Јас отсекогаш, среде затворот на слободата, сум се чувствувал неразумно, глупаво, безумно и бесмислено. Затоа што меѓучовечките односи среде оваа модерна изопаченост наречена цивилизација се поставени така што секој секому во името на сопствената слобода инсистира да му ја окова волјата на другиот
Чудно! Моите омилени писатели. Сите имаат една идентична животна траума што ги поврзува. А јас, ете, не ги избирав да ми бидат омилени поради таа траума. Едноставно, омилени ми се. Фјодор Михајлович Достоевски. Уапсен од царската власт. Осуден на смрт. Потоа казната е сменета со затвор. Сергеј Есенин. Апсен од советската власт. Држен во притвор. Тероризиран психички и физички. Сергеј Довлатов. И тој апсен од советските власти. Неколку пати. На крајот емигрира во САД. Ален Гинзберг. Апсен од американските власти. Суден поради содржината на неговата култна поема „Крик“. Џером Селинџер. Самиот се става во домашен притвор. Доживотен домашен притвор. Џек Лондон. И тој лежел затвор. Луј Фернанд Селин. Суден, затворан, забранет за објавување. Кочо Рацин. Апсен и затворан од сите окупатори. На крајот, во политичка местенка, убиен од своите.
Зошто ни го кажуваш ова, Русјаков?
Онака… Морам некако да ја почнам колумнава.
Другарка ми ме шокираше. Ми вели, те сретнав во крстозбор. Не ѝ верувам. Не е тоа како да те сретнала во црна хроника, некролог или на најсмешни видеоинсерти. Крстозбор е тоа. И затоа не ѝ верувам. Знае често да си поигрува со моето его. Лажеш, велам. Не лажам, се брани, стварно те имаше во крстозбор, само не сакав да ти јавам, па да ти го хранам егото. Јасно, ја зборува вистината. И што пишуваше, прашувам. Познат македонски автор, ми одговара. Значи стварно не ми се верува. Шокиран сум. Пријатно изненаден. Море да не се правам скромен, среќен сум. Јас сум паун, ми растат шарени пердуви. Штом завршиш во крстозбор, тоа е тоа. Те има. Знаат за тебе. Познат си.
Откако пред десет години станав познат македонски автор, многумина ми посакале затвор. Има и такви што ми се заканувале. Со затвор. Трети ме плашеле со истиот тој затвор. Едните поради мојата книжевност, другите поради сценаријата за една серија, најмногу поради моите политички текстови за името на државата и идентитетот, кој сега стана три коси црти. Племе три коси црти.
Никако не успевам да им објаснам дека затвор од кој не се излегува е нивниот ум. Нема спас од таа празна ќелија. Но освен умот има уште еден затвор што јас го забележав. Тој затвор е насекаде околу мене. Го препознавам во она што вие го нарекувате слобода. Во вашите очи. Во човечките зборови и воздишки. Затворен во вашата слобода. Оти таа слобода насекаде има решетки, окови, тешки железни врати, направи за мачење, сурови стражари, изопачени управители и лажни негуватели. Секој секому му е надзорник во тој затвор наречен слобода.
Пробај да излезеш од сите ставени пранги, пробај избери за миг да одиш спроти правилата и ќе видиш дека таа слобода е привид.
Знам дека ви е чудно ова што го пишувам, не сте сигурни на каде ја терам мислата и што кријам меѓу редови, ама ќе се обидам да го објаснам секој збор. Затворен во слободата на диктатурата наречена демократија. Оти во диктатура, еден владее, ама во демократија сите што ја поддржуваат владејачката опција се еден владетел. Затворен во општествената слобода на човековите права преку кои ќе ти ги ограничат сите божествени права. Како правото на чувство, на пример.
Затворен во слободата на непишаните правила на лажниот морал. Групата го суди поединецот. Срамота е да си го чепкаш носот на јавно место, ама дозволено е да им чепкаш на другите во приватноста и интимноста, да длабиш во нивните болки, страсти и фрустрации за да ги изложиш во музејот на озборувачката злорадост.
Знам, сево ова ви звучи неразумно. Не ми пречи. Знам, сево ова ви изгледа глупаво. Не се сомневам. Знам, сево ова ви личи на безумно. Не порекнувам. Знам, сево ова ве потсетува на бесмисленост. Не се противам. Јас отсекогаш, среде затворот на слободата, сум се чувствувал неразумно, глупаво, безумно и бесмислено. Затоа што меѓучовечките односи среде оваа модерна изопаченост наречена цивилизација се поставени така што секој секому во името на сопствената слобода инсистира да му ја окова волјата на другиот.
Толку е едноставно, а тешко за разбирање. Суетата ја става душата зад решетки. Гордоста го фрла срцето во окови. Зад тешките железни врати на злорадоста, фрлена е сомилоста. Различното мислење од она востановеното како јавно добро, веднаш се става на направи за мачење. Медиумите се суровите стражари на инсталираната „вистина“. Изопачените лидери ти ја перат фантазијата со сите кретенски флоскули за подобра иднина. Лажните негуватели на нормираниот морал се хистерични лудаци налик на инквизитори.
А среде сиот овој на сила наметнат „слободен свет“, најголем затвор, за секој од нас е нашиот сопствен разум. Секое бегство од неговите окови се нарекува лудило.
И затоа сме тука каде што сме. Сите ние.
Единствена слобода е љубовта. Онаа безусловната. Онаа одамна искорната од нашите срца со клештите на лажната слобода. Онаа што не се објаснува со мудрување, политички флоскули, медиумска пропаганда, хистерични прогресивни крикови, насила наметнати морални закони. Луѓето најчесто не веруваат во божествената љубов на Творецот. Во животворната љубов. За да поверуваат потребно им е да ја видат во телевизиски прилог, во насмевката на лидерот авторитет, среде лабораториски експеримент. Затоа никогаш нема да поверуваат, оти таму ја нема љубовта. Таа не се восприема со разумот. Разумот е филтер низ кој љубовта умира. Божествената љубов е неразумна. Божествената љубов е луда (Евдокимов), таа не може да се разложи со математичка формула на ограничената човекова природа ставена во фиоките на просечната прагматичност.
И со љубовта на човек спрема човек е исто. Љубов спрема жена, љубов спрема маж, онаа вистинската љубов, безумна е. Умот поставува услови, бара да му се возврати она што тој мисли дека го дал, а умот не дава, туку одзема, умот не сака да се жртвува, туку инсистира на реципроцитет, не сака да излезе од затворот на својата фиктивна слобода, туку во неа сака да го затвори срцето на оној/онаа зашто си умислува дека поседува. Вистинската безумна љубов не е таква. Не поставува услови, не бара да ѝ се возврати, со радост се жртвува, бега од реципроцитет, не ја става во сопствениот затвор туѓата слобода за да ја поседува и ако сево ова ви звучи како посланието на свети Павле до Коринтјаните, добро е, значи нешто сте прочитале, ама па не и дека сте разбрале.
Русјаков, ова последново, многу вообразено.
Да, ама мене ме има во крстозбор.