Време е да се повлече црта, да се направи попис и салдо на сѐ што (не) е сторено во мандатот на сегашната влада, но и на тоа како (не) дејствувала опозицијата. За само неколку дена ќе треба да се соочиме со самите себе, со сопствениот страв (за здравјето) и граѓанската одговорност. Дали сме polites или idiotes? Tоа никако не е лесна задача: разочарувањата, сиромаштијата, апатијата, но и ефектите на доктрината на шокот на која нѐ изложија странските ментори, сето тоа влијае на мотивацијата. До пред неколку години и јас ќе имав инаков став. Всушност, додека уште учествував во медиумските и јавните дебати, во сличен политички миг, по едночасовната анализа, еден ТВ-водител ме праша пред камерите дали ќе гласам. По малку изненадена, спонтано се изнасмеав. Му реков: „Веројатно е неочекувано од професор што предава политички систем и ги учи студентите на тоа што е демократија, да ви даде негативен одговор. Но јас премногу си го ценам сопствениот глас за да легитимирам партии на кои не им верувам, од кои сум видела само бескрупулозност, лукративност и корумпираност.“ Гледано од оваа перспектива, тоа беше време на луксуз кога можев на сите партии да им дадам „двојка“, да ги игнорирам, и да држам до сопствениот интегритет. Сега, за жал, од трка по помалото зло (од кол на кол), стигнавме до ситуација кога злото (о)стана без никаква автентична контрола, засилено дека МОЖЕ сѐ што ќе посака без никакви консеквенции, затоа што е поддржано однадвор.
Веќе напишав, но ќе повторам: седењето дома е прифаќање на смртна пресуда (сфатете го ова симболички, медицински или поинаку), без отпор, без обид нешто да се смени. Помеѓу минатонеделната и оваа колумна се случи нешто важно. Надежта се врати! Додуша, во Хрватска, но сепак тоа е инспирација и чин што одекна силно во регионот и во Европа. Оние што беа аутсајдери, на кои никој не им даваше никаква шанса, направија пресврт враќајќи ја црвената (и зелената) боја во еден мошне сив парламент. Тамошната конзервативна опција убедливо си ја завери победата, но многу поважно е што оние што фингираа опозиција (социјалдемократите) добија по нос! Токму она што го заслужија како застарена партија, без страст и содржина – како партија што се вклопува во поширокиот пејзаж на залез на социјалдемократијата во Европа (според зборовите на Драган Марковина)! Ние би рекле: ги снајде пасокизација! Црвено-зелената коалиција „Можеме“ е новата и свежа, и првенствено – вистинска опозиција, која ги демаскираше социјалдемократите и ги замени со умни и храбри луѓе во парламентот. Мнозина од нив и лично ги знам и почитувам многу. Уште поважно, победија во центарот на Загреб, и покрај сите медиумски сопки, сите „неверни Томи“ (вклучувајќи и меѓу лево ориентираните аналитичари и филозофи, кои ги гледаа како недораснати). Анализите веќе зборуваат дека оваа коалиција има шанси наредната година на локалните избори да го освои главниот град, но и да се етаблира низ земјата.
Иронијата на судбината (или препишувачкиот пи-ар) доведе до апсурдна ситуација во која СДССМ на нашата земја се крие зад истиот слоган. Но не е до слоганот, туку до суштината, до идеологијата, страста и автентичноста: во овие што овде се удираат в гради дека можат нема ни капка црвенило (ни за срам), ни трошка зеленило (освен за жолч или марихуана). Залезот им е судбина, а нивното (досегашно) одржување наспроти општиот тренд во ЕУ, е само навидум енигма. Ако носител на ИЕ 1 е бивш „рециклиран десничар со додадена вредност“ (како што го брани милата), тогаш е јасно дека тука не станува збор за идеологија и вредности, туку за прагма што се мери со (странски) сребреници. Салдото не смее да ги прескокне и спаринг-партнерите во аНАТОмијата на предавството: опозицијата што немаше храброст и „она на М“ за да се спротивстави и по цена на саможртва. Пееја/пеат во хор за НАТО (НАТО, ти си наше злато), се колнат во ЕУ (иако Ангела Меркел среде Европскиот парламент кажува дека не е убедена дека либералниот поредок ќе победи, а дека ЕУ се соочува со егзистенцијална криза) – ама хорот е на залез, бидејќи ова дури не е ни евергрин.
Освен НАТО, што друго се крие/ше во предавството на сѐ што ни е свето како на поединци и политички суштества? Продадено е сѐ, останаа уште Гоце и јазикот. Навистина, и Пленковиќ имаше видеоспот со европски колеги, кои го повторуваа слоганот на ХДЗ „Сигурна Хрватска“, па и Мицотакис пелтечи на хрватски. Нашата срамота не е што Ципрас му дава поддршка на Зоки (двајцата се божемни левичари, само вториов е тајкун), туку што ги цитира Конески и неговиот божемен наследник (Мартиновски), во говор очигледно напишан во Скопје. После траума, уште и шлаканица – за понижувањето да биде комплетно. Но паметиме што рече бесмртниот мудрец – големо ни е името, ќе се обидат да ни го земат! Сега на гробот му се смее оној што успеа да ни го земе името.
Сепак, обидете се да направите салдо што сѐ можеа и сторија (или другите не спречија). На можната листа, еве, што прво ми паѓа на ум: СДССМ не победи на изборите од кои наводно црпи легитимитет (вистина е дека треба да му благодари на ДУИ, но ДУИ пак си имаше инструкции од Калето). Собранието се конституираше на правно сомнителен начин, неговиот претседател беше избран без мнозинство (за што постојат снимки, ама нема записник! Кога низ светот граѓани упаѓаат во парламенти, тие се „демократски протести“, кај нас ги осудија на тероризам.
На ден пред Илинден, истата (2017) година, два месеца подоцна, побрзаа да го потпишат првиот асиметричен договор за добрососедство, а Бугарија го зазеде местото што 27 години го имаше Грција. Така почна бришењето на поновата историја, на културниот и јазичниот идентитет (оваа јамка околу вратот се стега при секое навестување на почеток на преговори со ЕУ, а тие МОЖАТ, зарем не? Што е еден Гоце и еден јазик за оној мрачен предмет на желбата, наречен моќ и власт?). На 17 јуни 018 година, спротивно на Уставот, неовластен функционер стави потпис на Преспанскиот договор. Со медиумска и политичка кампања без преседан, со соучесништво на академската и интелектуалната фела, а спротивно на устав и закон, спроведоа референдум на кој граѓаните им покажаа високо дигнат прст и им го минираа договорот со организиран бојкот. Го игнорираа гласот на народот со благослов од Брисел, кој им кажа да употребат микс со балкански методи, да ги заобиколат законските обврски што произлегуваат од решението на ДИК и бесрамно, со застрашување и поткуп, да обезбедат двотретинско мнозинство за промена на Уставот. По приемот во НАТО, на еден од првите состаноци на Алијансата, „јунаците“ се самоозначија како да сме вирус, а не држава (MK SKOPJE MOD).
Откако единствената реформа беа двојазичните табли на болниците и обидот за доприватизирање на јавното здравство, следуваше тотално фијаско во справувањето со ковид-19, за што власта ги обвини граѓаните. Таа правеше непринципиелни коалиции, нелогични потези и кокетираше со верските и етничките заедници, без да преземе никаква одговорност, па дури ни сочувство за големиот број жртви… Македонија како Шведска, по смртното салдо! За истата политичка цел, министерката за одбрана се слика гордо пред симболот што буди морници и сеќавања на воен конфликт и страдање, на мртви и исчезнати по кои никој не трага веќе, а истовремено ја злоупотребува АРМ за изборни цели. За крајот на листата, еден луциден пријател напиша „најгорчливата вистина на оваа листа е што во овие три години први виолини во државава беа ’Зајченце миличко, зајченце сивичко‘ и менталната провинцијалка со стриптизерски амбиции. Премногу глупости има за да се набројуваат сите, од ’еден педер‘ преку ’сите се мои‘ до дните ’шути и рогати‘, но сите водат кон еден заклучок.
Ако можете да се доведете до состојба во која оправдувате што било од гореспомнатата листа, се сведувате себеси на ниво на морони или мазохисти или, во најлош случај, игноранти на кои не им е грижа дали оваа земја ќе постои или не!“ Оваа листа е предолга за да застане во колумна, па сетете се на владеење со фејк њуз, рекет и злоупотреба на службена должност, партизирано судство и непотизам до коска, тотална контрола над медиумите, масовен предизборен поткуп, астрономско задолжување, непотизам и кронизам, застрашување и контрола. Навреда на просечната интелигенција на човекот се вождови како излезени од кориците на Домановиќ.
Го немаме веќе луксузот да седиме дома и да чекаме „нешто да се случи“, народот да се разбуди – бидејќи ние сме народот! Не е продуктивно ни пцуењето на опозицијата, која се покажа мекотелна, обременета со нечиста совест, неспособна да води и да се жртвува, која не го препозна историскиот миг – или се исплаши од него. Нема да амнестирам никого, но можам да инвестирам во нешто толку идеолошки јасно обоено, од што на творците на аНАТОмијата на најголемото предавство на кое посведочиле нашите генерации им се крева косата на глава. Достоинствен народ би казнил предавство од ваков ранг, што го опфаќа елементарното човечко и национално достоинство, подбивањето со мирот и правдата (шуто и рогато), користење темплејт за една шарена употреба, газење на човековите права и закани за критички искажан збор, бришење на жртвите на сите генерации пред нас, газење на Уставот и законот, печалење на потта на народот, проституирање на сѐ што е свето и заради што е вредно да се живее.
Кој може нека простува, јас ниту сакам, ниту можам. Ми треба опцијата што е негација на политиката на помало зло, негација на континуитет и на миксот на „пепси“ и „кока-кола“ како божемни алтернативи, за опција што е доволно црвена и радикална да го оспори системот како таков, а не (само) Курто и Мурто. Поинаков свет е возможен. Секој со својата совест и одговорност… Доаѓаат тешки времиња, волшебници нема, битката ќе биде долга (пот, крв, и солзи), но од нас зависи дали ќе бидеме лоботомирани и ќе се помириме со сегашноста или ќе докажеме дека не сме аутсајдери или политички идиоти што седат дома кога дошол ножот до коска.