Колумнава ја пишувам во пресрет на одлуката за прогласување (четврта, нова?) вонредна состојба. Би можела да почекам и да ја слушнам пред да продолжам, но таа е небитна. Сега, кога паѓаат сите маски, па и фасадите на државата која е празно Потемкиново село, ајде да си проговориме за нештата коишто беа очигледни, ама ни наметнуваа чувство дека не е згоден момент да се зборува за нив. Прво, вонредната состојба никогаш и не беше прогласена заради справување со ковид-19, туку заради одложување на изборите (и нивно темпирање во период што најмногу ѝ одговара на СДССМ на нашата земја); еве, стигнува веста за уште две недели вонредна состојба.
Оди после верувај им дека се грижат за здравјето на граѓаните! Второ, и многу поважно, вонредната состојба беше злоупотребена, при пацификација на народот со рестриктивните мерки, заради донесување арбитрарни мерки од главно социоекономска природа, кои неретко се граничеа со (или беа) корупција, поткуп за партиски и бизнис-цели, слобода за градежната мафија, брусење симболи, воскреснување на „рудникот на смртта“ Иловица со помош на шверцерска стратегија на Управниот суд, и за неразумно задолжување на државата. За последново, без срам и перде, зборуваше и Пендаровски во ТВ-интервју, објаснувајќи дека третата „нова“ вонредна состојба била приспособена на потребите од потпишување договори за задолжување, а не поради здравствената состојба. За жал, и четвртата („нова“!?) вонредна состојба нема врска со распадот на здравствената стратегија, туку со изборите што веќе ни ги најави Албин Курти!
Туку, ајде што имаме фаличен устав (кој никој не го ферма), туку уредбите со законска сила внесоа непоправлив хаос во законодавството, и покрај тоа што принципите на уставност и законитост мора да важат и во време на вонредна состојба. Ако на „црниот понеделник“ во 2012 година, тогашната опозиција/сегашна власт се дигна за да спречи задолжување од 100 милиони евра, сега бројката е 700 милиони – среде вонредна состојба, без парламент, од техничко-запржена власт што нема ни легалитет, ни легитимитет да носи вакви далекосежни одлуки. А никој ни да писне.
Справувањето со пандемијата беше и останува шизофрено: кога е за фалење, тука се саканиот министер и неговата комисија/штаб; но кога нештата ќе им излезат од контрола, вината е во еден „плевел“ во нивната зелена влада (министерот што доаѓа од опозицијата и духот на Груевски).
Класичен политички фолклор на абнормална пржинска влада (нешто што двете партии го чуваат како светиња уште од пред пет години, на штета на функционалноста на државата, а поради меѓусебна недоверба)! Таа е не само импотентна во поглед на јавните политики туку е во постојан тивок внатрешен конфликт, обременета со поделби и подметнувања, и со пиар-потреба да се покаже во подобра светлина себеси, ама не и другите од Владата. Најголемиот пресврт (кој, за жал, не е новина) беше денунцирањето на народот како ултимативен виновник за пропаста на здравствената стратегија, а бидејќи и тој народ го раскараа и поделија, сега почнува и сеопштото обвинување, етикетирање, навредување. Гладијаторската публика се буди, жедна за крв и казни кон оние што ѝ го загрозуваат животот. Релаксирањето на мерките, без никаква здравствена и научна основа, коинцидираше во чудна синергија на верската и световната власт (прогласот на реисот и на Владата). Тој е сега навистина бивш, но прогласот за смртта на ковидот беше запечатена со триумфалистичка и еуфорична поезија на јавна сцена од политичари и политизирани лекари. Политички крај, ама само на првата епизода… Сапунската серија продолжува.
Секогаш кога фината елита (не само политичка туку и интелектуална) ќе почне да покажува со прст кон примитивниот и заглупавен, неук и неодговорен народ, ми паѓа на ум ироничната (во прво време и забранета) песна на Бертолд Брехт, „Решение“: „Народот ја изигра довербата на владата и може да ја врати само со двојно повеќе труд. А, зарем не би било поедноставно владата го распушти овој народ и да си избере друг?“ Наместо да се преиспитаат, да си земат огледало (ама не од она што им вели дека се најубави и најумни), и најважно од сѐ – да преземат одговорност за состојбите затоа што се на функции платени од парите на тој напатен и прост народ (кој притоа и го задолжиле со „одвратен долг“, odious debt е фразата што треба да ја пребарате за да ја сфатите целата перфидија на елитите), тие бараат одговорност од народот, оној истиот кому божем му делат хуманитарна помош и летоци додека вршат предизборни дејства на очиглед на сите!
Да се разбереме, народот може да е и небањат (му ги исклучиле водата и струјата поради неплатени сметки), и со лош здив (болен е и нема можност да си ги чува забите), и распојасан (живее од денес до утре, а некогаш и не му се живее), и неук и необразован (зошто образованието е и лошо и скапо), и некултурен (зошто не заслужувате култура), и див (затоа што го збудалевте). Ама тоа е единствениот народ што го имате и од кој црпите легитимитет и власт! Тој е можеби неук, ама не е глупав: прво му заблагодарувате за дисциплинираноста и совесноста со кои сте постигнале суперрезултати, за потоа да леете солзи на разочарување и да му се заканувате дека ќе ги вратите строгите мерки, без оглед што тој не е виновен што вие сте кокетирале со неговите верски и етнички лидери.
Овој народ, како и секој друг, е моделиран и индоктриниран да ве гласа, воден е со децении низ лавиринтите на сиромаштијата за да не сфати дека вие сте одговорни што е ограбен, понижен и поделен (т.е. секогаш ќе му понудите згоден „непријател“ за трите минути омраза)… Изминатите месеци сето тоа ескалира под притисок на порнографијата на стравот, ама и поради вашите неодговорни постапки кога си возите мотори за рекреација за време на полициски час, се сликате во партиски дружини, без маски, и патувате без карантини – претставувајќи се како супермени на кои ковид-19 не им може ништо. Впрочем, какво чувство на восхит побудија воените бомбардери над нашето небо – еден ваш послушник дури кликна каква среќа е што не нѐ бомбардираат, затоа што сме им сојузници! Вие сте компрадорска елита, што би рекол еден мој умен пријател, па народот не го менувате, туку отстапувате на владеење од вашите господари. Домашни сојузници ви се овие што се среќни што не се бомбардирани, иако со глава кршат ќерамиди.
Кој со ваква власт и во вакви услови не полуди, тој не е нормален. Не може да малтретирате цела повозрасна популација со мерки блиску до умот, за потоа да ѝ давате бесплатен автобуски превоз; не може да ни се заканувате со минималец, а потоа да нѐ поткупувате со ваучери со одмор (да, де, до одмор ни дошло, или сиромашниве баш секоја година одат на одмор) и нѐ охрабрувате да одиме во шопинг, кафеани и обложувачници – небаре од нив зависи економскиот раст. Народот е неук, ама сфаќа дека немате компас, дека не знаете што правите и дека од политички причини, или заради додворување на црковни и бизнис-елити, сте подготвени и преку мртви тела да газите. Тоа е тој геслајтинг, таа политичка манипулација што ја опишав во колумна пред две-три недели.
Зошто народот не им верува на властите, вклучувајќи ги и здравствените? Ова е реторичко прашање, бидејќи ниту е ова ново, ниту заслужувате доверба. Впрочем, и на власт доаѓате (и име менувате, и устав партал правите) со легитимитет од едвај 30 отсто. И тоа со пропаганда, поткуп и благослов од странство. Не сте за верување! Полицајците се сламени фигури, а келнери легитимираат граѓани; бивш премиер уценува, лидер на опозиција внимава на уметнички впечаток пред странците. Недовербата е двострана, зарем не? Мислите ли дека народов заборавил дека сте го нарекувале шутрачки, идиотски, стока, небањати, заостанати, селјаци итн.? Бранко Црвенковски се жалеше во Брисел дека има лош народ уште во 2004-та, и тоа стана практика на секој политичар што повеќе сака да им се допадне на колонизаторите и да каже дека неговиот народ заслужува недостоинствен третман. И обратно, мислите дека не знаеме дека многу скоро ќе се додворувате и поткупувате за да ве (о)стави на власт?
Ќе ме караат некои мои верни читатели за дефетизам, но она што го знаеме со години, пандемијата само го разголи: овде држава нема! Не (само) затоа што полицијата јаде ќотек во некои маала, а во други служи како придружник на литии; не затоа што НАТО-армијата врши полициски функции и редарски услуги, а нејзини членови се тркаат за пратеници; не затоа што Рада се сликала со сценографија на УЧК во Кичево и тоа го нарекува добро владеење итн. Држава нема ако отсуствува базичен, елементарен однос на доверба на граѓаните во институциите. Тоа се вика слаба или полураспадната држава. Изреката на Меги Тачер дека не постои такво нешто како општество (туку само семејство и држава), кај нас не важи: држава нема, а општеството ни е во претполитичка состојба во која никој никому не верува. Дури ни во опасноста од ковид-19 не се верува. Нема ефект на „собирање околу знамето“ во случај на опасност, има тотална аномија, која ни нова влада нема да може да ја надмине.