На крајот на февруари, Вишото јавно обвинителство во Белград нареди да се собере целата документација поврзана со донациите на УСАИД од четири невладини организации во Србија. Тоа се ЦРТА, Граѓански иницијативи, Центарот за практична политика и фондацијата „Траг“. Според податоците на веб-страницата „usaspending.gov“, фондацијата „Траг“ досега има одобрение за речиси 5,5 милиони долари, а на ЦРТА ѝ се одобрени нешто повеќе од шест милиони долари за донации, при што најголемиот дел од таа сума не е исплатен бидејќи активностите на УСАИД се паузирани – да не речам откажани.
Како во едно добро познато и постојано видено сценарио, гореспоменатите невладини организации веднаш ја презедоа улогата на жртва и почнаа да повторуваат фрази за државна репресија, потиснување, заплашување и притисок. Најинтересен ми беше коментарот на активист од Граѓанска иницијатива, кој на Твитер напиша дека дури и на полицијата ѝ е непријатно што мора да ги „малтретира“.
Слична акција имаше и во август 2020 година, кога Агенцијата за спречување перење пари побара од деловните банки увид во трансакциите и податоци за 20 граѓански организации и 37 физички лица. Овој потег предизвика осуда од граѓанските организации, кои како одмазда одлучија да ги напуштат сите државни работни тела, совети и комисии и да ја прекинат соработката со државата. Подоцна се вратија, како ништо да не се случило (читај: странски донатори ги принудија) и ја продолжија соработката со државата – што, се разбира, годинава повторно ја прекинаа, знаете зошто.
Милан Антонијевиќ, поранешен директор на Адвокатската комисија за човекови права (ЈУКОМ) и на фондацијата „Отворено општество“, се осмели да напише на својот твитер-профил:
„Јас во 2007 година бев извршен директор на ЈУКОМ. На 31 декември Воислав Коштуница ни ја честиташе Новата 2008 година и ни ја испрати финансиската полиција. Цел јануари ја прегледуваа документацијата, сè беше чисто и уредно, и на крајот ни се заблагодарија, ни кажаа збогум и си заминаа. Значи, не треба да се прави драма. Секое правно лице во Србија е подложно на проверка, а ако е сѐ уредно, нема причина за грижа“.
Неговиот коментар веднаш наиде на осуда и обвинувања дека ја релативизира државната репресија врз граѓанските организации. Драган Поповиќ од Центарот за практична политика заедно со низата навреди напиша дека му е жал што некогаш го познавал. Слично реагираше и Маријана Тома, која претходно работеше во Фондот за хуманитарно право, како и многу други. Како што неофицијално слушам, активисти на невладини организации дури го споделуваат неговиот телефонски број и ги повикуваат луѓето да му се јават и да му кажат што мислат за неговата изјава – што невладиниот сектор би ја нарекол вознемирување и малтретирање доколку тоа го направи некој друг, освен нив.
Заедно со ова кукање на невладиниот сектор и акциите на малтретирање на оние што не мислат како нив, се активира и меѓународна мрежа на кукање. Оваа мрежа ја сочинуваат нивни поранешни колеги, кои сега работат во меѓународни институции и организации, партнери што ги запознале на меѓународни конференции и заеднички проекти, како и „професионални“ и „независни“ медиуми чии новинари ги обучувале на различни конференции и семинари. Заедничко за сите нив е што по зборовите на невладиниот сектор не се зборува ништо повеќе – затоа што, се разбира, тие се непогрешливи и секогаш во право!
Речиси дваесет и пет години сум активен во невладиниот сектор и со сигурност можам да кажам дека има корупција, финансиски малверзации, пазарење со влијанија, расипничко трошење пари, плаќање проценти за одобренија на проекти и којзнае какви други незаконски активности. Меѓутоа, секогаш кога некоја држава ќе се осмели да влезе во кафезот со „поларните мечки“, сите се активираат како едно – на национално, регионално и на меѓународно ниво – и ги бранат своите другари. Често слушаме како лекарите се држат заедно, адвокатите исто така…, но тоа не е ништо во споредба со тоа колку активисти од невладиниот сектор се држат заедно, иако меѓусебно се презираат.
Да се вратам на Милан Антонијевиќ и неговиот „непримерен“ твит. Еден од коментаторите напиша: „Како правник, дали ви е јасно дека нашето обвинителство нема јурисдикција да ја истражува злоупотребата на средствата на УСАИД во невладиниот сектор“? Овој коментар беше особено загрижувачки за мене бидејќи луѓето изгледа не разбираат дека сѐ што се случува на територијата на Република Србија е во надлежност на државните институции – без разлика за чии пари се работи! Нашето обвинителство има овластување да ги истражи сите потенцијални злоупотреби и криминални дејствија што се случуваат на територијата на Србија, вклучително и средствата што доаѓаат од странство, доколку постои сомневање дека тие биле злоупотребени со кршење на српските закони. Тука спаѓаат перење пари, даночно затајување, злоупотреба на службената положба… Дали организациите ваделе пари преку фиктивни фактури и ги користеле за финансирање активности на политички партии и граѓански групи? Тоа секако би го загрижило обвинителството!
Сето ова упатува на широко распространето мислење дека невладините организации се заштитени како поларни мечки – дека никој не смее да ги критикува. Во Законот за здруженија јасно стои дека работата на здруженијата е јавна и дека секој граѓанин, а особено обвинителството, има право да се занимава со својата работа и да врши увид, особено ако постои сомневање дека се прекршени закони. Од невладините организации често ги слушаме зборовите „транспарентност“ и „владеење на правото“, но истовремено отфрлаат секаков вид контрола кога тие се во прашање, што само ги покажува нивното лицемерство и потреба од привилегирана положба. Критиките кон државата секако се добредојдени, но тоа не значи дека нема обврска да се почитуваат нејзините закони и институции. Транспарентното и одговорно финансиско и програмско управување мора да биде стандард, а не опција.
Финансирањето на невладините организации секако го отвора прашањето за странско влијание и го подгрева ставот дека тие се странски агенти што остваруваат туѓи интереси, за што добиваат милионски надоместоци. Се разбира, со децении не можат да се ослободат од оваа „предрасуда“, која постојано ги следи.
(политика.рс)
Предраг Аздејковиќ