Доколку лидерот, без разлика дали говориме за водство на држава или, пак, на некоја компанија, не ги штеди своите сили и со сета своја упорност работи во полза на сите, тогаш сите други треба да го следат неговиот пример. Во секоја здруженост на луѓето, недозволива е зајадливата иронија – еве, ќе ја оправиме нашата институција или компанија. Затоа секој лидер што себеси не се штеди има право да го побара тоа и од сите други. Само на овој начин се поставуваат темелите на секоја држава или компанија
По смртта на великиот македонски крал Филип, неговиот млад син Александар ги продолжил подготовките за војна со моќната Персиска Империја. Неговите средства биле мали и ограничени, но Александар пред да замине во Азија ја испитал состојбата на своите благородници. На едни им подарил имот, на други село, на трети приходи од пристаниште или некакво местенце.
Откако го разделил својот имот, Пердика, еден од неговите генерали, го запрашал: „А за тебе, кралу, што ќе оставиш?“. Одговорот на младиот Александар бил едноставен: „Надежите!“. Кога го слушнал ова, Пердика одбил да го прими имотот што му бил подарен, а слично постапиле и уште неколку пријатели на македонскиот крал. На крајот Македонците рекле: „Тогаш и ние, што те придружуваме во бој, ќе ги делиме истите надежи со тебе!“.
Александар со својата армија ги минува Дарданелите и ја започнува војната против Персијците. Во следните тринаесет години, низ сите краишта на тогашниот познат свет, Македонците ги споделувале надежите, без разлика на опасностите и пречките.
Но нашата приказна не завршува тука. Александар постојано ги охрабрувал Македонците, затоа на секој можен начин докажувал дека ги споделува нивните напори. Александар не би бил Александар, доколку би бил нем набљудувач на бојното поле. Всушност младиот крал заедно со своите хетајри ја предводел македонската коњаница во секоја битка, а нивните потфати секогаш биле комплексни и опасни.
Александар бил подготвен да ги споделува тешкотиите во секоја опасна и тешка положба, никогаш не се криел на безбедно место. Во една пригода, Александар забележал во далечина дека горат многу огнови на непријателите. Верувајќи во својата телесна подготвеност, потрчал кон најблискиот оган. Младиот крал со својот бодеж удрил двајца барбари што седеле до огнот, грабнал една гламна и ја донел кај македонските војници.
Младиот крал останал доследен до крајот на животот и на драго срце се изложувал на опасностите, не само затоа што на тој начин се челичел себеси туку и затоа што ги поттикнувал на доблест и другите. Меѓутоа низ годините и по многубројните победи, кај Македонците се забележувала претерана раскошност и растрошност.
Прекорот на Александар бил благ и умен. На блиските им рекол дека се чуди, што по толку голем број и тешки битки, не се присеќаваат дека победниците спијат помирно од победените и дека не ја споредуваат својата живејачка со онаа на Персијците, за да сфатат дека раскошниот живот им прилега само на робовите, а напорната работа на кралевите. Но Александар не застанал тука и рекол: „Па сепак, како би можел да си оседла коњ, или да си исчисти копје, човек што се одвикнал дури и телото да си го негува со сопствените раце? Не знаете ли дека крајната цел на нашата победа беше да не го правиме истото што и победниците?“
Навистина бил велик македонскиот крал Александар. Никогаш не се штедел себе, никогаш не ги оставал другите да му ги вршат работите, знаел да седне со обичниот човек и да ги ислуша неговите потреби. И покрај многубројното богатство што го освоил во Азија, никогаш не попаднал во раскош и секогаш мислел за потребите на своите поданици.
Затоа Македонците му биле верни и го следеле до крајот на светот. Секогаш споделувајќи ги надежите и опасностите со младиот македонски крал. Соодносот помеѓу владетелот и поданиците секогаш е заемно зависен. Доколку владетелот не ги споделува тешкотиите на поданиците, тогаш тие кон него гледаат со презир.
Но доколку лидерот, без разлика дали говориме за државата или некоја компанија, не ги штеди своите сили и со сета своја упорност работи во полза на сите, тогаш сите други треба да го следат неговиот пример. Во секоја здруженост на луѓето, недозволива е зајадливата иронија – еве, ќе ја оправиме нашата институција или компанија. Затоа секој лидер што себеси не се штеди има право да го побара тоа и од сите други. Само на овој начин се поставуваат темелите на секоја држава или компанија.