Актуелната власт со посебна свечена програма го одбележа 8 Септември, денот кога преку референдум Република Македонија се огласи како независна, самостојна и суверена држава на мапата на светот. Треба да им се признае на претседателот Стево Пендаровски и на претседателот на Владата, Зоран Заев, што најдоа сили на овој јубилеј да му дадат значење што заслужува. Конечно, овој 8 Септември не е одбележан како уште еден државен празник што се препознава само како ден во кој не работи администрацијата и се затворени некои од продавниците. Освен дефилето, парадните говори, концертот, посебно место зазеде одликувањето на пратениците на Собранието на Република Македонија од првиот состав 1990-1994 година. Со овој чин од страна на претседателот на државата се покажа дека власта не се држи во рацете само некој да се казнува туку и да се наградува, принцип што во Македонија, за жал, ретко кога официјално се применува. И самите пратеници, оние што добија одликувања на живо, може слободно да здивнат и да речат: ако не сме богато наградени, барем не сме заборавени.
Со одбележувањето на овој јубилеј, актуелната власт испра дел од моралниот срам што го доживеа во претходните месеци, премолчувајки ги сите датуми што се поврзани со прогласувањето и реализацијата на независноста. Без грам почит, ниту еден збор, ниту во Собранието ниту во Владата, помина денот на првите повеќепартиски избори што се одржаа во октомври – ноември 1990 година, кога се избрани и првите народни избраници. Тој светол чин од поновата историја на македонскиот народ беше премолчен, како ништо да не било, а беше триесетгодишнина.
Пластот на тишината го покри и датумот 8 јануари 1991, денот кога е конституирано и првото Собрание, како што го покри и одбележувањето на триесетгодишнината од денот на изборот на првиот претседател Киро Глигоров. За тие пропусти од политичка и морална природа сум објавил три-четири текста на страниците на „Нова Македонија“, кои, секако, може да се видат во нејзината архива.
Како новинар, како учесник и сведок во тие настани, сум го користел правото, лично, во повеќе текстови, уште од времето на претседателот Ѓорге Иванов сум се залагал македонските власти да му посветуваат многу поголемо внимание на 8 Септември, како и да им оддадат некакво признание на пратениците од првиот состав на Собранието. На сите од ред, на живите и на мртвите. Истото Собрание, коешто не било ниту пак е сега парламент, како што неуставно го именуваат, вклучувајќи ги тука и претседателот на самото Собрание и другите највисоки државни функционери. Пукнати се да го употребуваат зборот парламент, иако тој збор го нема ниту во Уставот ниту во Законот за Собрание или во Законот за Влада. И за ова противуставно ословување повеќепати сум реагирал.
Првото Собрание има специфично значење не само затоа што е прво избрано на повеќепартиски избори туку и што е сосема поинакво од дотогашното, комунистичко-социјалистичко, како по устројството така и според силата на функциите. Тоа Собрание ја отвори ширум и вратата на демократијата, на слободното мислење и говорење. Нивните дебати доста повидливо на површина ги исфрлија речиси сите идеолошко-политички, национални, јазични и верски разлики на граѓаните на Македонија. Јавното искажување на таквите разлики дотогаш од комунистичките водачи беше или умешно совладувано и решавано или криено, забошотувано, понекогаш и забранувано.
Во законска, државотворна смисла, Република Македонија сѐ уште беше дел од федеративна Југославија, беше време кога не беа јасни околностите што ќе се случува во иднина со заедничката држава, во која тогаш владееше политичко-воен метеж. Токму тогаш партиите и пратениците имаа храброст да носат важни, но и ризични одлуки, ризични доколку ситуацијата добиеше пресврт и интервенираше ЈНА. Тој собраниски состав, без сомнение, е единствениот избран на фер, чесни и чисти избори, различен од сите последователни, проследени со низа сомневања и обвинувања за местење, фалсификати, бугарски возови и насилства. И без масовни поткупувања со пари, со делење прехранбени продукти, простување долгови, елементи што ја карактеризираат секоја сиромашна и недемократска земја.
Тој беше и остана најколоритниот, најиндивидуалниот, најоригиналниот политички состав на вкупната македонска политичка сцена. Во голем дел политичко-кадровски неопитен, со дел пратеници што немаа оформено средно и високо образование, со дел наивни пратеници идеалисти, тие народни претставници не подлегна на разните притисоци, закани од домашни и странски фактори, машки се изборија да се постигнат поставените пионерски цели. Кои биле, какви биле – такви биле, тие луѓе заслужуваат почит, ако не се наградени, да не се заборавени. И конечно – тој состав е најмакедонскиот, мешана екипа што играше на еден гол за зацврстување на позициите на македонската држава и македонскиот народ. Беше вистински народен, беше национален, не интернационален. Беше гласен, не нем или со ставен фластер на устата, каков што е денешниот. Тој собраниски состав, формално и практично е историскиот состав на Собранието на Македонија, не само како прв повеќепартиски по број туку и по она што го реализира во исклучително сложени југословенски и меѓународни околности и во скромни домашни услови.
Денот на независноста на Република Македонија, 8 Септември, секогаш е можен повод за навраќање на тој датум и за неговото значење. Од таа 1991 врват 30 години, во кои се случија низа процеси и настани, што очекувани, што во тоа време незамисливи. Низ нив Македонија се промени политички и конституциски, но во основа остана заостаната земја, држава со мнозинство сиромашни граѓани. Освен пратениците и членовите на првата влада, сите сцили и харибди ги совладуваа луѓе меѓу кои има десетици што не се меѓу живите, десетици што направија успешни политички кариери и стотици што се заборавени, не им се споменуваат ни името ни презимето.
Но не се само политичарите. Има голем број стопанственици, професори, интелектуалци, новинари, високопозиционирани полицајци и други профили што дадоа свој голем придонес во битката за осамостојување, а се заборавени или намерно елиминирани. Како што има и обратни појави низ кои дефилираат луѓе што се китат со туѓи перја, а биле далеку од настаните, далеку од местата каде што се решавало, далеку од ризиците и опасностите. Ништо не е за чудење и изненадување. Како што се сака да се заборават или избришат мошне значајни настани од подалечното, така не им се посветува внимание ниту на оние историски денови и личности од поблиското минато. Традицијата на заборавање и игнорирање, дури и негирање на сопственото политичко минато како да е вградена во темелите на македонскиот народ.
Но што и да се говори, што и да се пишува во новите книги, останува еден непореклив факт: господинот Киро Глигоров е првиот претседател на Република Македонија. Може некој да не го сака, може секој да го критикува но улогата, местото и значењето на Глигоров како претседател во тој историски период ниту може да се заборават ниту да се избришат. Засекогаш ќе биде запишано дека Глигоров е првиот претседател на Републиката, која под негово раководство ја доби независноста, без војна се оддели од Југославија, ги зачува државата и народот од крвав расплет, ги насочи основните правци кон Европа. Глигоров може да се критикува, но ниту може да се заборави ниту да се избрише од историјата на македонската држава.
Што да се каже за денот на прославата. Прослави државата, поточно актуелната власт што ја води, не прослави народот. Ја нема, одамна ја нема празничната атмосфера на надеж, радост и среќа меѓу граѓаните на Северна Република Македониjа, колку и да се удира со фанфарите на НАТО. Го имаше НАТО, го немаше ВМРО-ДПМНЕ на прославата. Голема грешка naправи ВМРО што го одбегна овој ден и одигра свое комитско оро – шоу во Битола. ВМРО-ДПМНЕ, реално гледано, има поголемо право да ја користи гордоста на независноста од СДСМ. Тогаш СДСМ беше на маргините на возниот ред, ВМРО беше горивото, енергијата што ја туркаше локомотивата.