Злосторство и проштевање

Злосторство и проштевање е темата на нашата денешна колумна, драг читателу, формулирана некако во духот на христијанската етика, таа што ја проповедаше Исус. Тука во неа се вглобува и неговата филозофија за непротивење на злото, чии фасцинирани поклоници беа и Ганди и Толстој. Веројатно поради таа фасцинација (наша претпоставка) и одбил Толстој да се ангажира барем со два-три збора за страдалничка Македонија, замолен од Ризов, кој отиде директно во Јасна Полјана да го замоли за тоа. А можеше ако знаеше, а мораше да знае, дека Македонците учествувале за време на Киевска Русија во нејзина христијанизација. Плус и дека првите руски светители и маченици Глеб и Борис се по мајка Македонци, синови на принцезата Олга од Охрид, една од жените на рускиот цар Владимир. Симболички тие се заштитници на руското небо. Едни други двајца Македонци, пак, се заштитници на европското небо, светите солунски браќа Кирил и Методиј. А само македонското небо денес не е заштитено од никого. Грците само пиратски владеат со него. Тоа е македонскиот трагичен парадокс. Сеедно, главно е дека со сè тоа на широк план беше проектирана македонската културолошка космополитска свест, која по Александар и неговата светска држава на апсолутно рамноправни народи експлодира со апостол Павле, лично испратен во Македонија од Исус Христос (Дела апостолски), а потоа и со Кирил и Методиј, осум столетија по него, за истата идеја да воскресне и во духот на модерните Македонци со Гоцевата визија за разбирање на светот како „поле за културен натпревар меѓу народите“. Итн.
Македонската културолошка и ментална, на духот и душата, историја е долга и богата и временски и просторно, иако западната ариевска цивилизација наследничка на суровата ментална слика на Римјаните не го признава тоа, а се оглушуваат дури и, како што видовме, некои личности како Толстој. Тој тука се покажал како духовен и душевен циција кон родствените браќа Македонците. Изгледа дека и кај него како и кај други воленс-ноленс проговорил, фројдовски речено, империјалниот комплекс на психата кон малото, како што би рекол Конески, „смачкано племе“. Туку во ред е на крајот на краиштата сè тоа, и оваа подолга дигресија, која макар и индиректно се вглобува во темата на нашата колумна со експресивен наслов „Злосторство и проштевање“. Така дефинирана таа „мириса“ по малку и на Достоевски, на неговиот култен роман во неговиот огромен романсиерски опус „Злосторство и казна“. Да. Но како што ќе видиме малку потаму, и кај нас ќе стане по сила на разјаснување на нештата збор за казната, која макар и имплицитно, како лебдење во воздух, е вглобена природно меѓу поимите злосторство и проштевање. Така, оти по дефиниција и според логиката на човекот и неговото правно устројство и судските институции за злосторството заслужено следува казна. Тоа е, настрана од педагошкиот хуманизам на Макаренко, суровата педагогија на општеството во кое за песимистот Хобс човекот на човека е волк: homо hominis lupus. Некаде за одреден вид злосторства денес во светот, кој се служи погрешно со перверзната маска на хуманизмот и демократијата, сè уште постои смртна казна.

Така, но од христијанска гледна точка, а врз основа на исказите на Исус, црковните авторитети се застапуваат не за казна за злото туку за негово проштевање. Но сега, драг читателу, треба да се запрашаме дали и кај самиот Исус тоа гледиште е навистина консеквентно и како заледена догма неотстапно докрај. Оти, според нас, тој не е црковен догматичар како црковните толкувачи на Библијата, туку е дијалектичар од кој може по нешто да научи и Хераклит.
Догмата дека злосторството се проштева, а не се казнува, свештенската догма главно ја изведува од Исусовиот став дека треба да се љуби и да му се проштева за злосторството дури и на непријателот. И не седум, туку 77 пати како што вели тој. Посебно во овој битен контекст се нагласува Исусовата молба до Отецот да им прости дури и на римските војници, кои му ги забиваат клинците на крстот на Голгота. Нормално, како што вели тој, бидејќи не знаат што прават, дека го распнуваат никој друг туку Божјиот Син. Иако сепак знаеле што прават, садистичко злосторство. И пак и тоа од црковните авторитети е буквално, површински сфатено и беспоговорно заледено во догма. И ова не е длабински сфатено од нив, како и некои други на изглед наивни, но длабоко шифрирани во нивната амбивалентност параболи на Спасителот. Имено, пред сè со тоа „Прости им не знаат што прават“, како милост кон злосторниците тој му оставил златна порака на човекот, на стариот преобразен во Новиот Адам, дека љубовта е неспоредливо посилна од злото и треба да се користи нејзината сила за да се победи тоа. Едноставно тоа.
Да, драг читателу. А сега по ова е ред без заобиколување да кажеме кој го мотивира текстот на нашата денешна колумна за да ја развиваме неговата тема така и во овој правец. Во многу елементи трауматична тема, која нашироко ја анализира и раскажува и Достоевски, православен христолик од петиците до врвот, во својот романсиерски опус: тематската тријада: злосторство, казна, проштевање. Темата со која, како што гледаме, пред него се занимавал и самиот Исус. Но, макар било и иронично, и Исус и Достоевски тука се јавуваат a posteriori, како илустрација на поттикот за текстов. А тоа е еден од великодостојниците на Синодот на нашата црква владиката европски, како што е „просторно“ титулиран Пимен. Тој, како што знаеме, бидејќи некои нешта поврзани со колективна трагедија не се забораваат, активно, би се рекло и со посебна агитаторска страст, учествуваше во бриселовашингтонската и заеводимитровската кампања за менување на нашето генеричко Име што доведе до националната катастрофа Преспа 17 јуни 2018.

Тоа беше геноцид или, со други зборови, идентитетско усмртување на Македонците. На „смачканото племе“, колку што останало од некогаш големото со голема историска и културолошка слава, и кое патем, понапред нешто рековме за тоа, ѝ дарило многу културно-цивилизациски дарови на Вавилонската неблагодарна блудница Европа. Нашиот умен народ пред столетие и нешто со песна ја дијагностицира нејзината патолошка омраза кон Македонците. Со Преспанскиот геноциден договор, само со еден идиотски потпис се укина целокупната повеќемилионска меморија на Македонците за која сведочи неподмитливо и Светото писмо. Беа избришани и сите наши предци и прапредци, кои со милениуми работеле на тоа да нè родат и доведат од иднината нас што ги предадовме и посрамивме нив, ние најгнилата генерација Македонци, која не знам како ќе влезе без срам в гроб, и дали од неа нема да се срами и смртта да ја прими таква каква што е, која распродаде со Името сè што е мемориски и духовно, културолошки печалено со милениуми. И сè тоа се направи, драг читателу, перверзно, лукаво и цивилизациски крајно сурово само со една единствена смртоносна за целото племе и неговата идентитетска меморија придавка СЕВЕРНА.
Добро. Парадоксот е во тоа што и нашиот европски владика, наместо да си ја гледа верата, ако ја има, како буквално да го сфати значењето на својот европски ресор, па се вклопи во бриселовашингтонската и заеводимитровската политика за насилничко менување на нашето Име и идентитет, а божем, каква перверзија, за наша среќна иднина отцепена од својот корен, исконот. А веројатно и европскиот владика мислел на таа наша среќна пуста иднина, иако морал да знае што е тоа Име и Идентитет. Та Светото писмо на илјада места впрочем говори за тоа. Така, ама по сè што се случи, црвецот на совеста рие, тој во интервју за „Слободен печат“ се извини за таа своја трагична грешка и побара проштевање од народот, кој го снема идентитетски во документите на Брисел и околните балкански канибали настрвени на нас. Да, драг читателу, и сега воленс-ноленс пак доаѓаме до Исус и неговата филозофија за сеопшто проштевање, дури и на злосторниците што му ги забиваат клинците на крстот на Голгота. И таков радикализам што се однесува до институцијата проштевање човештвото никогаш не познавало, ниту некогаш ќе познава. Па сепак сега ќе се запрашаме дали е тој и кај Исус консеквентно и безусловно изведен докрај. Барем црковните великодостојници, надвор од догмата, треба да се запрашаат за тоа и евентуално да дадат одговор. Имено, и Исус вели дека постои некој грев и злосторство за кои нема проштевање, а тоа според него е хулењето на Светиот Дух, тој што им го дава животот на сите нешта, од инсектите до нилскиот коњ и крокодилот со кои Јахве му се топорел како семоќник на Јов, па сè до неговото богообразно создание човекот. А сега како се вклопува сè тоа, прашуваш драг читателу, во македонскиот идентитетски и судбински контекст? Така, што според нас секој еден колектив, племе или народ (па дури и индивидуа) има нешто, по аналогија затоа за што зборува Исус, кое е за него Свет Дух, кој ако се повреди, за оној што го сторил тоа, кој и да е, нема проштевање. А тој на изглед фигуративен, но суштински онтолошки и културолошки македонски Свет Дух е никој друг туку Името за кое со милениуми за него сведочи и Светото писмо.

На едно место Исус вели дека ако Отецот, Татко му го повлече Светиот Дух од живата природа сите нешта ќе згаснат, односно ќе бидат покриени со чаршафот на смртта. Е, така се случи тоа, драг читателу, и со нашиот Свет Дух Името кога македоноубијците му ја залепија смртоносната СЕВЕРНА, а него во неговиот исконски генерички облик им го продадоа во свечена погребна церемонија на 17 јуни 2018 на Грците „лицем светци, срцем волци“ (Прличев). Тука покрај странските беа и главните македонски протагонисти Заев и Димитров. Тие, а заедно и со сите многубројници што ги поддржуваа нив, на тој церемонијален погреб прогласен за светол цивилизациски празник ги бакнаа Македонците со смртоносниот северен бакнеж, како што го стори тоа Јуда со бакнежот на Исус во Гетсеманската градина за само триесет сребреници што ги доби од црковните фарисеи. Но Јуда за разлика од нашите јуди, кои за предавството на родот не триесет сребреници, туку добија милиони тешки евра, испадна a posteriori и покрај тешкото злосторство етички чесен за разлика од нив со апсолутно расипани души. Имено, тој им ги врати триесетте сребреници на неговите донатори за злосторството и под грижа на совеста отиде во нивата на грнчарот и таму се обеси. Самиот си пресуди за тешкото злосторство. А, на пример, нашиот највелепредавник „црпнат од нива“ ниту ги врати вреќите сребреници што ги доби за злосторството ниту му проработи совеста за гревот за да отиде како Јуда на нивата од која е црпнат и да си пресуди за тоа што сторил. А можеше таму да го поведе и тој што лично без да има право на тоа, со палеолитски сурат, за заедно да го направат на нивата на црпнатиот етичкиот подвиг на Јуда, наместо да уживаат во валканите сребреници и со нив да градат облакодери во Дубаи. И тие и нивните многубројни северни следбеници на македонската трагедија, камелеони, сè уште одат Јуди со божем Исусови усни меѓу народот мислејќи дека тој не ги познава и препознава. А главните идентитетски македоноубијци не се судат за велепредавство. Еве, Французите ја осудија Марин Ле Пен на пет години затвор и 100.000 евра, а пред тоа и Саркози за претеран луксуз на сметка на државата. Нашите, пак, мува не ги лази, што пак значи дека кај нас не постои правна држава ни храбри и етички челници што ја водат неа. За тоа како никој друг од 1990-та наваму не дал таква сјајна дијагностичка анализа на таквата состојба и на комотната политбирократија што со законите се штити само себе, криминалот и корупцијата а не и народот, како Тони Менкиноски во текстот „Македонците помеѓу правната држава и извозот на мозоци“ („Нова Македонија“ од 6 февруари 2026).
Така, драг читателу, но кога било протагонистите, домашните, за идентитетската катастрофа што му ја приредија како изроди на сопствениот народ ќе бидат судени, тие што и АСНОМ и асномци се обидоа да ги избришат од македонската меморија. Ќе стаса, ќе даде Бог, ќе се роди едно ново храбро и доблесно македонско племе, не кукавичко како нас, и ќе ги извлече нив и од гробовите за да ги суди за злосторството што не се проштева, како што не се проштева, рече Исус, хулата на Светиот Дух. А Светиот Дух за нас, рековме, е Името, кое беше однесено и распнато на голготата на оваа расипана цивилизација, сега во Преспа, во најубавиот месец јуни (2018) под златните овоштарници на Преспа, кога беа во полн цут ружите за македонските љубовници и невести што требаше да го зачнат новото македонско поколение во црквата на нивното генеричко Име. Но не испадна така. Во Преспа на 17 јуни 2018 се спушти темница над Македонија и Македонците како онаа космичката тричасовна над Исус на Голгота. Ама се спушти со Преспа и македонската идентитетска гибел, драг читателу, темница и над расипаната цивилизација по која копнее нашата дезориентирана политика, а таа нè усмрти. И сè уште нè доусмртува, што, пак, значи нема македонско проштевање од Македонците ни за неа, како што го нема таа ни од Африка, Маите, Инките, Ацтеките и другите што ги уништи во стилот на Хирошима и Нагасаки. Nocturno. De profundis. Мemento mori.

ЕФТИМ КЛЕТНИКОВ