Во филмот „Истрел“ една прекрасна чисто љубовна песна, која во оригинал на бугарски јазик се вика „Чакам те да дојдеш“, знајно или незнајно е претворена во синоним за терор и измачување, кој сепак бил реален и се случил за време на бугарската окупација на Вардарска Македонија за време на Втората светска војна. Филмот на Бранко Гапо го сакам многу. Но си ветив, во првата пригода, таа прекрасна, ама навистина само љубовна песна да ја претворам во синоним на вистинска остварена во чекање романтична љубов. Така сум воспитан. Роден сум во семејство каде што кон Бугарија, наспроти тогашната официјална пропаганда за „мрсните Бугари“ токму од оние што денес се колнат во нив, се негуваа љубов, пријателство и братство.
Имам роднини во Бугарија. Сестра на мојот дедо, Уранија, баба Рајна. Паметам незаборавни детски денови во „Ухото“ во Пловдив каде што живееја моите братучеди. Во заемна љубов и почитување. И шепотења за Македонија. Такви биле времињата. Исполнети со шепотења и страсти. Така помина и мојата младост, во страст по фотографска и филмска техника. Руски камери и објективи. Првиот филмски проектор. Првата Латерна Магика, која ни го направи и првото подрумско кино. Првите електрични гитари. Подоцна и студирањето во Бугарија. Во шепотења и страст.
На националната академија ме примија како свој. Во една пригода колегите заклучија дека иако доаѓам од провинција, во себеси го носам самочуствието на Александар Македонски. Брзо научив перфектно да зборувам бугарски. Го почитуваа тоа. И никогаш, ама никогаш, не сум бил навреден или понижен поради тоа што сум. Никој, ама никој не ме присилил на што било. Јас и Бугарија сме во љубов, чиста, искрена, наивна, детска, речиси платонска: ништо не си должиме еден на друг. Освен шепотења и страст. Ниту еден грд збор. Ниту еден неразбран поглед. Ниту една празна воздишка. Вчудовиден и во неверување сум од тоа што се случува со Македонија и Бугарија. Ние сме пред моментот кога ќе ја убиеме секоја можност да направиме нешто не за да се засакаме, туку да престанеме да се мразиме. Не можам да прифатам дека секој ден сме сѐ повеќе и повеќе, сѐ подалеку и подалеку едни од други? Ја трошиме и последната „целувка“ што останала како спомен за некое време што можеше да се претвори не во романса, туку во вистинска љубов. А толку многу сакавме да се сакаме. Толку многу. Се плашам дека по сево ова што се случува и што најверојатно набргу ќе се случи, Македонците и Бугарите ќе се претворат во непријатели со кондензирана омраза што ќе ги закрви за следните сто години!
Страдам и не преболувам. Ама реалноста е пораз со кој мора да се научам да живеам. Жалам, но морам да се соочам со овој факт. Ме поразува вистината дека во последните три години се оддалечуваме едни од други, не на различни континенти, туку на различни планети. Не можам рационално да ги апсорбирам сите оние барања на Владата на Бугарија во однос на Македонија и македонскиот народ? А сѐ можеше да биде поинаку. Како стигнавме до тука? Зборував и пишував многупати дека начинот на кој се водеа овие преговори на крајот ќе стигнат до точка од која нема повеќе да има враќање назад. И ете нѐ тука каде што сме: на фронт, вкопани во сопствените ровови, со оружјата „на готовс“! Се чека само свирката на оние „фетфебели“ што ќе повикаат на напад! Во овој момент седиме и молчиме во тишината. До првото „урааа“!
Можам само да замислам како им било на Никола Карев и Питу Гули кога им станало сосема, ама сосема јасно дека помошта што Борис Сарафов ја ветил дека ќе дојде од Бугарија е лага и измама? Биле поразени. Што да се прави? Сега на каде? Како да се продолжи понатаму? Немало еден одговор. Како што нема ниту денес. Тогаш, во тие околности, сосема ги разбирам и двајцата ако биле поразени од фактот дека се предадени! Но овој пат е неприфатливо да имаме какво било, ама какво било оправдување за да се чувствуваме предадено. Требаше да знаеме дека ќе стигнеме дотука. Наивно ли е да се сака да не биде онака како што било? А? Веројатно, да. Првпат ли сме во ваква ситуација? Веројатно, не. Што се случило во август 1903-та? Што нѐ учи историјата? Дека сѐ до Конгресот во Смилево во мај имало постојани разговори, преговори, иницијативи, состаноци и советувања за кревање општонародно востание во Македонија и Одринско.
Знаеме како се одвивале настаните и дека имало големи поделби на најмалку две спротиставени групи, од кои едната била „за“, а другата „против“ оружено востание. И сепак, се донело решение за кревање револуција. Еден од големите аргументи „за“ била ветената помош од љубената Бугарија во оружје, логистика, организирани воени постројки, лобирање, медиумска и надворешнополитичка и дипломатска поддршка. И знаеме ли како завршило сето тоа? Да. На обвинувањето на турските власти за инволвираност на официјална Бугарија во востанието во Македонија, Владата во Софија негирала сѐ и јавно се откажала од поддршката на македонските востаници во Крушевско и Костурско. И? Што научивме од тоа? Ништо, најверојатно. И помалку од ништо, кога само шеснаесет години подоцна во Версај ќе се повтори истата приказна и Бугарија ќе се откаже од тоа да ги застапува Македонците пред европските држави, влади и институции.
Малкумина биле тие што собрале сила да расчистат со братската помош и си тргнале по својот пат, по патот на себепронаоѓањето на други начини за реализација на идејата за национална држава на македонскиот народ независна од другите балкански нации. По сѐ што се случило помеѓу 1919 и 1941 година, доаѓањето на бугарската војска во Македонија било дочекано во мир, вистина е, како ослободители, со леб и сол, со песни и ора, и да, со надеж дека најпосле саканата Бугарија ќе се застапи за Македонија и Македонците. И само во неколку месеци, од април до октомври 1941-та, Бугарија ќе ја прокоцка целата доверба и ќе го потроши и оној мал ентузијазам на Македонците кон нив. Па, така, веќе на почетокот од октомври истата година ќе се случат „првите пушки“ во Прилеп и во Куманово, а една година подоцна и масовно национално востание во кое по само три години државата Бугарија ќе доживее целосен воен дебакл и целосен пораз од македонските партизански баталјони.
И пак пресврт! За четири години, како последица на геополитичките промени во односите на поранешна Југославија со Советскиот Сојуз, во 1949 година повторно ќе се вратат на старите позиции на негирање и агресија кон Македонија и Македонците.
Кој дел не стигнува до нас? На челото ли треба да ни се нацрта за конечно да разбереме дека сега е најопасно и најрадикално од кога било во минатото? Овој пат, првпат во историјата, Бугарија ги поддржува соседите во однос на нивната политика кон Македонија и Македонците. Првпат во нејзината надворешна политика Бугарија е во сојуз со други, наспроти Македонија. Отворено и јасно. И толку од љубовта. Сѐ отиде по ѓаволите. А можеше повеќе. И можеше подобро. Но за да се љуби, некогаш треба повеќе сила отколку да се мрази. Ја слушаме реториката. Кој дел не го разбираме? На кој јазик треба да ни се каже? Или поточно, со каков јазик, за да сфатиме прости работи?
Како започна оваа кампања пред неколку месеци? Со романтично обраќањето кон владата на Заев, безмалку со јазикот на изневерена љубов: ако можевте да си смените име, устав, идентитет и да прифатите барања од Грција што никој не би ги прифатил, ако можевте да ја направите државата бинационална со две нации и два јазика, тогаш зошто и нам не би ни угодиле на нашите барања, кои наспроти сево ова што дотука го направивте и не е толку многу и не е толку страшно?!
Навистина, разбирам незнаење. Разбирам и необразование. Но не разбирам како може да ги заложите државата и нацијата на нешто што од првата секунда сосема јасно води кон загуба? Не разбирам? Што се променило за Бугарија да ги промени својата надворешна политика и своите интереси на Балканот? Што, освен нашата наивна надеж дека живееме во други, европски времиња на бескрајна и искрена општа љубов? Па вие хипици ли сте или државници? Што е ова „мејк лов нот вор“ дипломатија? Каде живееме ние? На Хаваи? Алоха, бе! Што друго можат да прават во овој момент за да го пријават своето постоење на мапата на држави што имаат некакво значење? Ништо, освен манифестација на сила врз малата, слаба, поделена, искорумпирана и во политички хаос држава Македонија, Северна или некоја друга, сеедно.
Владата на Борисов ја користи единствената можност за спас, па посегнува по старата политика: кога не знаеш како да му дадеш леб на народот во Софија најдобро е да го поведеш во поход за ослободување на Македонија! Но она што повеќе ме загрижува, е фактот дека не само што ние не сме научиле ништо од историјата во однос на Бугарија туку полека ама сигурно ми станува сосема јасно дека и Бугарија не научила ништо во однос на нејзината историја со Македонија. Како и во минатото, од Берлинскиот конгрес, преку руското ослободување и версајскиот мир, па до Балканските и двете светски војни, така и денес на крајот од сѐ, и покрај сѐ, Бугарија нема да добие ништо од Македонија и од Македонците. Зошто е тоа така? Ме одминуваат умни одговори, но ми надоаѓаат чувстува дека има нешто во врска со минатото. Најпосле, на Балканот нема сегашност што не започнала длабоко во минатото, а траела долго во иднината. И, сега што? Ништо, ќе се мразиме и понатаму. Со ист ентузијазам како никогаш и да не сме се сакале. До крајот на рефренот од песната: „Те чекам да дојдеш, те чекам во бујна страст“!
Авторот е режисер и универзитетски професор