Како некој што токму оваа година за првпат ја откри магијата на Кина, веста дека Пекинг одобри безвизен режим на патување за 2025 година за уште девет држави, меѓу кои и Македонија, предизвика спонтано одушевување. Причините за тоа не се лични; впрочем и не знам дали и кога евентуално повторно би ја посетила оваа далечна и фасцинантна земја. Тие се подлабоки, па ќе се обидам да ги објаснам. Прво, сеќавајќи се на времињата кога ни бараа визи каде и да тргнеме, во која и да е страна на светот, моравме прво да минеме низ фрустрирачки, па и понижувачки процедури пред разни амбасади, секогаш се радувам на вакво (барем симболичко) чувство на слобода на движење. Впрочем, тоа е и знак на почит за нашата земја и нејзините граѓани. (Би ми одзело цела колумна да ви ја раскажам случката од 1997 година кога властите на аеродромот во Сеул не ми дозволија да се качам на авионот за Јапонија, затоа што инсистираа дека ми е потребна јапонска виза; попусти беа моите укажувања дека Јапонија е една од тогаш ретките земји што не бараа виза за македонски граѓани. Ништо! Се свртев и тргнав назад кон Македонија.) За искуствата од разните (речиси по правило западни) амбасади можам да напишам мемоари, кои би биле трагикомични. Но повеќе сакам да ги заборавам. Доволно ми е што Канада е доволно либерална за да издава десетгодишни визи за граѓани што имаат семејства на нејзина територија – тоа ми е олеснување дека децата и внучињата можам да ги посетам без поголеми административни маки. Ќе се сетите дека визната либерализација со земјите на ЕУ овде беше прославена како да сме добиле одлука за членство. Но нештата се менуваат бидејќи не мина долго, а тврдината Европа почна да се затвора и да размислува за ѕидови, жичени огради, војски по границите, па дури и да ги враќа границите меѓу своите членки. Јакнат контролите и „профилирањето“, а постојано како Дамоклов меч ни се закануваат со нови политики и процедури (кои вклучуваат и плаќање за секој влез на нејзина територија).
Се разбира, за обичниот македонски граѓанин најголемата грижа е патувањето до Халкидики (ретко кога подалеку на грчка територија); стравот е дека и до таму ќе треба да минуваме низ мачни процедури додека да стасаме до топлото море. Но ако погледнеме малку подалеку од сопствениот двор и се осмелиме да го погледнеме и откриеме прекрасниот голем свет што се протега надвор од „Западот“, секој чекор на симнување на визите добива на значење. За жал, не само пошироката јавност (и луѓето што крпат ден со ден) туку и официјалната политика и медиумите одлучија да ја премолчат оваа одлука на Пекинг. Обичните луѓе можам да ги разберам, зашто честопати и патот до Скопје им е преголем финансиски товар (за патарините и лошите патишта и да не зборувам). Но властите и официјалниот наратив се толку кусогледи што е тешко да се разбере.
Неодамна имавме една од ретките можности на ТВ-медиум да уживаме во интервју со најпознатиот синолог (познавач на Кина и нејзината култура) Игор Радев. Се покажа дека водителот е поинтересен со неговите (не баш успешни) акробации да биде истовремено отворен за разговор за таа мистична Кина, но и (гео)политички коректен, па така, како што течеше разговорот сè почесто се заглибуваше во сопствените предрасуди и незнаење. Воведот во разговорот беше токму новината за безвизниот режим за идната година (мерка што верувам дека ќе се продолжува во континуитет), и наместо продлабочување на темата што навистина значи тоа низ перспектива на македонските образовни, културни, економски, трговски, развојни и други перспективи, новинарот набрзина заклучи дека општата реакција е во духот на „пих, голема работа, во Кина без визи!“ Малкумина овде сфаќаат дека онаа Кина за која не смееш да кажеш нешто убаво зашто ќе те етикетираат како љубител на диктатури е всушност широко отворена земја, и тоа двострано. Тоа не е карактеристика на диктатури и автократии. Прво, кинескиот граѓанин станува еден од најчестите туристи на разни светски дестинации! Тие ги имаат слободата и финансиските можности да дојдат на Балканот, и во Македонија, или каде и да посакаат, затоа што живеат во отворена и просперитетна земја.
Второ, отвореноста на Кина се должи и на длабоко промислена стратегија на посебна дипломатија на комуникација „народ со народ“ (или човек со човек). Нејзината мека моќ не се служи со пропаганда (или малигно влијание и дезинформации, како што сакаат да ве убедат). Напротив! Политиката на отворени порти значи: нашите граѓани, па и млади луѓе, можат да патуваат на запад или каде и да посакаат, можат да студираат, да комуницираат и никој нема да им воведе цензура или да ги стави под надзор. Статистиката покажува дека голем број млади навистина студираат на западни универзитети, но над 80 отсто од нив доброволно се враќаат во својата земја. Од друга страна, кога Кина ги отвора портите за странски туристи, тоа е јасна порака: дојдете, видете, искусете, па потоа судете дали сме диктатура! Дали жената кога ќе роди дете веднаш се враќа на фабричката лента, т.е. нема породилно отсуство (една од глупостите на ТВ-водителот, кој не знае дека правата на мајките во Кина се исти со оние во Германија, а подобри од многу други на Западот)? Дали ќе видите бездомници? Дали гледате депресивни и сиромашни луѓе или еден од најоптимистичките и енергични народи во светот? Пред неколку недели пишував за мојата посета на озлогласената провинција Шинџијанг (од западните медиуми), во која не видов ни трага ни глас за некаков геноцид. Но она што го понесов со себе како спомени е дури и некакво чувство на културна блискост со навидум далечниот кинески свет. Поентата е јасна: не верувајте на злонамерна пропаганда, видете самите! Па потоа судете и правете споредба и со нашите состојби и со оние на (божем) развиениот Запад (кој се ниша од тектонски економски и други потреси). Не беше само мое чувство, туку го слушам од мнозина што минале некое време во Кина: кога си таму, од сите тие чуда, ред и убавини што ги следаш (а за кои не те подготвиле) забораваш за миг и на Газа и на трета светска војна.
Потоа се враќаш и те гризе совест. Но Кина е земја што е негација на сите западни догми и првенствено доказ дека социјализмот не само што е жив и функционира туку и дава извонредни политички, економски, социјални и хумани придобивки. Ако паметно се размислува, нашите истражувачи, бизнисмени, иноватори, па и политичари ќе одат да научат нешто од Кина (со виза или без неа). Но убаво е чувството кога знаеш дека си добредојден.
Е сега да се вратам кај нас. Не е вест дека Кина ни ги симнала визите, туку вистинската (неверојатна) вест е дека најтешко се добива македонска виза. На македонските власти, кои толку се удираат в гради барајќи „реципроцитет“, не им паѓа на памет да возвратат со иста мерка – тие нам ни ги симнуваат визите, но и ние ним! Знаете ли што значи безвизен режим во регионот на Балканот за туризмот? Досега неколку земји, како Албанија, Србија и БиХ, ги ослободија кинеските граѓани од визни обврски, па туристичките агенции организираат многубројни групни тури, кои го опфаќаат целиот регион. И сега замислете тура што ги поврзува Подградец со Охрид, а Охрид со Ѓердап итн. Ползата е за сите! Но овде се размислува не низ призма на заемен интерес, туку за нас размислува Калето. Дури и новинарите се плашат да не им се испушти некоја информација, како на пример таа дека Кина е веќе на врвот на најразвиени земји во светот. Зошто вистината на Калето е дека тоа се САД – и никој друг!
Мојата порака до сите тие што размислуваат за некое патување (може да се најдат авиобилети со пристојни цени, а Кина не е скапа земја), искористете ја секоја можност за патување! Не дозволувајте друг да ви го моделира умот, а најмалку во него да креира непријатели или небезбедност. Кина, но и Иран (една од моите сонувани дестинации) се меѓу најбезбедните држави во светот, со народ што е толку гостољубив што ќе ве направи за миг да се чувствувате како дома. Древниот магрепски патописец Ибн Батута ќе каже една вистина што и самата ја применувам: „Патувањето прво те остава без зборови, а потоа од тебе прави раскажувач!“ Со само две посети на Кина, во мене лежат голем број нераскажани приказни. Создадете свои! Човекот не може да ги открие океаните ако се држи до безбедниот брег. Нас нè држат врзани за оваа тврдина Европа за да не откриеме дека таму некаде постои свет што цвета во прогрес, мир и поредок каков што Европа не може ни да го сонува. Зборовите на Маја Ангелоу ја содржат и формулата за мир меѓу народите: „Можеби патувањето не може да го спречи фанатизмот, но со тоа што ќе покаже дека сите народи плачат, се смеат, јадат, се грижат и умираат, може да ја воведе идејата дека ако се обидеме да се разбереме, може дури и да станеме пријатели“. Кина за мене стана пријателска земја по првото патување, а сега со симнувањето на визите само добивам потврда дека процената ми била точна. Македонија, наместо тоа, гради ѕидови, тврдини, визни пречки, па многу мои пријатели и не можат да ме посетат, а би сакале.