Знаме

Знамето е колективен симбол во значење на архетип за еден народ. Тоа е симбол на заштита, самопочит, гордост и слава на тој што се идентификува со него. Од него е изведена и придавката знаменит што се става пред името на некоја значајна личност. Знамето е радост, екстаза на колективното битие, но кај Македонците тоа има димензија и на колективна ментална болка што им е нанесена во ова модерно време од анимозитетот кон нив со фашинаци мирис од страна на европската цивилизација. Особено од 1913 наваму, сè до денес, и потаму. Којзнае до кога. Апогејот на тој кобен анимозитет го искачи црното европско сонце над Македонците на 17 јуни 2018 во Преспа, полна со златни овоштарници и венчални ружи за македонските љубовници и младоженци. За да биде нашата европска смрт посвечена. Тогаш тоа црно го поклопи златното македонско шеснаесетзрачно сонце, кое ние повторно, по древноста, го развеавме во почетокот на деведесеттите (на минатото столетие и милениум) откривајќи го одново како наш генерички архетипски знак, амблем на нашата колективна душа. Со него, така, го прославивме и славевме нашето нововековно, по толку мрачни столетија, божем „осамостојување“ како автентична Република и нација во семејството на европските народи. Иако самостојноста до ден-денес не ни е дозволена и не се случи.
Радоста траеше кратко, колку блесокот на една молња и нејзиното гаснење со ударот на громот, кој се губи во темницата што се спушта по него. А таа цивилизациска темница на злото што е метафора за смрт, драг читателу, нам Македонците во Преспа 2018 всушност ни го поклопи целосно нашето сончево лице. Од таа темница во ковачницата на смртта беа направени и клинците за ковчегот на нашата идентитетска смрт во кој нè стави, според неа засекогаш, цивилизацијата на Брисел како идентитетски мртовци. Оти само такви нè сака. Никако други. На тој помпезен преспански погреб на политичките домашни, балкански и евроамерикански накази нашиот пребогат културно-цивилизациски имот со сите знаци, симболи и архетипови беше насилнички префрлен во катастарот на кон нас канибалистичката Грција. Во него со варварската кражба беа депонирани и нашите најбитни и најсвети идентитетски архетипови: Името и Знамето.
За името многу сум говорел и пишувал, обраќајќи му се главно на нашиот простосрдечен обичен народ, кој има вродена интуиција за изворот на својот идентитет, како и нагон за постоење за разлика од нашите таканаречени интелектуалци, универзитетски професори, академици итн., докрај лукративни и рамнодушни кон судбината на племето, најчесто јавни или премолчени колаборационисти со нашата малоумна политика и политичари, кои и не знаат што е тоа идентитет. И така осамени, безбојни и рамнодушни ги загубивме во цивилизациската мегакражба и името и знамето. Двете нив ги спојува најзначајниот симбол/архетип на човекот Сонцето, а тоа значи Светлината како супстанција на Бог и божественото. Во таа смисла да се потсетиме и на Христос: „Јас сум светлината на светот“. Тој е роден некаде напролет, но неговото раѓање, како што гледаме, е поместено на почетокот на студениот јануари, кога се одржувале римските сатурналии на денот на римската рамноденица, најниската точка на гаснење на сончевата светлина. А смислата на тие сатурналии била со магискиот обред таа да се зајакне и да почне да се крева и да расте над таа точка. Е, затоа како што тврдат антрополозите и е поместено тука Христовото раѓање како раѓање на новото сонце што ќе го огрева незгасливо светот. Но тука истовремено има и една практична цел.

Имено, раните христијани со тоа сакале „дипломатски“ да ги придобијат за новата вера паганите на Римската Империја, без разлика што ако ја погледаме митолошката историја, ќе видиме дека и паганите без исклучок, секаде, сонцето го поистоветувале со бог.
Македонците посебно и фасцинантно го обожавале сонцето во древноста. Тоа и розетата како негов симболошки близнак кај нив се присутни во сè: на облеката за делник и за сведен, на накитот и монетите, на прагот и вратата на домот и црквата, на фреските и иконите, на шлемот и штитовите на воините, на ралото и плугот, сè до посатките за домаќинство. Насекаде и во сè (на малтер, керамика, камен, метал, дрво) се втиснати тие како царски господов печат на индивидуалната и колективната македонска душа. Како што забележува Лидија Славеска во книгата „Македонската генеза“ (осамена и неповторлива кај нас на темата Античка Македонија) во поглавјето што ја дава на показ големата антрополошка и митска сончева слика на Македонците кај нас во црквите на иконите и „Богородица речиси редовно на челото и на двете рамења, каде што според црковните канони треба да биде поставен крст, има сонце“. Некој вид по линија на митот наследена сончева антрополошка свест. И таа длабока свест е тука, драг читателу, жива и не е некој занемарлив „архаичен остаток“, како што би го дефинирал тоа Фројд. Не, тоа е само речиси нагонска, интуитивна синтеза на сонцето и светлината како симболи на бог и божественото, симбиоза со симболизмот на крстот. Оти крстот западната психа го гледа како Голгота, распетие и смрт. Католичките цркви и манастири се задушени со симболизмот на распетието. Тоа доминира насекаде во нив. А всушност крстот како изворен симбол со кој се поистоветува Христос не е симбол на смртта, туку на вечниот живот. Еве го пак тука него со она „Јас сум светлината на светот“. Античките Македонци и пред раѓањето на Богомладенецот во Витлеем го знаеле тоа со интуицијата на душата, а и потоа, па затоа и во крстот на Христовото распетие го препознале новото сонце на вечниот живот, а не на вечното страдање и смрт, па оттука сонцето на челото и на рамењата на Богородица (патем, симболички и заштитничка на Македонија) наместо крст.
За таа, пак, речиси нагонска фасцинација на Македонците од симболизмот на сонцето и светлината говори нешто суштински и Ханс Лотар Штепан, осамениот германски пријател на Македонија, во неговата знаменита книга „Македонскиот јазол“ кога пишува: „Сонцето го обелодени тоа, зашто засвети низ цела Македонија. Едноставно се покажа како неискоренлив иманентен знак за Македонците низ вековите на величието и сјајот, но и низ темните тажни векови на ропство и угнетеност за да им ги стопли македонските души, со верба и надеж да се истрае“. Тоа е таа митска и антрополошка интуиција, тој незгаслив македонски сончев нагон за постоење во Бог и божественото, толку многу изворен и природен за нив. Оттука и сонцето во полн сјај на колективната душа на нивното знаме, кое со варварски грабеж, сега со помош и на бриселовашингтонска цивилизација, го присвоија Грците. Да.

Но парадоксот сега, драг читателу, е во тоа што грчката колективна душа се клонела од сонцето и светлината, во антиката, ама според сите знаци (и со учеството во нашата идентитетска смрт) и денес. Ќе речеш, драг читателу, дека тука, занесен од емоциите, претерувам, но сепак не е така. Цепенков вели: „Коза лаже, рог не лаже“. Оти, како што велат Римјаните, „пред фактите и боговите молчат“, освен, секако, кога тие ќе се искривуваат како што го прават тоа нашите соседи и Европа, па треба да се повикаме на она на Арнолд Тојнби дека во анализата на голите и најчесто злоупотребени историски факти најважен е контекстот, без кој нема ни историја ни правда. За тоа во нашата тема со варварски украденото знаме дава неподмитлив прилог и Роберт Грејвс, чија книга „Грчки митови“ е сè уште ненадмината во толкувањето на тој, иако во многу аспекти фалсификуван феномен наречен погрешно како „грчко чудо“. Сепак. Имено, неподмитливиот истражувач на грчката митологија на древноста (патем, и познат поет) не можел а да одмине еден факт, кој во однос на симболизмот на сонцето имплицитно ја открива, јунговски речено, темната сенка на грчката колективна душа заедно и со нејзиниот прекумерно цивилизациски надуван нарцизам. Имено, во својата знаменита книга Грејвс ни соопштува дека Старите Грци, произведени од Дројзен во Хелени, заглавени во својот до денес неизлечив данајски болен нарцизам, оделе дотаму што не го признавале дури ни влијанието на космичките сили на нивниот олимписки култ со раскарани и со провинциски манири богови. Во таа смисла тој пишува: „Планетарните сили никогаш не смееле да влијаат на официјалниот олимписки култ, бидејќи се сметало дека не се грчки (Херодот), па, според тоа, не се ни патриотски. Аристофан вели, преку Тригал, дека Месечината и Сонцето, „тој стар пробисвет“, направиле завера да ја предадат Грција во рацете на персиските варвари“.
Сè е јасно. Античките Грци не го сакале „стариот пробисвет сонцето“, кое според нив им било наклонето на варварските Персијци, заедно и со месечината, па оттука неговото евентуално обожавање се сметало за непатриотски чин. А сепак, парадоксално, тоа ги греело, како и сите народи, и нив. И тука, драг читателу, доаѓаме до една колективна патологија на она што психијатрите го дефинираат со поимите „стеснет ум“ и „стеснета душа“. Оти за разлика од сонцето и светлината, соларниот, Грците го обожавале ноќниот симболизам на нивниот омилен архетипски симбол бувот (утката), кому уште му ја прилепиле и мудроста како нешто што го симболизира тој. А кај Македонците, пак, бувот покрај другото е и симбол на кобен судбински вестител на смртта. Неговото ноќно утење ја најавува нејзината блиска присутност. Итн.
Комплексна е таа антрополошка слика и противречна во грчката психа до еден драматичен, а на крајот и хуморен апсурд кога ќе се запрашаме зошто Грците го украдоа насилнички со помош на „меѓународната“ западна заедница шеснаесетзрачното сонце од нашето, сосе него, древно знаме, драг читателу. Можеби за да ја осветлат својата темна колективна данајска душа, која ја заборавила убавата африканска лекција на култот кон небесното сивило кон кое имале божествена почит сите антички народи освен, како што тврди и Грејвс, Грците, повикувајќи се и на славниот грчки комедиограф Аристофан.

Така стојат работите со Грците „лицем светци, срцем волци“ (Прличев). Го украдоа од нив презреното сонце од нашето древно знаме, но ние непоправливи него во ставивме на новото, популарно наречено „пропелер“ со динамичен енергетски напон. Можеби тука има пак нешто од архаичната потсвест на психата, па тоа наликува енергетски на свастиката, еден од древномакедонските енергетски симболи (можеби донесен со походите на Александар Македонски од Индија?), кој патем го открија и ариевските Германци на Хитлер и го злоупотребија.
Така стојат работите, драг читателу. Но што е всушност знамето, кое за некои надувани „интелектуалци“ е само обична крпа. Тоа од дамнина па до нашата избледена свест е симбол на заштита. Знаменосецот во битка, пред почетокот, него го крева над главата спроти сонцето, воспоставувајќи така врска меѓу земјата и небото. Во Библијата знамето ја симболизира победата на Христос, а тоа значи победата на Доброто над Злото, што, пак, значи дека знамето директно го симболизира самиот Бог. Така, во поглавјето „Излез“ од Стариот завет (17:15-16), Мојсеј вели: „Господ е моето знаме“ бидејќи рече: „Господовото знаме во раката“.
Да. Па сега, еве, ако ни го украдоа варварски нашето генеричко знаме, Грците сепак не можеа да ни го украдат, драг читателу, и Господ како наше знаме. Господ кој не е знаме на нивниот антибожји Фанар, „лицем светец, срцем волк“, да го парафразираме пак Прличев, кој добро го почувствувал неговиот волчешки здив, а и ние денес го чувствуваме. Така, а ние дури сега на крајот, драг читателу, еве должни сме да го откриеме мотивот за овој по малку травматичен текст. А тоа е, звучи и мелодрамски, оперско-политичката анегдота на нашата претседателка и, по операта, нејзината средба со крупниот бугарски македономрзец претседателот (заруменет со бугарското антимакедонско изгрејсонце) Румен Радев. Тоа е (анти)историскиот миг кога нашата претседателка се слика со румениот Румен во неговата резиденција пред бугарското во отсуство на македонското знаме, со тезата „еден народ во две држави“, формулата на лукавата бугарска хиена со азијатска муцка. Со извинение на прекрасната метафизичка и божествена Азија. Не знам, да не грешам душа, драг читателу, и дали под опиум на својата нова улога претседателката не забележала дали нема македонско знаме, кое е неизбежно според протоколот на политичката (макар и оросписка) етика, во државната резиденција на бугарскиот претседател. Сеедно. Иронично, дури отпосле следуваше македонската протестна нота. А таа анегдота во Софија, драг читателу, не покажа ништо друго освен тоа дека есенцијалниот талог на нашата колективна психа, и од есенцијален антрополошки аспект, е целосно избледен, на најниската точка од свеста за сопствената генеза. Точка. Nocturno. De profundis. Memeto mori.