Богојавление. По колежот во Преспа (2)

Да. Со раната на Македонците е затворена / и зашиена со златниот конец на Исус онаа / пукнатина кобна што ја отвори каменот на Каин / фрлен на Авел. А тоа е пукнатина што зина како / космички крик, како варијација на оној на оживеаната / глина: „Боли!“, епицентарот од кој се отворија, / како небесните сфери од празвукот ОМ, круговите / на постоењето што ги свитка и искриви болката, / ама и страста на телата пламнати во љубовна екстаза, / во елипса. Пукнатина-крик беше тоа од која зееше / првиот отворен гроб што го насели човекот. / Првиот гроб на првиот мртовец Авел, чија невина крв / залелека во небесата, врзувајќи ги со јажето / на болката долгите столетија, сè до ова Богојавление / сега / кое таа се раствори во песната на небесната / Алелуја. Богојавление што му дава моќно крило / на Столченото Племе, и тоа се крева под централното / кубе на космосот-храм сè до лицето на Седржителот / што го зема во прегратка како награда за долгите / страданија и го става на десната страна на трпезата / свадбена во Едем. Богојавление, шифра над шифрите, / иако отворена на дланка сепак затворена и таинствена / како апстрактното писмо на Асировавилонците, / па и на она појасно што е на Египет низ чии / криптограми рака подрака, како блиски роднини да се, / шетаат покрај брегот на Нил зафатени во разговор / за чудото на создавањето, самите чуда, светиот / бумбар скарабејот и крокодилот. И тоа е знакот / што го пружи Богојавление дека ќе нема пукнатина / за зло и пизма меѓу нештата и дека се отпуштени / од работа психијатрите и прераспоредени на други / работни места на кои не се работи на анализа, / туку на синтеза на Големата Слика на човекот и светот, / една со Бог и Божественото. Оти сè е сега само динамична / размена на силите космички што излегуваат една од друга / и влегуваат една во друга. Оти и центрифугалната / и центрипеталната енергија се сега сестри договорени / да ја решат енигмата на сингуларитетот, / црната космичка дупка што голта цели милијарди јата / на соѕвездија, ама од другата страна низ неа излегуваат / во екстаза нови сончеви системи сто пупат / и што се отвораат како свадбена ружа, онаа што гори / пурпурно и златно во бакнежот на македонските љубовници. / И така сингуларитетот Уроборос што повтел не само опашката / туку да се голтне целиот себе не го собира космосот, / омниуниверзумот до точка на исчезнување, туку, / таман што сме помислиле дека го сторил тоа, гледаме / како од неа повторно се шират до зад рабовите на бескрајот / круговите на постоењето, простор-времето во кое / повторно инсектите фрлени во пијана екстаза / го влечат по себе трансцедентално хаосот. / И пак цветаат во јуни, искачени во зенитот на летото, / свадбените ружи во градините на Македонија / и по страшниот колеж во Преспа. Ружите што пред тоа / ги одведоа мајсторите на смртта дојдени од Запад / во мртовечница и на закоп. Ама сега струјата / на Богојавление ги носи Македонците кон епицентарот / на светлината што ги роди. //

Сеедно. Богојавление е сега, гледаме како повторно / листа јаболкницата, Дрвото на Спознанието / од кое, како грабеж на тајното злато на Бог, / беше земена супстанцијата на страста, огнена / по карактер. Таа што ги запали да горат во екстаза / како смола телата на Адам и на Ева, центрипетални / и центрифугални истовремено, совршен мимезис / на Божјото создавање пред тоа криено од нив. / Страста. Тајна што ни се натовари како грев и причина / за изгонот од Едем. Ама дали таа казна всушност најпосле / не беше грев на Бог, па го испрати Синот / да го откупи него од човекот во кого тој беше / озаконет со печатот на смртта. И синот објасни / некои битни нешта во врска со недоразбирањето / меѓу Отецот и творбата глинена што ја создаде, / како што мислеше според образот свој. Објасни / дека животот земен сепак не е грев туку свадба. / Гревот, погрешно натоварен на него, преобразен / во сведен. Давајќи пример за тоа, тој и ја претвори / водата во вино во Кана Галилејска. Оти тоа не е / обична анегдота, чудо без чудо како што го сфаќаат / него теолозите. Онака како што е за нив / и кобното јаболко во Едем априори сфатено проклетство, / видено единствено низ призмата на гревот, / при што е одбегната анализата за добивката / од тој, макар и несвесен, храбар чин: Слободата / и Екстазата на мигот пламнат, откинат од сивата / вечност. За сè тоа, јасно, појасно од Отецот / се изрази Синот, па го скорна првин Лазар, / а потоа човештвото од гробот, ја укина смртта / и ја посла сега неа како постела преобразена / во вечен живот за новите љубовници. / А долго чекаше и го дочека човекот тој миг, / огнена пчела на екстазата што го полни со новиот мед / саќето во улиштето на нашето битие / и битието на Бог. А тоа сега е едно и исто. / Миг е тоа во кој болниот крик на глината / со која беше замесен Адам е преобразен во пурпурно / трансцендентално ластовичино јато што лета / во отворената вечност и ги допира со крило / испустените македонски села. //

Така. Ама треба да се знае дека тој крик, / пракрик што му објасни на човекот дека е од прав / и во прав се враќа, сега, ослободен од болка / е енергија на потисокот што го исфрла / срцето-ракета кон Создателот од катапултот / на воскресението. Енергијата што зема залет / од раната на богообразното создание, / посебно и од раната на Македонците, Христолика според, длабочината и болката. Енергијата што / е способна да направи нов распоред, на планетите / и ѕвездите, да ги врзе со јажето на екстазата / морињата, а потоа со само еден потег да ги донесе / и разврзе во постелата на љубовниците, во орото / и во оној ороводен извик „И-и-и-их!“ со кој / со столетија ја надживува кусовечноста / Столченото Племе. Извикот што стана ноќна мора / за разнесувачите на чума и мајсторите на смртта. / И тој извик сега, по сите помории што ги надживеа, / глеј го врти шамивчето и на свадбата на Јагнето во Небесниот Ерусалим горе. Крикот-Екстаза што / се проби сега богојавленски до увото на секој / жив створ и мина како златна венчална жица низ рудите / и низ гробовите на праведниците гонејќи ја од нив смртта. //
Да. Богојавление е тоа во кое се објавува радосен / првиот детски плач на неродените да ја раскине пајажината / во посивените куќи на испустените македонски села, /и првата нивна стапка тргната на пат низ широко / отворената врата на Белите Мугри на Поетот. / Стапката и патот ипостасни во кои се вглобени / и Отецот, Синот и Светиот Дух. Ама и апостол Павле / со нив. И сите заедно, како некогаш, од Троада повторно / тргнуваат кон Македонија, а Поетот од Велес како Лазар / што го скорна Исус од гробот, ги подига клепките / од мртовечки сон, се крева новороден од смртта / и слегува низ падините на Лопушник да им се / придружи ним. Со себе тој ја носи веќе исткаена / и венчално навезена со срма кошулата тенка ленена / на Ленка за свадбата на неговото заклано племе во Преспа. Племето што мајсторите на смртта / на оваа иродовска цивилизација, не како што го стори тоа Сет со телото на Озирис исечувајќи го на парчиња, / туку уште повеќе го столчија, ситнејќи го со ножот / на смртта на атоми, на кванти, за целосно да се избрише / свеста за него не само во човештвото, туку и во / тварта света дури. Арно ама / не знаат дека Бор под микроскопот со зеницата / на Бог во неговата зеница откри дека / и најситната твар има свест / трепери како жива и се одзива на мислата на тој / што ја посматра. Божјата честичка е тоа во која / колку и да се столчени, заклани и ставени како пепел / во мртовечка урна, чука срцето на Македонците. / И не дека не чуле и не знаат ништо за таа честичка / мајсторите западни на смртта, иродите на модерната / цивилизација, туку се преправаат дека не чуле / и не знаат, очајни дека не можат да најдат и за неа смрт. / Толку многу се лакоми за смрт, оти се антихристи, / чеда на Сатаната.

Такви, тие и стасаа како погребна / процесија во Преспа да го прослават темниот / мртовечки празник на цивилизацијата со знамето / на смртта, самите смрт, без да знаат, оти никогаш / не ја запознале науката на Исус, дека дури и во неа тлее / скриена искрата на животот и еден ден кога ќе грмнат / трубите за воскресение на ангелите ќе пламне, / и како огнено крило разбудените мртовци ќе ги крене / од гробовите и ќе ги понесе кон Небесниот Ерусалим / на свадбата на Јагнето. И цели народи ќе крене од смртта / тоа крило, меѓу нив, како богоугодни, и „синови на светлината“, како што ги нарече во Филипи и Солун апостол Павле, / први кренати ќе бидат Македонците.//
Така. Оти тој западен експеримент на смртта во Преспа / е целосно неуспешен. Оти не можат тие, темни, да го скротат / огнот на името во пепелта на Столченото Племе / ставено во мртовечка урна. Оти пак е распослана / до зад рабовите на бескрајот постелата / на македонските љубовници, полна со икра, море / и сребрени јата што минуваат низ нивниот бакнеж. / Оти и гробовите на тоа пиеме полни со мартири, / светци и херои во ова Богојавление што блесна / да го осветли со богосветлина проколнатото / човештво, сега разбудени и стапнати со едната нога / во небото ги држат во дланка гробовите / преобразени во винска чаша и наздравуваат / за обновениот, свадбарски во својата нарав, / седумосмински такт во македонското срце. / Ритамот што соработува со приливот и одливот / на морињата и со пулсирањето на светлината на ѕвездените / галаксии што кружат во крвта на ѕверовите / полни со Бог, а несвесни за него. / Богојавление. И мелат водениците хиерогамиско брашно / за новата радосна тајна Вечера во постелата / на младоженците, првата ноќ по свадбата во која / го зачнуваат и за идните столетија новото поколение / на Столченото племе. Поколението што излегува / и се множи како песок во пустината од раната / преобразена во матка, во школка што истура купишта / бисери создадени во ковачницата на болката, / уметноста мартирска и света што така убаво / ја совладаа Македонците. / И мелат водениците хиерогамиско брашно / во постелата на љубовниците и младоженците, / и не еднаш сум ја видел во детството мајка ми / како ја меси во ипостасните ноќви погачата литургиска / за тој свет чин.

Чинот што ја затвора раната на Македонците / и од неа сега блика како поток кристално свеќе. / И минато е сега болката на мартирското племе, / која не може со ништо друго да се искаже освен / со јазикот на неискажливото. Јазикот што сега / се искачува како Јаков по скалите кон небото. / Богојавление и неискажливо е сè. Убавината / и Небесата сини во кои се растворило лицето на Бог / и го поклопило богообразно светот. И се шири / екстатично во безброј кругови, во огнени елипси / тој ороводен неискажлив крик: „И-и-и-их!“ што се втори / како одек во сè, во секој жив створ, ама и во секој / атом и квант на тварта, спотнувајќи ја жарта на електроните, и тие фатени на оро. Крикот на екстаза / на срцето е тоа што го злоупотреби еднаш подло / во танцот крвав со пресечената глава на светецот / на царската гозба и перверзната Саломе, / а потоа, преоблечена во валканата руба на Европа, / и во Преспа со главата на Македонците кога беа / заклани тие. Ама повеќе нема да се случи тоа. //

(продолжува)