- Зошто овие држави се однесуваат така кон Македонија? Според моето мислење, тие ги имаат воведено визите за нашите државјани уште непосредно по распадот на Југославија кога на овие простори беснееја војни, а потоа ваквата состојба продолжи по инерција, особено затоа што ниту една наша влада нема преземено мерки за нивно коригирање. Затоа сметам дека би било добро да се ангажира некој што ќе направи ваков преглед за голем дел од државите во светот што само кон Македонија се однесуваат, на некој начин, дискриминаторски во однос на визите
Не е мал бројот на држави во светот што и натаму бараат туристички визи за државјаните на Република Македонија. Притоа не секогаш причините за ова се во визната политика на тие држави, туку во одделни случаи и нашата влада, т.е. надлежни субјекти, треба да иницира укинување на овие визи или барем нивно олеснето (електронско) вадење, кое може да резултира со позитивен исход. Доказ за ова се Обединетите Арапски Емирати. До не толку одамна, Македонија беше единствената држава на Балканот за чии државјани беа потребни визи за посета на ОАЕ, но благодарение на иницијативата на нашето државното раководство овие визи беа укинати, па сега можеме да патуваме во ОАЕ без визи.
Секако дека постојат држави што, заради сопствени причини, бараат визи од државјаните на поголем број држави во светот, но има и држави што од сите европски, но и од голем број држави од другите континенти бараат визи само за државјаните на Македонија, Косово и на Молдавија! Набројуваме неколку такви примери.
ТАЈЛАНД. Буквално за државјаните на СИТЕ држави од Европа не требаат визи за посета на Тајланд. За државјаните на Србија даваат виза на граничниот премин, а само за државјаните на Македонија и на Молдавија бараат однапред вадење визи (со посета на некоја нивна амбасада во Софија или во Белград, со пополнување понижувачки податоци за материјалната состојба на барателот и сл.). Ова навистина е фрустрирачко, но сакам да верувам дека се работи за нивна неинформираност и дека со малку труд од нашето државно раководство и нам можат да ни ги укинат визите или барем да ни воведат електронско вадење визи. Сепак Тајланд е една од најпознатите туристички држави во тој дел од Азија.
Сосема ист е случајот и со МЈАНМАР. Таму бараат виза само за државјаните на Македонија, Косово и на Молдавија, додека државјаните од сите други европски држави можат да влегуваат во оваа држава без визи.
КАЗАХСТАН. И оваа држава буквално за државјаните на сите држави од Европа не бара визи, со исклучок на Македонија, Босна и Херцеговина и Косово! И за посета на Казахстан нашите државјани треба однапред да вадат виза од некоја од нивните амбасади во соседството со сите малтретирања што притоа следуваат.
КУВАЈТ. Државјаните од сите држави од Европа за посета на Кувајт можат да извадат електронска виза со исклучок на државјаните на Македонија, Косово, БиХ, Албанија и на Молдавија, кои треба однапред да извадат визи под доста понижувачки услови. Кога влегов на веб-страницата на Министерството за надворешни работи на Кувајт, видов дека Македонија воопшто ја нема никаде во ниту еден список на држави за кои треба или не треба виза. Ние како да не постоиме за нив, иако знам дека за време Југославија, Кувајт имаше одлична економска соработка токму со Македонија (мојот чичко како иноватор беше во посета на таа држава уште во 1972 година, еден од нивните принцови беше во Македонија и сл.). Вакви случаи има уште доста.
Зошто овие држави се однесуваат така кон Македонија? Според моето мислење, тие ги имаат воведено визите за нашите државјани уште непосредно по распадот на Југославија кога на овие простори беснееја војни, а потоа ваквата состојба продолжи по инерција, особено затоа што ниту една наша влада нема преземено мерки за нивно коригирање. Затоа сметам дека би било добро да се ангажира некој што ќе направи ваков преглед за голем дел од државите во светот што само кон Македонија се однесуваат, на некој начин, дискриминаторски во однос на визите.
Потоа би се презеле мерки од страна на нашето државно раководство за нивно укинување или барем замена со онлајн визи (наместо да се оди во нивните амбасади во Софија, Белград или не знам каде). Сакам да верувам дека повеќето вакви држави ќе се произнесат позитивно исто како што беше случајот со ОАЕ. Потенцирам и дека ваква активност досега нема преземено ниту еден наш претседател или влада.
Податоци за тоа кои држави бараат визи само за Македонците можат да се добијат многу лесно преку интернет ако се напише на Гугл: „Visa policy of (името на државата)“. Откако ќе се отвори таа веб-страница (на Википедија), треба да се кликне на „Visa policy map“, по што ќе се отвори мапа на целиот свет, на која со разни бои се означени државите за кои соодветната држава бара или не бара визи.
Александар Донски

































