Колку и да звучи неверојатно, постојат луѓе што често се спречуваат или се ограничуваат во својот успех или среќа. Тие работат против себе, како што вели популарната поговорка, а меѓу психолозите терминот самосаботажа стана вообичаен за таквото однесување. Психологот Лиза Ган од британската добротворна организација „Натфилд хелт“ го испита овој проблем во обид да одговори зошто поединци свесно или несвесно сакаат да си наштетат.
Ниската самодоверба е прва на списокот на причини. Оние што имаат нормално ниво на самодоверба веројатно ќе најдат здрава доза мотивација и ќе успеат да ги постигнат целите што си ги поставиле. Луѓето што не се почитуваат доволно себеси честопати не се во можност да го сторат тоа.
Свесно избегнување добри можности
Личност на која работите ќе ѝ тргнат добро, ако има ниска самодоверба и чувство на сопствена безвредност, ќе има мисли дека не е достојна за успех. Луѓето со ниска самодоверба честопати веруваат дека не се достојни за успех или за среќа, што може да доведе до саботирачки однесувања што ги спречуваат да ги постигнат своите цели.
Постигнувањата и успехот може да им изгледаат толку непријатни на овие луѓе што свесно избираат да избегнуваат можности за личен развој, среќа или за успех, објаснуваат психолозите.
За некои, успехот е застрашувачки затоа што успехот носи промени, а промените можат да бидат „застрашувачки“. Без разлика дали станува збор за нашиот професионален или личен живот, понекогаш правиме работи што го ограничуваат нашиот напредок затоа што ни е удобно таму каде што сме и се плашиме од она што доаѓа. Вака некој избегнува да зборува за брак или деца, или за добри резултати на работа што, секако, може да значат унапредување, но и поголема одговорност.
Не е лесно да се препознаат знаците на самосаботирачки однесувања, бидејќи тие често се длабоко вкоренети во начинот на кој размислуваме, чувствуваме и се однесуваме. На пример, можеби мислите дека сте природно срамежливи или не сте доволно амбициозни, но всушност потсвесно го спречувате сопствениот успех поради скриен страв или непријатност.
Психолозите исто така даваат неколку примери за самосаботажно однесување: прекумерна употреба на алкохол или дроги, поткопување на меѓучовечките односи, избегнување разговори или одговорности, импулсивност, изолација, омаловажување на сопствените достигнувања и друго.
Самосаботажата во меѓучовечките односи може да произлезе од стравот од емоционална повреда, потоа поради некоја траума од минатото или неизвесност и страв од долгорочна посветеност. Се рефлектира и во отфрлање партнери во емоционални врски, повлекување од разговори за важни теми, создавање непотребни конфликти, прекумерна самокритика, според мислењето на авторот на списанието „Психологија денес“.
Однесувањето се смета и за самосаботажно кога создава проблеми во секојдневниот живот и се меша во долгорочните цели.
Самосаботажни однесувања
Најчестите самосаботажни однесувања вклучуваат одложување, земање лекови самостојно, но и злоупотреба на алкохол, дроги и храна за која сме свесни дека не е здрава. Ваквите однесувања вклучуваат и различни видови самоповредување.
Луѓето не се секогаш свесни дека се саботираат себеси, па дури и кога го поврзуваат однесувањето со самоуништувачки последици, тоа не е гаранција дека ќе престанат да го прават. Сепак, можно е да се надмине речиси секоја форма на самосаботажа. Бихејвиоралните терапии можат да помогнат во разбивањето на вкоренетите обрасци на размислување и однесување, а наедно да се зајакне способноста за рефлектирање и саморегулација. Мотивациските терапии можат да им помогнат на луѓето повторно да се поврзат со своите цели и вредности.
Совети за справување со проблемот
Експертите, исто така, нудат неколку совети што можат да бидат корисни во одговорот на прашањето како да престанете да се саботирате себеси.
– Идентификувајте ги однесувањата што сакате да ги промените. Запишете ги вашите цели и мислите/однесувањата што ве ограничуваат.
– Предизвикајте ги негативните верувања. Прашајте се: „дали имам вистински докази за ова?“ Заменете ги мислите како онаа „не сум доволно добар“ со „јас заслужувам успех и среќа“.
– Работете на вашата самодоверба. Бидете добри кон себе како што би биле кон пријател. Прифатете дека совршенството не постои.
– Поставете реални цели. Разделете ги на помали чекори. На овој начин, мотивацијата станува посилна, а избегнувањето е помалку веројатно.
Драгољуб Стевановиќ


































