Ароганција на (не)моќ

Не можете а да не бидете огорченод ароганцијата на властодршците во моментов. Секако дека е привремена, како сѐ друго во демократијата. Но како да им го објасниш тоа на луѓе што низ политиката и моќта излегле од сенката

на ирелевантноста во општеството

Следејќи ги случувањата во политиката, а особено последниве во образованието, најдов обединувачка тема во фразата што ми се враќа во последниве години, а тоа е „ароганцијата на моќта“. Додека луѓето ја разбираат потребата да се ограничи ароганцијата на моќта, политичките елити се заробени од таа ароганција. Особено нашава земјоделско-фолклорна елита, кај која страста за доминација се граничи со верски фанатизам. Неверојатна е нејзината способност да дејствува со став на лажна супериорност, дрскост и бескрупулозност во спроведувањето на политиките формулирани од други. Оваа власт е документирана ароганција на моќ: преку непочитување на правилата и нормите за непотизам, судирот на интереси, клиентелизмот, партизацијата, лагите и лажните и клеветнички изјави, цензурата, самодоволноста во носењето решенија на штета на државните интереси, до свесното репресирање на неистомислениците и кородирање на плуралниот амбиент во општеството.
Ароганцијата на оваа власт не е ништо друго освен коруптивна злоупотреба на моќта за лични лукративни цели и дава тон на нејзините политики во изминативе години што вознемирува и направи многумина да се повлечат од јавните дебати, отстапувајќи им го просторот на шупливата арогантност и глупоста, како трејд марк на промените што ги донесе новата аграрна елита. Очигледно дека нема ништо ново во политиката на „државотворните“, затоа што ароганцијата на моќта отсекогаш била нивна карактеристика и стил на владеење. Таа е дел од нивната дехуманизирана човечка природа. Или можеби би требало да кажам дека тоа е дел од нивната човечка природа кога ја изгубиле невиноста од политиката, или кога егоизмот и желбата за моќ ги компензирала нивната неспособност, несигурност, неедуцираност и фрустрации. Само неизживеани и искомплексирани луѓе го развиваат „либидото доминанди“, или болната страст за доминација над другите или страста за моќ. Доминирани од сопствената страст за моќ, нашава аграрна политичка елита создаде бесконечен извор на несреќа за граѓаните на Македонија, што нема да престане сè додека се на власт.

Ваквата комбинација на антиинтелектуална и политичка ароганција е нездрава за државата и ја поткопува основната идеја за слободата и правната држава како средство за контрола на ваквата индуцирана ароганција на моќ. Докажано е дека моќта има коруптивно дејство врз оние што ја поседуваат и треба многу сериозен напор и внимателност да ѝ се спротивстават на таа корупција. Прашање е дали се сака и дали се може. Едноставно, оваа власт ужива во страста за доминација. Македонија денес е сликата на нивната опсесија од моќта. Нивната месијанска заблуда дека со моќта доаѓа и упатството како да се спаси Македонија нѐ чини држава и изгубено достоинство.
Македонија денес е заложник на ароганцијата на моќта на политичари што сметаат дека колку погласно викаат толку повеќе ги почитуваат, колку повеќе се дрски толку повеќе стекнуваат доверба, колку повеќе „дуваат“ во сопствената труба толку повеќе се веродостојни. А вистината е дека нивниот макијавелизам е комплетно искривен, затоа што целите што ги следат оправдани во средствата се без никакви политички или социјални идеали. Нивниот режим на работа не се заснова на никакво стратегиско размислување, тој е импровизиран и опортунистички.

Тие се мегаломани без резултати, кои се потпираат на сопствената нарцисоидност и ароганција, застапувајќи сиромашна импровизирана политичка агенда. Нивната супериорност е празна како што се тие самите, без интелектуално расудување или културолошка љубопитност кај своите следбеници. Нивната ароганција е погубна за државата.
Не можете а да не бидете огорчен од ароганцијата на властодршците во моментов. Секако дека е привремена, како сѐ друго во демократијата. Но како да им го објасниш тоа на луѓе што низ политиката и моќта излегле од сенката на ирелевантноста во општеството. Ароганцијата е ментален одговор на комплексот на пониска вредност што го носите со себе кога влегувате во власта.

А верував дека интелектуалците се тие што се наклонети кон ароганција, потценувајќи ги другите како „глупави“, „неуки“, „непросветлени“ или „необразовани луѓе“. Очекуваш дека интелектуалците се понетолерантни за разлика од политичарите, новинарите и бизнисмените, затоа што интелектуалците треба да бидат раководени од разум и критичко размислување и да бидат отворени за ревизија заснована врз факти и знаење. Но кога гледам до каде оди ароганцијата на власта, просто ја согледувам својата заблуда што сум размислувал на овој начин.
Ароганција комбинирана со незнаење е катастрофа. Просто ме фаќа срам кога гледам какви сѐ ликови во политиката се навлечени на ароганцијата на моќта. Одбивајќи да размислуваат рационално, овие арогантни, но неуки политички креационисти ослепени од моќта не можат да ја перципираат реалноста околу нив. Привремената илузија за нивната важност затскриена зад ароганцијата не им дозволува да го видат падот што е неизбежен. Да видат дека полека се гаси мантрата за поддршка, базирана на лаги, полувистини и бесмислени измами, зашто во моментов нивната ароганција ја плаќаме со нашите животи.