо друго. Во тиранската платформа, договорот од Преспа и договорот со Бугарија никаде не се бара од нас заедничко денес или нешто заедничко во некоја заедничка иднина. Утврдено е дека оние што не си ја знаат историја, осудени се да ја повторуваат. Затоа, ајде уште еднаш да се подучиме за минатото за да не повторуваме во сегашноста. Бугарија, која потроши сто и дваесет години да ја убеди Европа дека Македонија и Македонците ѝ припаѓаат природно, и во името на тоа влезе во неколку сојузи, безброј локални судири и конфронтации, на крајот и во три последователни војни со соседите и светот, најпосле ќе остане, како што би кажале драгите источни соседи – со горчливи прсти во устата, овој пат, ми се чини, горчливи ќе бидат сите прсти на двете раце.
Јас не ја отфрлам како релевантна тезата дека Србија во средината од дваесеттите години од минатиот век ја отвора темата со Македонија и го актуализира македонското прашање како проблем на Македонија и на македонците со намера да го ослабне влијанието на Бугарија во Вардарска Македонија. Има здрава политичка логика во намерата – ако јас не добивам, барем да не добие и оној другиот. Ова е Балкан, драги мои. Тука, козите на соседите се важна работа. Особено ако се умрени. Но поради таа или поради некои други причини со „добри козји намери“, нема да престане да постои фактот дека првото отворање на просторот за самодејствување на Македонците го направиле Срби. Иако од средината на деветнаесеттиот век, Србија на територијата на кнежеството, кога и реално почнала да го востановува државно образование, во учебниците по историја, Македонија и Македонците ги афирмира како автохтон народ на Балканот со своја култура, традиција и јазик, различен од другите словенски и балкански јазици. И тоа е така сѐ до деведесеттите години од деветнаесеттиот век, кога е формирано првото бугарско кнежество, па Бугарите утврдуваат доктрина на непостоење на Македонците и поведуваат државна просветна и црковна кампања со намера за асимилација на Македонците во Македонија. И започнува периодот на градење бугарски цркви и отворање бугарски училишта, секогаш во рамките или заедно со центрите на Бугарската егзархија. Бугарија, тогаш првпат се судрува со Грција, која преку Патријаршијата веќе доминира и во црковниот и во световниот живот во Македонија. Сѐ до отворањето на првото бугарско училиште во Солун, сите училишта во Македонија биле на грчки јазик. И не само тоа, освен турскиот, грчкиот јазик бил прифатен како деловен и административен, па огромен дел, посебно од градското население, иако Македонци по род, себеси се идентификувале како Грци и во јавната комуникација го користеле грчкиот јазик.
Не е потребно да бидеш експерт, професор или академик за да разбереш што точно се случувало само со еден прост факт: имињата на црквите во градовите во Македонија и годините на нивното градење. Сите цркви изградени во периодот од 1890 до 1913 година главно ги носат имињата на патроните Кирил и Методиј или на мајката Богородица, а кај народот популарно биле викани бугарски цркви. Точка по прашањето. И односот на бугарски наспрема грчките цркви бил најмалку три наспрема еден во корист на грчките. Не треба исто така да се биде многу учен, за да се разбере зошто. Грција од таа битка на отворено ќе се повлече по Првата светска војна, но тврдо вкопана по линијата на македонскиот фронт, решена да брани сѐ што се наоѓа од неговата јужна страна. До ден-денешен. Важно е да знаеме дека пред формирањето на кнежеството Бугарија, дури и оној учен дел од бугарското општество што живеел и работел во главниот град на империјата Истанбул, во својот наратив, кој произлегувал од нивните тогашни убедувања, не го негирал постоењето на Македонците, напротив, ги повикувал да се придружат во борбата против отоманството во Турција. Целата таа идеја за поставување еднаквост на поимите Бугарин – Македонец, според мене, почнува и завршува оној ден кога „Цариградски гласник“, весник што го издавале Бугари во Истанбул, не објави со големи букви: Прличев не знае бугарски! Имено, разочарани од преводот на „Одисејата“ на Хомер од грчки на бугарски јазик, го обвинуваат добитникот на Лавровиот венец за поезија, дека не го знае бугарскиот јазик. Во знак на немоќ, да направи што било, Григор Прличев, во Солун, едно утро ќе го изгори целиот ракопис од преводот на „Одисејата“ и самиот признавајќи во Автобиографијата, дека бил слаб во бугарскиот јазик. Во таа битка за приграбување на Македонија и Македонците, која главно се одвивала помеѓу Бугарија и Грција, Србите и Србија се вклучуваат многу доцна. Освен во делови на север од Вардарска Македонија, и тоа претежно во Тетовско, Скопско, Кумановско и во еден дел од Велешко, ниту српската црква, ниту српското образование и држава имале особен интерес меѓу Македонците. Сѐ до крајот на Првата светска војна, кога Србија станува сопственик на вардарскиот дел од Македонија, таа нема големо влијание ниту во институциите, ниту пак меѓу месното македонско население.
Тој факт може да се утврди дури и со бројки според процентот на доброволна и присилна мобилизација на војници во Првата светска војна, кога огромното мнозинство Македонци војувале на страната на Бугарија. Иако имало дезертерства и преминувања од двете страни на фронтот, најчесто, со сила мобилизираните Македонци, дезертирале од српската војска и преминувале во бугарската. И тоа се факти. Значи, Македонците имале поголема идентификација со Бугарија и несомнено, нивните очекувања не биле од Србите. Што ќе се случи за само десетина години, за Македонците сосема, ама сосема во огромно мнозинство да ги променат своите гледишта и определби? Во времето помеѓу двете светски војни, во денешна источна и централна Вардарска Македонија, се воделе секојдневни пропагандни и реални борби со навлегување на вооружени групи од Бугарија во Кралството Србија во оној дел наречен Вардарска бановина. Тоа резултирало со присуство на две третини од тогашната елитна жандармерија на тогашна Југославија само на територијата на Македонија, која едвај дали била петнаесет проценти од целата територија на кралството од „Вардара, па до Триглава“. Во периодот од воспоставувањето на власт, државата на Србите, Хрватите и Словенците, подоцна Кралство Југославија, почнала да ја населува Вардарска Македонија со доселеници Срби од Босна и Црна Гора, заради контрола и асимилација на домицилното македонско население.
Дополнително бил воведен државен терор за присилно зборување на српски јазик во училиштата, во јавноста, во администрацијата, па дури и по домовите. Бугарија сето тоа го разбрала како можност за дополнително испраќање чети, кои се прикажувале себеси како следбеници на организацијата што се бори за ослободување и обединување на Македонија. Тоа уште повеќе го засилил теророт на српската држава врз оние што имале симпатии или го помагале тоа, сега, повторно задгранично дејствување на она што се прикажувало и работело во името на организацијата. Безбројни се инцидентите што завршувале секогаш со уште поголем притисок и терор врз Македонците. Најпосле, таканаречените комитски чети, кои од Бугарија доаѓале во Македонија, целата борба за идеи ја претвориле во борба за лично богатење и пљачки. Само во Струмица и нејзината околија дејствувале неколку чети што доаѓале од Бугарија, пљачкосувале и заминувале. Најпозната е четата на Георги Вндев, кој од Петрич дејствувал во Струмица главно преку воспоставената пропаганда на собирање пари за потребите на ослободувањето на Македонија од „српското иго“, а во суштина било само во корист на личното богатење на Вндев и вндевци. Народот живеел во страв, не од Србите, туку од вндевците. Кога доаѓале „ослободителите“ од Бугарија, Македонците се заклучувале по домовите.
За какво братско ослободување се работело, паметам дури и јас. Како деца нѐ плашеа дека ако не јадеме, ќе нѐ дадат на Вндев да нѐ изеде. Ете, како и до каде се рефлектирало сето тоа. Со парите собирани за организацијата, Вндев купувал куќи и дуќани во Петрич и станал еден од најбогатите луѓе на тој дел од светот. Начинот на собирање пари бил криминален и насилен. Па така, по многуте уцени и изнудени пари од најпознатиот и најбогат струмичанец Каратене, самонаречените борци за слобода на Македонија, за да го заплашат и него и сите други струмичани, на сред бел ден, во недела, во Бања Банско, пред очите на стотина присутни граѓани ги убиваат неговите единствени две деца Афродита и Коста Каратаневи. Толку од борбата за слобода. И така, Бугарија заради алчност и нетрпеливост кон сѐ и кон секого што не е на нејзина страна, си ги навлекува гневот и омразата од најголемиот дел Македонци на тој крај од Македонија. Оваа и други истории, другарите европски социјалдемократи и нивните трабанти, бараат да бидат скриени, избришани и заборавени. Разбирам, непријатно е да се слуша ова. И мене ми е непријатно. Но вистината е непријатна работа. Особено ако сакате да не ја видите.
Авторот е режисер и универзитетски професор