Зголемената загаденост на воздухот во зимскиот период е проблем за сите, но особено ја чувствуваат хронично болните. Можеби најзасегнати меѓу нив се астматичарите и болните со ХОББ (хронична опструктивна белодробна болест), кои во овој период уште повеќе се „борат да дојдат до здив“. Освен загадувањето на воздухот, други значајни ризик-фактори за развој и езгацербација на астмата се и пушењето, некои респираторни инфекции, силен стрес и голем број алергени (грини од домашна прашина, животински влакна, лебарки, полен, храна и лекови). Овие фактори во комбинација со генетските предиспозиции на пациентот може да доведат до хронично воспалително заболување, кое се карактеризира со хиперреактивност на бронхите (долниот респираторен тракт) на разни дразби и резултира во бронхоспазам, кој е реверзибилен (спонтано или со користење лекови), а кое го нарекуваме астма!
Пациентите со астма чувствуваат опструкција на протокот на воздух во белите дробови и манифестираат симптоми на кашлање, свирење и стегање во градите, отежнато дишење и недостиг од здив. Со оглед на тоа што астмата во основа има алергиска природа, особено е важно пациентите да избегнуваат контакт со потврдените причинители (алергени) на астматични напади. Во смисла на превенција, особено е важно да ја заштитиме младата популација од прекумерна изложеност на горенаведените ризик-фактори, бидејќи статистичките податоци потврдуваат дека распространетоста на астмата континуирано се зголемува (над 300 милиони болни во целиот свет), а дури 30 проценти од пациентите се деца до 14 години.
Во однос на третманот на астма треба да ги земеме предвид карактеристиките на болеста: присутно воспаление и едем на бронхите од една страна, како и хиперсекреција на слуз и бронхоконстрикција од друга страна, фактори што заеднички водат кон намален проток на воздух во белите дробови. Затоа, основна терапевтска цел при астма е да се намалат воспалението и придружните симптоми (оток, хиперсекреција), што се постигнува со примена на т.н. контролори или основни лекови при астма, а пред сѐ инхалациски кортикостероиди (флутиказон, будесонид) и нивни комбинации со салметерол и формотерол (бронходилататори со долго дејство).
Овие антиинфламаторни лекови се користат секојдневно и треба да постигнат воспоставување и одржување контрола врз болеста. Вториот проблем при астма, бронхоконстрикцијата, се решава со примена на т.н. лекови за брзо олеснување на симптомите (relievers), односно бронходилататори со брзо дејство (салбутамол и/или ипратропиум). Се користат по потреба, при влошување на симптомите. Дејствуваат брзо (по 3-5 мин.), ги шират дишните патишта преку релаксирање на мазните мускули што ги опкружуваат дишните патишта и го олеснуваат дишењето. Дејството не е подолго од 4 до 6 часа и се користат при егзацербации за ублажување на симптомите, пред тешки физички напори или кај пациенти со ХОББ. Со оглед на тоа што астмата е хронична болест, заради одржување соодветен квалитет на живот од особена важност е добра едукација на пациентите и развој на партнерство помеѓу лекарот и пациентот.
Пациентите треба да бидат способни да ја контролираат својата состојба со помош на нивните лекари. Тие треба да знаат како да ги спречат симптомите и егзацербациите, да ја следат нивната состојба и соодветно да реагираат на влошување на астмата, како и да имаат знаења и вештини за употреба на уреди за инхалација. За поуспешна контрола на астмата и постигнување подобра комплијанса на пациентот, современите тераписки насоки сугерираат комбинирана терапија на антиинфламаторен и бронходилататорски лек во еден уред (на пр. флутиказон и салметерол). Притоа уредот за дозирање е многу важен и предност им се дава на т.н. pMDI-уреди (дозен инхалер под притисок) поради поголема сигурност дека активните компоненти ќе стигнат во бронхите.
Зголемената употреба на лекови за олеснување укажува на несоодветна контрола на астмата и бара повторна процена на третманот.
Авторот е м-р по фармација и топедукатор