СКИЦИ ЗА ЧОВЕКОТ
Народов вели: вирусов или е природен, или е човеково дело. А јас велам: ако го направил човек, не чини работава, зашто некој нов доктор Фауст склучил сојуз со стариот Мефисто, како некогаш кај Гете. Вирусот, во тој случај, го направил човек што себеси се смета за бог. Познати ни се од романите на Достоевски таквите осилени антропоцентрици и неврастеници што склучуваат сојуз со Мефисто, за да станат човекобогови и да прогласат дека бог е мртов. На пример, Кирилов од „Бесови“, кој веруваше дека од него (преку самоубиството) ќе почне да се брои новото светско време, како по Христос. Но познати ни се такви доктор Фаусти и од современата капиталистичка стварност на Бил и Мелинда Гејтс, Ворен Бафет, Марк Закерберг и другите најбогати луѓе на светот. Обични (невра)СТЕНИЦИ, кои мислат дека со парите можат да си купат бесмртност уште овде, на Земјава.
И тоа преку технолошкиот развој, цицајќи им го знаењето на научниците (крвта на работниците не е веќе доволно слатка), за мрачни цели. Конечно знам дека „дрвото на сознанието“ од библиската приказна за првиот грев не било јаболкница, туку дрвото на технолошкиот развој. Дуализам: зло од едната, (привидно) добро од другата страна. И конечно знам (а од дете се прашувам) како се презивале Адам и Ева: Гејтс. Притоа, Гејтс не е само презиме: тоа е поим, вид, класа неврастенични антропоцентрици.
Кога Маршал Маклуан ја пишувал својата прочуена (и прва) медиолошка студија „Поимање на медиумите – продолжетоци за човекот“, верувал дека техниката ќе остави благотворни последици преку медиумите, претворајќи го светот во „глобално село“, во кое брзината на информациите нема да зависи од растојанието меѓу изворот и примачот. Но сигурно не можел да предвиди дека еден ден ќе постои сомнеж дека коронавирусот е гнасен резултат токму на тој технолошки „напредок“.
А и да не е (дури и да е природен), сепак ќе остави зад себе стравотно технолошко ропство: ќе се доврши процесот со кој човекот конечно ќе стане робот. Џорџо Агамбен, во неодамнешната колумна „Реквием за студентите“, со жалење прогласува крај на десетвековното постоење на универзитетите, на кампусите како место за студентски живот и на студентската револуционерна популација. Наместо да седат еден до друг во амфитеатрите, да водат љубов и да креваат револуции за еднаквост и правда, студентите во иднина ќе следат предавања затворени сами во соба. И нема да живеат во градовите каде што им се универзитетите. Со тоа, уништена е автономијата на универзитетите, зашто – ако немаш кампус, немаш ни потреба од академска автономија: секој студент и професор си имаат лична граѓанска автономија. Освен тоа, никаква опасност како онаа од 1968-та веќе нема да има ни за Трамп, ни за Путин, ни за Ердоган, ни за Бил Гејтс и другите мултимилијардери.
Ќе бидат бесмртни, и политичарите и бизнисмените, па ќе излезе дека змијата од рајот што ги наведе на грев нашите прародители – била во право кога им рече: „Не, вие нема да умрете… ќе станете како богови.“ Ако каснете од дрвото на сознанието, односно од дрвото на технологијата. Агамбен тврди и дека умните луѓе знаеле дека таканаречената „пандемија“ ќе биде искористена како повод за „сеопфатна дифузија на дигиталните технологии“, кои ги нарекува „технолошко варварство“, а кое сега „послушно се спроведува на дело“. Тој не може да се помири со смртта на универзитетите, па речиси крикнува: „Професорите што масовно се согласуваат на потчинување на новата диктатура на телематиката и прифаќаат предавањата да ги одржуваат исклучиво онлајн, воопшто не се разликуваат од универзитетските професори што во 1931 година покажаа верност кон фашистичкиот режим. Како и тогаш, можеби само 15 од 1.000 ќе одбијат да го сторат тоа, но имињата ќе им останат запишани со оние што не им се поклонија на фашистите.“
Не, не навивам да се вратат класичните универзитети: и онака беа веќе морално (а и интелектуално) гнили, особено по Болоња. Но што да каже на ова радикално „не“ на технологијата обичен даскал каков што сум јас, пред авторитети како Агамбен? Воопшто да не држам НИКАКВИ предавања?! Тогаш останувам без професија. А Маклуан сигурно се превртува во гробот. Зашто, сигурно не мислеше на ова дереџе, кога нескриено се воодушевуваше од технолошкиот бум: телефонот е продолжеток на човековото уво (слуша до Северниот и Јужниот Пол), телевизорот продолжеток на окото (гледа одовде што се случува во моментов по целиот свет), а тркалото продолжеток на ногата – „брза нога“. Авионот стана протеза на човековите раце и дури, ги претвори во крилја. Човек со протези – тоа беше иднината на Маклуановиот човек: еден вид Супермен, со супер вид, супер слух и супер нозе.
И сето тоа значеше ОГРОМНО ЗАБРЗУВАЊЕ. А каде што има забрзување, мора да има и сопирачка, зашто забрзувањето може да го разбие на парчиња забрзаниот човек со патерици. Тој е мртов во оној миг кога ПРЕСТАНУВА ДА ЧУВСТВУВА дека продолжетокот е само туѓо тело што сраснало со неговото живо месо. А вирусов, ако е врв на технологијата, веќе срасна со нас: сите говориме за нов, „онлајн живот“, како да е тоа најнормално. Се плашам дека веќе нема кревање „рачна“! Од друга страна, смешен сум ако се бунам против технологијата, зашто тогаш би требало да се побунам принципиелно против сите продолжетоци на човековото тело, од кои женската (па и професорската) чанта или ќесите во „Веро“ се најчестите примери.
Тие се „продолжение“ на раката, трета или четврта рака, зашто не може човек да понесе сè во двете раце. Но убеден сум дека чанта и смарт-уред не е исто. Чантата не ме прави технолошки „аутистичен“, смарт-уредите – да. Петпати ги прашувам моите деца дали сакаат сок додека типкаат на таблетот, и нема одговор. Затоа, вирусот го гледам како уцена за нови „смартови“ и отуѓувања. Наше конечно исклучување од животот и вклучување во ЕМИСИЈАТА на животот. Тоа не е исто.
Застрашувачката помисла дека човек го конструирал овој вирус заради профит и моќ доживува климакс во следново прашање: ШТО АКО ОВАА БОЛЕСТ Е ИЗМИСЛЕНА САМО ЗАТОА ШТО ИМАЛО ЛЕК ЗА НЕА ПРЕД ТАА ДА СЕ ПОЈАВИ? Што ако етиката на човековиот технолошки ум доживеала таква ПЕРВЕРЗИЈА (под притисок на профитот), што најпрвин се прави лек, а потоа се фабрикува болест? Тоа ли е траурната иднина на човештвото – да се претвори во корпорација за производство на болести наместо на лекови? Тоа е оргија со етиката: не е чудо, „најдоблесно“ и „најморално“ да ни подарат и бесплатни лекови или вакцини (и нашите стари не наплатувале за лек), зашто болеста е веќе наплатена преку продажба на технологијата.
Во книгата раскази „Фрески и гротески“ (1994) имам краток расказ под наслов „Два лека за кои нема болести“. Таму отец Ангелариј, во деветтиот век, век на рачно препишување книги, една ноќ ја сонува печатницата на Гутенберг. Но кога ќе се разбуди, не може да се сети како изгледала. Знае само дека таа чудесна машина во сонот лесно создавала исти копии, во кои сите испишани „А“ се идентични со сите други „А“, и сите „Ш“ се еднакви со сите други „Ш“. Лек или болест е тоа што го бара Ангелариј – сите да пишуваме исто „А“? Попрво ќе е болест, како и секој плод од дрвото на Адам и Ева Гејтс.
Велат дека по короната веќе ништо нема да биде исто. Не е баш така. Досега беше „исто“, а отсега ќе биде УШТЕ ПОИСТО. Не само што ниедно „А“ нема да биде различно од другите „А“ туку и ниеден студентски есеј нема да се разликува од друг. Ќе нема човечки глас што одѕвонува во семинарот, со неповторлива интонација, тембр и дах што минува низ гласните жици. Преку таа дигитална униформност на човекот, пропуштен низ еквалајзерот на компјутерот, лесно ќе владеат луѓето богови. Со луѓето роботи и робови.