Овде ги цитираме главните делови од четирите документи од преговарачката рамка со ЕУ, кои се клучни за интересите на Македонија, а кои кристално јасно покажуваат дека нашите преговори ќе бидат главно со Софија, а не со Брисел; дека клучни критериуми ќе бидат резултатите од историската комисија со Софија, а не Копенхашките критериуми; дека нема теоретски шанси во Унијата да ни биде „дозволен“ влез како Македонци, со македонски јазик, историја…, ако претходно не ги расчистиме односите со Софија. Во продолжение прочитајте зошто.
1. На 30 јуни 2022 година, Брисел ја прецизираше погубната преговарачка рамка за Македонија. Тоа се случи на последниот ден од француското претседателство бидејќи Париз беше носител на сите ултиматуми на наша сметка.
2. По шест дена, на 6 јули 2022 година, „Вечер“ интегрално ги објави четирите документи од кои се состои рамката – а) воведна изјава на ЕУ за отворање на пристапните преговори; б) преговарачка рамка; в) предлог-заклучоци на Советот и г) заеднички став на ЕУ.
3. Во точката 5, од преговарачката рамка, е клучот на бриселските политики кон Македонија. Во неа се бара наша – „посветеност на добрососедски односи и поблиска регионална соработка, вклучително и преку постигнување видливи резултати и спроведување на билатералните договори во добра волја… со Грција… и со Бугарија од 2017 година, КАКО И ГОДИШНИТЕ ПРЕГЛЕДИ И МЕРКИ за негово ефективно спроведување според членот 12…“!
3. 1. Кога рамката се повикува на меѓународни договори – има некоја логика. Сепак, воопшто не случајно, пренагласена е потребата од наша „посветеност“ во нивното спроведување. Така е, бидејќи тие се катастрофални за нас! Спомнувањето, пак, на годишните прегледи, или протоколи, а тоа се обични записници од меѓувладини комисии, е целосна бесмислица и безобразна злоупотреба. Рамката не може да се повикува на записници, камоли и идни! Договорот предвидува меѓувладината комисија да има – „редовни средби еднаш годишно“, со „прегледи“, или протоколи, ама за речиси девет години, одржани се само – две! Последната – во 2022. Тоа покажува дека обврската е прекината, што значи дека и договорот не се спроведува. А кога договор не се спроведува, тој веќе – не важи! Тоа треба и јавно да се соопшти!
3. 2. Факт е дека сме дале согласност за преговарачката рамка, иако сѐ уште не сме ја прифатиле. Сме се обврзале да спроведуваме и ЗАПИСНИЦИ од меѓувладините комисии со Бугарија, уште непотпишани, што е надвор од умот! Свесни ли биле тие „наши“ мизерии каква можност со тоа ѝ даваат на Софија, за нови уцени и ултиматуми, во новите записници? Историската комисија е клучот на Бугарија за бришење на Македонците и, на овој начин, од неа ќе зависат записниците! Записници веќе нема, токму поради историската комисија, која не се состанува, а ако ги нема и понатаму, ќе нема ниту ЕУ за Македонија. Со оваа рамка, Бугарија дефинитивно ќе го диктира нашиот пат кон Брисел. Тие воопшто не кријат дека ја спроведуваат својата вековна политика кон Македонија и ова им е историска шанса за успешен завршеток! Многу просто.
3. 3. Во целиот овој галиматијас, клучно е дека рамката Ѝ ДАВА НА БУГАРИЈА ЦЕЛОСНА КОНТРОЛА НА НАШИОТ ПРЕГОВАРАЧКИ ПРОЦЕС! Ништо помалку од тоа. Записниците од меѓувладината комисија со Бугарија намерно се подметнати во рамката бидејќи Софија само така ќе може да ја валоризира историската комисија и да ги контролира нашите преговори. Само така ќе може да ги разнебити Македонците! Поблаго кажано – да ги бугаризира. Но, да не забораваме, сето ова е претходно прифатено од „нашите“ предавници, предводени од Бујар Османи, зад кого стоеја сите Македонци од Владата.
Само еден пример, и сѐ е јасно – ако не прифатиме дека Гоце е Бугарин, Софија нема да дозволи да ги продолжиме преговорите! За Софија, ама и за ЕУ, сѐ друго, и од рамката и од договорот, е – ирелевантно! Освен, промената на Уставот, која е подметната со вториот протокол!
3. 4. Овој дел од рамката, кој директно се повикува на вториот протокол и на тие што ќе треба да следуваат, е неоспорно – најважен! Доказ за тоа е што и во другите три документи, темата со протоколите – се повторува! Во продолжение пренесуваме како.
4. Во предлог-заклучоците на Советот, во точката 3, стои: „Советот го поздравува договорот за протоколот од вториот состанок на заедничката меѓувладина комисија, формирана според членот 12 на овој договор. Овој важен чекор ќе придонесе кон добрососедските односи и регионалната соработка, кои остануваат суштински елементи на процесот на проширување…“.
4. 1. Ова е веќе директна потврда за криминалите и на власта во Скопје, ама и на Брисел – се поздравува вториот протокол, кој ќе биде потпишан по 17 дена! Значи, уште пред 30 јуни 2022 г., кога била прецизирана рамката, Македонија дала согласност ем за рамката, ем за промената на Уставот, ем за катастрофалниот втор протокол, кој ќе се потпише дури на 17 јули 2022 година!? Кој го договорил тоа и врз основа на што? Врз база на какви овластување, одлуки и од кого? Ова е повик и до Јавното обвинителство да се заинтересира за случајот! Некој си играл со судбината на Македонија и тешко ја злоупотребил својата службена должност!
5. Во точката 4, на предлог–заклучоците на Советот, стои – „… Советот ја поздравува НАМЕРАТА на Македонија да започне и приоритетно да ги постигне релевантните уставни измени, со цел во Уставот да се вклучат граѓани… дел од други народи, како што се Бугарите“! Во точката 6, пак, се вели – „Советот одлучува да свика друга меѓувладина конференција со цел да ја претстави преговарачката рамка… веднаш штом Македонија ќе ја спроведе СВОЈАТА ЗАЛОЖБА за завршување на гореспоменатите уставни измени…“!
5. 1. Да читаш и да не веруваш! Уште пред 30 јуни 2022 година, некои „наши“ предавници, не само што прифатиле промена на Уставот туку – како „НАША НАМЕРА“! Набргу, таа прераснала во „НАША ЗАЛОЖБА“! Тоа само ја нагласува подготвеноста на инволвираните за национално – самоубиство! А, да потсетиме, промената на Уставот, воопшто не се спомнува во договорот за (не)пријателство, уште помалку во заклучоците на Собранието за „францускиот предлог“!?
Обврската за промена на Уставот е дел од вториот протокол и тоа воопшто не како наша „намера“ и „заложба“, туку како груба бугарска уцена, за да се откажат од нивното вето, ставено на нашите преговори со ЕУ. Во протоколот се вели – „Бугарија… се согласи да се одржи првата меѓувладина конференција меѓу ЕУ и Македонија“… доколку… „отворање на преговорите за членство се одржи откако… Македонија во својот устав ги вклучи… граѓаните што се делови од други народи, како што е бугарскиот народ“!
Следува дека Македонија се согласува отворањето на преговорите за членство да се одржи – „откако во сила ќе влезе измената на Уставот за вклучување на… граѓаните… што се дел од други народи, како што е бугарскиот народ…“!
Внимавајте, не се работи за малцинство, туку за – „дел од бугарскиот народ“, а според пописот ги имаме 3.504! Зошто не се барало сите да бидат спомнати со име и презиме? Шегата настрана, некои забегани прифатиле ваква обврска и во рамката и во протоколот, иако – „предлог за пристапување кон измената на Уставот може да поднесат претседателот, Владата, најмалку 30 пратеници или 150.000 граѓани“! Така е пропишаната уставна процедура и такво нешто, во никој случај, не може да биде договарано во странство! Ама истите тие предавници, постапиле така по вторпат – по Нивици!
6. Во заклучниот став на ЕУ, во точка 11, стои – „оваа преговарачка рамка ќе се презентира на следниот состанок на Меѓувладината конференција… веднаш штом Македонија ќе ја спроведе СВОЈАТА ЗАЛОЖБА за завршување на уставните измени…“! Во точката 14, пак, повторно се потсетува на важноста од спроведувањето на договорите со Грција и Бугарија, и се додава – „во таа насока, го поздравуваме договорот за протоколот од вториот состанок на заедничката меѓувладина комисија…“!
6. 1. Брисел не крие дека целта е, преку вториот, ама и другите протоколи, преговарачката рамка да стане (бугарски!) клуч за разнебитување на македонизмот! Токму така. Затоа и амандманот на Вајц е навреме, како одличен повод, ама и предизвик за да се расчисти сѐ. Ако односите со Софија не ги поставиме на реципрочна основа – Бугари кај нас, Македонци кај нив, за што се залага и власта, нема никогаш ни да се доближиме до ЕУ. За таа цел, прво мора да се откаже вториот протокол. Друго решение – нема! Остануваме во калта!
7. Зошто во четирите документи на ЕУ, за преговорите со Македонија, освен рутинските и технички прашање, нагласено се подметнуваат вториот и другите протоколи и измената на нашиот устав, што се главни бугарски интереси? Ако некој мисли дека е тоа случајно, многу се лаже. Впрочем, зошто Копенхашките критериуми се споменуваат само попатно? Прикриената цел е влезот на Македонија во ЕУ да биде – целосно блокиран!
Нашите предавства се направени во најголема тајност и се тежок политички криминал, за кој мора да се одговара. Секако дека и Унијата должи повеќе одговори околу овие наметнати ултиматуми и подметнати кукавичини јајца, меѓутоа, уште поважно е да се изврши детален увид и во сите наши документи што се однесуваат на овие манипулации, ако некои од нив сѐ уште постојат?! Во прашање се тешки злосторства против народот и државата.
































