Големиот инквизитор: глобализмот (3) (или новиот планетарен систем на робовладетелство)

Човек послушно куче, кај кое затапиле целосно инстинктите на неговата изворна природа, или човек зомби, модерен термин за личноста што го загубила целосно својот идентитет, станувајќи безлична без каков било етнички, национален, религиски и културолошки знак. Пустина во која, парадоксално, и песокот е отсутен од неа затоа што тој е нејзиниот идентитет. Човек зомби е главниот проект на планерите на светската држава. Човек спакуван како чоколадо во целофан, кој ќе се произведува сериски како моделиран тип за потребите на глобалистичкиот систем. Човек без својства, како што би рекол, едноставно, Роберт Музил. Или да не го заборавиме луцидниот Маркузе: „еднодимензионален човек“, кој не ги поседува цртите на длабочинскиот простор, на перспективата, која со ингениозна леснотија ја дефинира Бруналески за сликарите на италијанската ренесанса. И не само за нив. Еднодимензионален либералкапиталистички човек, целосно испразнет од духовна и душевна содржина, кој е потрошувачко пазарно битие и ништо друго. Тука не може да стане збор за изворна онтологија, која им е иманентна на духот и душата, а не на материјата. Зомби. Серискиот зомби човек, кој нема никаква врска со Општиот Човек на Шлаермахер како човештво во единката, присутен не само во либералкапиталистичкиот Запад, кој го произведе и модифицира него. Тој сега сè повеќе и повеќе се појавува и надвор од западните либералкапиталистички граници, кои по уривањето на комунизмот фактички се проширија и на исток. Се појавува дури и на тврдоглавиот со моќен идентитетски ген Балкан. И хомо балканицус како лека-полека да го зафати глобалистичката западна зомбификација. Македонија, се разбира, исто така не е имуна на неа.

Западниот модерен либералкапиталистички позитивизам со кој се отфрлаат духот и духовното во име на материјата и материјалното е присутен и кај нас, макар и во облик на бескрупулозен криминал за материјално богатење, најмногу во врвовите на власта. Фактички зомбизмот како да стана престижна категорија и кај некои наши интелектуалци, главно од Соросовата фела, кои во името на глобалистичката универзалност ги игнорираат својот национален идентитет, традиција и етничка антропологија. Така, на пример, една наша интелектуалка, универзитетска професорка, на која ѝ е понижување да се нарекува Македонка се прогласи, како жител на вселената, за Земјанка. А тоа не е ништо друго туку несвесно, во отсуство на свест, предавање на аморфноста на материјата, библиски речено на глината/земјата од која како мртва супстанција, пред интервенцијата на Господ, бил создаден човекот. Пред да биде ухнат во неа здивот на Светиот Дух со кој оживеала таа. Тоа е тоа. Што значи дека според таа универзитетска интелектуалка (колку гордо звучи тоа) треба сите жители на земјата да бидат со глобалистички, универзален „идентитет“: Земјани и Земјанки (големата буква тука и не значи ништо). Може, а веројатно е тоа и идеологијата на Сорос од чие виме смука таа како и многу други кај нас безлични невладини слуги на погубниот по идентитетот на човекот глобализам што се Земјани и Земјанки. Што значи дека нивниот идентитет е парата, ништо друго. Земјани и Земјанки, создадени од земја, но сега пак вратени во земја, како кога умира човекот отпеан со опелото на правта од која е создаден и во која се враќа повторно тој. Веќе не е ни еднодимензионален (Маркузе) туку мртов човек, човек без својства (Музил).
Да. И од таквата мртва земја, глина, можат, бидејќи е испразнета од Светиот Дух, да се создадат само грнци, празни без млеко и мед во нив и без изворска вода. Грнци, кои, всушност, и не знаат дека се и зошто се тоа. Веројатно на мудриот Сократ, најмудриот меѓу атињаните, му било жал за нив такви, па ја полнел со нив салата, сугерирајќи си дека се публика и вежбајќи ја својата говорничка реторика пред нив пред настапот на Агора. Но грнците што се како нашата интелектуална Земјанка, и сличните на неа, којзнае дали античкиот филозоф воопшто може да ги употреби дури и за реторичка вежба, оти глобалистичките грнци како неа нема за ништо да служат, освен за кршење според ќефот на железниот стап на глобалистичкиот господар.

Доволно. Во глобалистичкиот проект за создавање Земјани и Земјанки, сериска капиталистичка пазарна стока, како што се гледа главната поента е целосно да се нивелира идентитетот на индивидуата, која не ќе има потреба ниту да размислува, ниту да чувствува. Поентата-идеја човекот да биде лишен од најдрагоцената супстанција што му ја подарил на битието Господ – Слободата. Со ова сега, драг читателу, ин медиас рес влегуваме во срцевината на првиот став од симфонискиот (да се послужам со музички термин) акорд на овој есеј/колумна: Големиот Инквизитор, тој што е замислен како апсолутист што ќе управува со светската глобалистичка држава, или во стилот на тоталитаристичката терминологија: самодржавие. Тој е тој самодржец (Заев сè уште вежба за тоа помалку смешно) на кој мошне порано пред Орвел посочи ингениозниот Достоевски во стилот на старозаветен пророк, кој ги претскажува времињата што доаѓаат. Со толкување на Големиот Инквизитор на рускиот писател се занимавале многумина за да го растајнат како енигматична шифра, читајќи ги и препрочитувајќи ги „Браќа Карамазови“, романот во кој е вглобен тој среде неговите драматични размисли за мачната судбина на човекот. Сепак, таа шифра пак најдобро ја разгатнуваат Русите, тројцата сјајни религиозни филозофи: Берѓаев, Мерешковски и Лоски. Како централна аналошка метафора за Големиот Инквизитор Достоевски ја користи католичката црква со нејзината структура како секуларна држава со религиозна маска. Но тука тој не ја поштедува ни православната црква на Византија, а и на самодржавна Русија. Иако католицизмот е во прв план, тоа е воопшто жестока критика на институцијата црква, против која се побунил и богомилот и будистот Толстој, согледувајќи ја неа како институција измислена од ѓаволот за да се растури христијанството. За тоа и бил тој анатемисан од синодот на руската православна црква, анатема што ни до денес таа, глува за најдрагоцената Христова институција проштевањето, не ја симнала од него.

Големиот Инквизитор на Достоевски, таков каков што пророчки го замислува и проектира тој е антихристот на цивилизацијата, која се откажала од Бог и божественото. Антихристот што направил цврст амалгам од црквата и државата во една целина за да го обезличи човекот и да го оттргне од неговиот автентичен онтолошки извор. Негова превосходна цел е да го уништи во секоја единка Словото на Љубовта, централниот дејствен принцип на Христос, кој го осмислува и промовира човекот како божествено создание. Словото што апостол Павле од Македонија како штафета го испрати на Европа, но таа остана глува и слепа за него сè до денес. Наместо да ѝ биде таа благодарна на Македонија од каде што, како што вели и познатиот француски библист Ренан, тоа тргна кон неа, таа сега неа сатанистички ја ликвидира идентитетски. А тоа значи дека западниот Голем Инквизитор систематично работи на својот бездушен банкарски и корпорациски глобализам газејќи како обновена Римска империја сè пред себе. Се ликвидира прво идентитетот на колективот, а потоа и идентитетот на единката, на индивидуата што е крајна цел на Големиот Инквизитор, кој има како никогаш досега јасен цивилизациски лик.
А како ќе се обезличи идентитетски индивидуата? Така што ќе се уништи кај неа нагонот за слобода, основниот поим на филозофскиот аристократизам на Христос, кој слободољупците, почитувачите на слободата ги нарекуваше избрани, негови следбеници. Фактички слободата е највиталниот животен елемент, тој што го дефинира во христолика светлина човековото Јас, она што сака Големиот Инквизитор да го ликвидира кај него и да го преведе во ништо. Ништо. Ништо, кое, сепак, е лишено од ништото на будистичката нирвана. Слободата. Впрочем човекот по неа тргнал уште на самиот почеток, во Едем, кога посегнал без дозвола од Бог по плодот на Дрвото на спознанието, сакајќи да го освои божјото знаење. За тоа како што нè известува Библијата тој бил изгонет од небесните сфери, но без ропот ја прифатил доделената судбина чиј секогаш препознатлив белег е слободата. Човекот наместо вечното рајско блаженство, имено, ја избрал неа. Веројатно на тоа цели и Сартр кога вели „Слободата е избор“.

Со слободата, значи, е озаконет првиот прародителски грев, кој од двајца потоа навлегува во сите идни поколенија за што и генетиката даде свој научен прилог. Да. Па сепак, иако слободата е извор на првиот трагичен човеков грев, парадоксот над парадоксите е во тоа што Христос, Синот Божји, имено, најмногу го цени и поддржува тој елемент на човековото битие и најмногу го проповеда него. Дали е тоа штафетата на проштевањето што ја носи Тој во земниот живот меѓу настраданите луѓе од Отецот, кој се покајал за суровата казна на своето создание е тешко метафизичко прашање? Но самото негово испраќање на Синот да го откупи човештвото од гревот со својата маченичка смрт во некоја рака и го сугерира одговорот, како и Христовата апологија на слободата како печат на личноста. Но тоа не му се допаѓа на глобализаторскиот либералкапиталистички Запад. Ингениозниот Достоевски однапред го знае тоа, оти, како што вели и Берѓаев, неговиот најпрониклив читател и аналитичар, во Големиот Инквизитор се спротивставени двата светски принципа – слободата и принудата, верата во смислата на животот и неверувањето во таа смисла, безбожната љубов и сомилост кон луѓето, Христос и антихрист. Христос е застапник на принципот на слободата, а антихрист што го осудува него за аристократизам, на соблазнителниот принцип на среќата со која ќе бидат задоволни сите, бидејќи товарот на слободата е тежок и малкумина се тие што можат да го носат него. Да, ама само тој е печат на автентичната личност, и тука лежат сите лукави упорствија на Сатаната да го прелаже човекот, а неговите амбиции се да го стори тоа нескромно и со Христос. Тој вели: „Луѓето ќе бидат слободни тогаш кога ќе се откажат од својата слобода. Тогаш ќе им дадеме таква спокојна среќа, среќа на слободни созданија, какви што се и сотворени. О, ние најпосле ќе ги убедиме нив да не бидат горди затоа што си ги воздигнал (Христос м.з.) и со тоа си ги научил да бидат горди…

Да, ќе ги натераме да работат. Но во часовите кога нема да работат, ние ќе им го програмираме животот како детска игра, со детски песнички, со хор, со невини игри. О, ние ќе им дозволиме дури и да грешат. Тие се слаби и немоќни, и тие нас ќе нè сакаат како деца, затоа што ќе им дозволиме да грешат.“

(продолжува)