Во земја како Македонија во која одамна владее култура на неказнивост, која ја водат/воделе аболирани, амнестирани или бегалци, во кои правдата е селективна и навистина слепа, а некои од оние на кои дури и им биле изречени ефективни казни никогаш не ги отслужиле, па се дури и почитувани (и преговарачи) во меѓудржавни спорови, изминатата недела беше по малку необична. Навидум, правдата победи. Барем така нè убедуваат. Но чувствата меѓу луѓето се различни и воопшто нема ни олеснување, ни она што се нарекува „сатисфакција“ дека правдата победила. Дури ни мирот ни е кревок. Но, ете, во два големи судски случаи, кои со години ја брануваа јавноста (за жртвите и да не зборувам), беа изречени две осудителни пресуди – за „Монструм“ и за „Таргет-Тврдина“ (прислушувањето). Тешко, ако не и невозможно, да се доживее олеснување какво што би следувало при перцепција за оправдана казна за тешки злосторства, а камоли некаква катарза во земја во која никогаш нештата не се дефинитивни, а најразлични пресврти се можни како во сценаријата креирани за Боливуд.
Циркусот со „бегството/исчезнувањето“ на Сашо Мијалков веројатно е она што внесе дополнителен драматуршки елемент, кој (првостепената) пресуда треба/ше да го амортизира. Токму пресудата за Мијалков (и помалку за неговите соучесници) го окупира вниманието и на експертската, медиумската и пошироката јавност. Најпрво, случајот се гледаше низ призма на двете прес-конференции со различни дијагнози за тоа дали системот функционира, па префрлањето топката на (не)одговорноста (правна, политичка и морална) помеѓу носителите на функциите, па се гаташе кој „триумфирал“ (политички) со трас-трас, трескањето (машки?) на маса, и какви последици ќе има оваа папазјанија врз политичката сцена и изборните калкулации (внатре во партиите и на локалните и евентуално парламентарните избори). Најхумористичниот момент беше прашањето на новинарот: „Вие во Македонија сте?“, упатен на лице што живо и здраво стоеше пред него (небаре, новинарот не си веруваше на сопствените очи или веруваше дека Мијалков е толку семоќен што истовремено може да биде на две места). Други новинари се обидуваа да ја одгатнат мистеријата и на чудесниот начин на оздравување од ковид-19 и на „хокус-покус, абракадабра“ воскреснувањето на системот заедно со појавата на Мијалков. Трети бараа да не се заморува јавноста со толку (здодевни) правни, процедурални, институционални и функционални аспекти, зашто тие биле сложени и неинтересни.
Несомнено, политичкиот адреналин и зачин се тоа што дава други поинтересни ефекти. Во текот на неколку дена, од изрекувањето на (повторената/потврдената) пресуда за обвинетите во „Монструм“ до петочниот бран на насилство, како израз на незадоволство од страна на блиските на осудените, јас барем не видов ниту една ТВ-дебата во врска со овој случај. Можеби грешам, можеби некој нешто искоментирал, но светлата на сцената ни оддалеку не беа свртени кон овој (наводно затворен) случај, како што тоа беше со вториот. Како сите да сакаа што побрзо да го заборават, да го стават ад акта, и така да си ја смират совеста: имаше злосторство, сега има и казна (иако и ова е само првостепена пресуда). И крај! Никој не покажа поголем интерес да го праша оној што со чукање на маса и со координации на извршна, судска и независна (обвинителска) власт прави чуда, зошто во својата „Вистина за Македонија“ го инволвира и овој случај. Ни морална, ни политичка, ни човечка, ни никаква сенка на одговорност! Семејствата на жртвите се повторно оние завиени во црнина и речиси невидливи, а особено неслушнати кога прашуваат: Зошто? Кој е нарачателот? Кој би извршил егзекуција на пет млади животи тукутака? Овие луѓе изгубија деца, а тоа е непребол и при најсовршена судска постапка и завршница, а камоли по емоционалната голгота што ја минуваа со час подгревани надежи дека борецот против режимот открил сознанија во „бомбите“, час со смрзнати срца додека го слушаа истиот човек како вели гарантирам дека „невини луѓе лежат за ’Монструм’“.
Сега, никому ништо! Тој ист човек сега е зафатен со друга правда и неправда. По некаков тек на околности, токму петокот беше моментот кога се „судрија“ двете гледања на правдата во Македонија: едното во судницата во која му се судеше на еден од најозлогласените ликови и симболи на бившиот „режим“, а другото – она на улиците во близината на судовите и во правен на зградата на Владата, каде што силни полициски сили се судрија со толпа што бараше поинаква правда за осудените за „Монструм“. Веројатно водена и од „крунскиот аргумент“ дека „невини луѓе лежат за делото“. Македонија и онака живее паралелен живот, па, така, ова второто беше забошотено и сведено на новински извештаи за ефектите од насилството, повредените полицајци, приведените насилници – и толку!
Морам да признаам дека со тешко срце ја пишувам оваа колумна, бидејќи личното чувство на правда се судира со чувството на неправда. Во однос на вториот случај, ме притиска чувството дека „задоцнетата правда е неправда“ – затоа што во годините откако се влечкаше овој случај, главниот обвинет не само што беше почитуван, не само што го зголеми своето богатство, туку успеа да стане фактор и во едно уште помасовно кршење на човековите права со политичко (и којзнае какво уште) замешателство во нелегалното менување на Уставот, газењето на државниот суверенитет и на нашето лично достоинство и право на самоопределување, и му кумуваше на она „помирување“ со кое се обезбедија „осумтемина неславни“.
Се разбира, прислушувањето на над 4.000 лица (зафат што обезбедил упад во приватноста на околу 20.000 лица) е тешко кривично дело и чин типичен за авторитарен режим. Тука немам дилема! И некои од прислушуваните можеби ќе добијат некаква материјална сатисфакција пред граѓански суд – и тоа е во ред, право е и правично е. Но што е со сите други што бевме колатерална жртва на големата игра на Дон Сашо Мијалков? Кому ние да му се жалиме за тоа што ни ги смени животите и што земјава ја доведе на ова дереџе, во кое не само што се распродаде секое нематеријално богатство туку помогна и во зајакнувањето на моќта и власта на оној што сега решил да продава дури и 20 отсто од територијата (за да не седела џабе)? Да беше брза правдата (т.е. Катица Јанева да не беше и неспособна и корумпирана), можеби сега барем оваа горчина немаше да ми го потиснува моралниот инстинкт, кој бара правда, ама целосна. Притоа, да не избрзуваме: нештата не се такви какви што изгледаат во ниту еден циркус, па ни во циркусот Македонија! Можеби еден ден Мијалков ќе биде некаков посредник или меѓународен претставник откако бурата ќе се смири, ќе се исцрпат сите правни акробации, а ние како јавност ќе заборавиме? Кога човек ќе се изгори на жешко млеко, дува и на јогурт… Тоа е јанѕата што нè јаде. Другата работа што остава сенка е нејасната судбина на прислушуваните разговори, кои повремено се пласираат од непознати канали. И конечно, не знам за вас, но јас и натаму сум убедена дека власта нè прислушува, бидејќи ефективно замолчува.
Онаа прес-конференција што ја одржа Заев откако профункционира системот (што Оливер Спасовски го прогласи за умрено), не може и не смее да биде заборавена, без оглед на среќата и гордоста на министерот за правда.
Како што кажа една умна адвокатка, тоа што го видовме беше пораз на демократијата, показна вежба за однесувањето на една неодговорна власт, практичен доказ за персонализацијата на власта и дерогирањето на надлежностите, нееднаквоста пред законот (на богатите/моќните и оние преостанатите смртници), притисоци врз членови на семејство, кој не е дозволен со закон и кој личи на приватно-криминални дилови. Впрочем, некој забележа дека досега не сме го виделе Заев со „толку крвожеден поглед“ – тоа беше сцена со емотивен (личен) набој и чувство на разочараност и гнев на „напуштена и/или изневерена љубовница“.
Како и да е, во моментов, иако пиарџиите прават сè што е во нивна моќ од оваа пресуда за Мијалков да ја претстават како победа на владата на Заев (и неговиот судски систем), оваа победа е Пирова.
Во поглед на позицијата на моќниците на мигот, ефектите се помалку значајни, но правната држава е сè понедостижна цел. Како што напиша еден твитерџија, од слоган, „нема правда нема мир“ станува опис на стварноста. Негов албански колега, познат како врвен интелектуалец, силно ги поддржа уличните протести на кои се раѓаат „малите Албини“ (мисли на А. Курти), кои не се плашеле да се судрат со неправдата. Во другиот дел од јавноста постои страв од ујдурма, па дури и елементарна дилема: дали „циркусот“ со Мијалков е само дефокус од она што го прават Бучковски и Бујар. Тоа е сликата на земјата (која не можам да ја наречам ни држава) во која е речиси невозможно граѓаните да се обединат околу суштинските вредности што ја чинат политичката заедница: владеење на правото и необезличување на нацијата. Секој дел си има свои (не)правди и свои херои и жртви, а на правдата – слепа и во заложништво, со право, никој не ѝ верува.