Зошто народот гласаше за ВМРО-ДПМНЕ?

Народот гласаше за партијата како идна власт да решава практично, да чисти и расчистува. Не да објаснува, да се правда или сите тежини на неуспехот да ги товари на поранешните властодршци, сега опозиционери. Да ги чисти шталите, да го стопира масовниот криминал, да го намали, да го елиминира корупционерството. Да ги оправа здравството, образованието. Да го среди судскиот систем. Да ги открива фалсификатите и да ги казнува фалсификаторите. Да се справи со мафијата и мафијашите во политичките кругови, во урбанизмот, во фармацијата, во трговијата. Жестоко да удри врз трговците со политичко влијание исто како и врз трговците со дрога, со бели робје, со живи и со мртви души. Да ја среди државната масивна, инертна, арогантна, некултивирана и крајно корумпирана администрација. Да ги излечи од болеста на долги прсти нејзините припадници во вторите и третите ешалони…

Ниту една земја нема беспрекорно поведение, ниту една партија нема безгрешна политика, ниту еден лидер не останал без морални дамки на совеста. Земјите се посилни кога можат да се соочат со тешките делови од нивната историја. Власта излегува посилна кога се соочува и ги решава тешките денови на својата држава.
Трагедијата во Кочани, околностите за неа и околу неа, настапите на претседателот на Владата и на министрите, како и горенапишаните реченици ми се податлив мотив да ги напишам редовите што ќе ги читате и што го оправдуваат прашањето – зошто народот во големо мнозинство гласаше за ВМРО-ДПМНЕ на последните парламентарни избори.
Гласачите, луѓето од крв и месо, гласаа за ВМРО со надеж дека доаѓањето на власт на оваа возобновена партија е последната шанса Република Македонија (сега Северна) да се врати, толку колку што може, на колосекот на нормална држава. Не оти таа е најсреќната варијанта, но беше најнужната по анархичното владеење на двете претходни влади – едната на Никола Груевски, другата на Зоран Заев и резервистот Димитар Ковачевски. Ако се оди и поназад, ако се држи до принципот на неселективност, ќе се каже дека Македонија немала баш голема среќа со своите влади – од првата до последната.
Народот гласаше за партијата како идна власт да решава практично, да чисти и расчистува. Не да објаснува, да се правда или сите тежини на неуспехот да ги товари на поранешните властодршци, сега опозиционери. Да ги чисти шталите, да го стопира масовниот криминал, да го намали, да го елиминира корупционерството. Да ги оправа здравството, образованието. Да го среди судскиот систем. Да ги открива фалсификатите и да ги казнува фалсификаторите. Да се справи со мафијата и мафијашите во политичките кругови, во урбанизмот, во фармацијата, во трговијата. Жестоко да удри врз трговците со политичко влијание исто како и врз трговците со дрога, со бели робје, со живи и со мртви души.
Да ја среди државната масивна, инертна, арогантна, некултивирана и крајно корумпирана администрација. Да ги излечи од болеста на долги прсти нејзините припадници во вторите и третите ешалони. Да го запре митото што вирее речиси во секоја државна институција, во секој кабинет, во секоја канцеларија. Да состави црна листа на тендерџии, издавачи на дозволи, на разни државни, урбанистички или лични документи и сите нив да ги извади на светлото на денот. Да ги открие прикривачите на данок. Да не ги прикрива или покрива своите од партијата колку и да му се мили или блиски на врвот. Полицијата да не го носи штитот на криминалот и недопирливоста.
Народот сака да дознае (ако некогаш дознае) како и од кого се крадени државните, буџетски, народни пари. Да се проверуваат озборувањата за бивши премиери, министри, началници, градоначалници, претседатели на партии, во кои се спомнуваа богатства во имоти и во готови пари изразени во стотини милиони евра. И дали во владините кабинети се леглата на криминалот и корупцијата.
Народот во општините гласаше за власт што ќе ги примири општинските шерифи што ја носат функцијата градоначалници. Да не се случи народот пак да „вришти и да пишти“. Да не се повторува традицијата за своите да се мајка за туѓите маќеа. На пратениците во Собранието да им го врати чувството дека тие се претставници на народот, а не ограбувачи на сопствениот народ. Државните цели да се стават над личните интереси.

Народот гласаше за оваа власт убеден дека власта нема да се плаши од самата себе. Ќе ја јакне демократијата, ќе ги почитува и развива слободниот говор и јавното мислење, нема да го демантира секој критички збор упатен на нејзина адреса. Дека ќе има доволно цврсти нерви да поднесува и жестока критика таму каде што заслужува. И дека ќе си ги признава грешките. Попусто ќе биде нејзините претставници, од премиерот, преку министрите, па до другите подолу, да изигруваат безгрешни апостоли. Колку што власта ќе биде вистински суд за своите толку повеќе ќе го има правото да биде вистински судија за другите.
ВМРО-ДПМНЕ да не се плаши од протестите на граѓаните зашто партијата е нивни генетски родител. Поранешни партиски лидери и активисти се татко и мајка на протестите во Република Македонија, во нивното организирање и во силата, никој, колку и да се трудел, не им бил рамен. Со исклучок на Шарената револуција, во која пресудни беа странскиот фактор и парите на Сорос. Оние што го дадоа гласот за ВМРО очекуваат да се разјасни и тој енигматичен дел од најновата историја на државата, која, во ситуација на политичка кома и лидерско слепило, ги смени името и системот со сите негативни криминогени, државотворни и општествени последици што произлегоа од таа промена.
Моменталните изливи на гневот од трагедијата во Кочани изразени преку студентските протести се природна и оправдана реакција на млади луѓе револтирани што од човечко невнимание животот го загубија нивни врсници. Некои преревносни вмровци пребрзо им залепија разни политички и партиски етикети, како што некои опозициски мешетари веднаш излегоа од гробот да ја искористат несреќата за повторна себепромоција и грабање на пленот. Власта не ќе може, но младите ќе најдат начин да им се покаже аут-линијата на тие долгогодишни политички и медиумски мршојадци, вклучувајќи и бивши министри и амбасадори, до неодамна власт, сегашни опозиционери.

Мнозинството граѓани на Република Северна Македонија гласаа за победа на Христијан Мицкоски, повеќе за него како личност одошто како партиски лидер, ако ми е правилна процената… Стекнаа доверба во неговата искреност, која ако беше глума, досега секако ќе беше прочитана. Не е ниту првиот ниту последниот што презеде еден голем товар на својот грб. Може да биде првиот што навистина направил нешто или, пак, последниот што не направил ништо. Првиот што додржал на зборот, што остварил поголем дел од она што го ветил или последниот во редицата на оние што се покажале како големи измамници.
Што ќе се случува во овие денови и во наредниот период во најголем дел зависи од него, од неговата политичка, морална, лична, човечка и карактерна структура, од грижата на совест и од свеста со каква одговорност се натоварени неговите плеќи. Народот му поверува и му ја даде довербата. Колку ќе трае тоа ќе покаже времето во кое ќе се соочува и ќе ги решава (ако ги решава) тешките денови на својата држава.
Кочани не е она што беше до вчера. Македонија не ќе може да опстои како организирана, стабилна, просперитетна и среќна држава ако сѐ се одвива како досега. И Владата исто така не ќе може да биде иста.

[email protected]