Гарванот е еден од најамбивалентните симболи. Во индиската Махабхарата тој се споредува со гласниците на смртта. Меѓутоа тој не е поврзан само со симболизмот на несреќата, темнината и смртта. Напротив. Во Кина тој е сакрална птица, којашто заедно со зората му ја донесува светлината на светот. И во Стара Грција е близок до соларниот симболизам, бидејќи се доведува во врска со Аполон. Во Генезата, за време на потопот нему Ное му ја доверува задачата да провери дали водите се повлекле и дали се има појавено копно, како знак на спасот и новиот почеток на светот. Црната боја на гарванот исто така, кај алхемичарите, го симболизира почетокот и е поврзана со првата бразда, а со тоа и со ’ртењето и плодноста. Но со текот на времето човекот на земјоделската цивилизација почнал да чувствува страв и одбивност од оваа птица, којашто ги колвела житните зрна кога тие се најзрели, пред самата жетва.
Во уметноста гарванот е богато користен, најчесто како симбол, метафора, или алегорија, кои требало да изразат некои суштински психолошки настроенија. Посебно го сретнуваме во поезијата на романтичарите, особено раните, вкомпониран во некои сиви есенски или зимски пејзажи во кои неизбежно се појавуваат гробишта. Сликите со гарвани и гробишта кај романтичарите сугерираат депресивност, длабока меланхолија, нагласување на присуството на смртта како конечна, неизбежна судбина. Неизбежна и затоа и неутешна. Како нејзин виден пророк и гласник, неа не само што дискретно ја сугерира туку, како што е тоа случај во антологиската песна „Гарванот“ на Едгар Алан По, оваа кобна птица и директно ја изговара со еден единствен страшен збор never more (никогаш повеќе). А тоа значи: никогаш повеќе среќа и радост, никогаш повеќе средба со саканата што е замината во смртта. Поовиот гарван, застанат на белиот кип на паладата, е безмалку меланхоличен и контемплативен како и поетот што води разговор со него во темната бессона полноќна доба.
Во соновите гарванот е речиси архетипски симбол на несреќата и стравовите на душата што ги отелотворува со своето темно присуство. Тоа се соништата – мора. Кај нашиот народ таквата негативна слика за оваа птица понекогаш, се чини, како да се прелева од сонот во самото јаве. Нашата народна лирска и епска поезија е полна со гарвани коишто гракаат злокобно и навестуваат несреќа. Честопати тие во нив носат рака од јунак, известувајќи на тој начин за трагичниот исход на битката и несреќната лична и колективна (историска) судбина.
Во ликовните уметности, како во сликарството така и во вајарството, можат да се најдат исто така голем број примери на дела во кои, како основна или дополнителна идеја, е обработувана темата на гарванот. Мене од тие примери најсилен впечаток ми има оставено познатата слика на Ван Гог, „Житно поле со гарвани“, насликана 1890 г. во Овер-сир Оаз. Таа е од провансалскиот период на холандскиот сликар, полн со чудесна експлозија од светлина, којашто е тешко да се дефинира рационално, прецизно, бидејќи и самата не е таква. Таа е исткаена од најфините нишки на некоја чудна амбивалентност: ту сугерира некое трансцендентно лудило, блиско до хиндуистичката нирвана, ту некоја длабока душевна драма скриена под патетичниот робусен лирски блесок на боите.
Таквата драматична амбивалентност е карактеристична за сите слики на Ван Гог, но е, ми се чини посебно драматична, а веројатно и најдраматична во неговото „Житно поле со гарвани“. Таа слика е некој вид сакрална химна на летото искачено во својот зенит, во пладнето полно со заглушувачка музика на светлината, којашто потсетува на првиот крик на Бог, па и на човекот, кога ненадејно ја открил плодноста на зрното и го здогледал во свеста дрочното житно плодородие пред самиот миг на жетвата. Житното поле во околината на Овер-сир Оаз на платното на Ван Гог е насликано со испечена жолта и окер боја, нанесени крајно екстатично, како наеднаш да пламнала самата душа на сликарот во густо презреано класје, тешко од свеченост и плодност. Сепак, и покрај таквата патетичност, кога би била компонирана само од тој слој на жолто и окер, од глетката на земната плодородност, таа би била чудесно спокојна. Но небото коешто е насликано веднаш над златната рамница внесува драматичен немир и ги нарушува првобитно доживеаниот метафизички мир на сликарот, почувствуваната зрелина и полнотија на неговото битие. Тоа небо во дното, на средината од сликата, е кобалтно сино и се чини дека во него клокоти некој длабок извор, за веднаш наоколу да се смрачи во темномодро што преминува во црно. Едноставно, како да натежнува густото тесто на ноќта над презреаниот житен пејзаж. Драматичноста на овој контраст посебно ја зголемува до судбинска напнатост јатото гарвани, кое, како да се испилува од тоа темно небо, се втурнува агресивно кон житното поле.
Никогаш не сум се прашувал зошто, но знам дека „Житно поле со гарвани“ ми била една од најомилените слики не само кај Ван Гог туку во целокупното сликарство. Во последно време таа несвесно исплови во мене, безмалку како некој запретан ментален крик, откриен со клучот на аналогната асоцијативност. Со боите, знаците, атмосферата и скриените симболички значења таа ме потсети на мојата татковина, небаре е отелотворена метафора на нејзината судбина којашто, еве, трае веќе цел милениум и од која, денес до гуша полна со странски војски и бегалци, сè уште не може да се ослободи. Слично на Вангоговата слика, Македонија отсекогаш како да била житно поле полно со плодородие и светлина над кое постојано се наднесувале историската ноќ и лакомото јато гарвани од сите четири страни, за да го опустошат житото. Не знам зошто, но Вангоговата слика, и по семантичка и по звучна аналогија, ме потсетува исто така и на почетокот од Прличевата поема „Сердарот“: „Пискотници се слушаат од Галичник во Река…“
И уште една асоцијација неоттргливо ми буди таа слика: дека е нападната убавината (житното поле и светлината) од мракот и гарваните. А Достоевски рекол: „Убавината ќе го спаси светот“. Во ред, тој утопизам на Достоевски е близок, дури целосно се поклопува со Христовата и христијанската апологија на љубовта од која е инспириран. Но гледајќи ја сликата на Ван Гог се прашувам, не оспорувајќи ја туку надоврзувајќи се на мислата на рускиот писател: „А кој ќе ја спаси Убавината?…“
Со ова драматично прашање, драг читателу, завршува мојата колумна објавена пред дваесетина години во „Дневник“ без она повторно во новиот наслов. А сега неа јас ја објавувам повторно со мало дополнение, бидејќи и денеска е актуелна, дури и повеќе како таква. Со Фимка во почетокот на ова столетие го посетивме, за време на мојот студиски престој во Франција, Овер-сир Оаз во Прованса, која со своето вжештено сонце и испечени бои ја усвитувала креативната душа на Ван Гог. За разлика од неговиот пријател Пол Гоген, кој ја напушта неа во потрага по архаична убавина Тахити на азискиот пацифик, тој ѝ останува нејзе верен до крајот на животот. Тука е и неговиот гроб наспроти месната црква во готскоромански стил. Неа ја затекнавме посивена од времето, која како и сè друго и неа Ван Гог ја насликал со најсјајното злато на својата ликовна имагинација. Веднаш над гробиштата во кои е закопан тој се искрева благо како огромна чинија за ручек на Светото Тројство широката висорамнина со нивје со златно жито што ја овековечил сликарот на својата бесмртна слика заедно и со длабокото ултрамарин небо над неа и гарваните во него како кобна закана за златното класје што се бранува под клепките на Господ. Помислив дека бил во сончева екстаза кога некои црни ангели пролетале низ душата на сликарот замрачувајќи ја за миг, или што е поверојатно засекогаш. А тоа се всушност црните гаврани што се отпечатиле на неговото ремек-дело како метафора на некора непозната, а присутна метафизичка закана што го демне секој наш златен миг од животот, и не само на секоја индивидуа посебно туку и на цели несреќни и понижени народи, па најпосле и на цивилизацијата што ги понижува нив и го колве златниот род на нивните ниви.
Тука, во таа всредоточеност на мислата јанѕа, како да ме удри откровенска светкавица, помислив во тој контекст и на Македонија, златната лебородна нива на оваа ариевска цивилизација чии гарвански јата неа ја ништат посебно интензивно од 1913 наваму, веќе еве повеќе од едно столетие. Тие неа за ова време ја опустошија три четвртини. Остана од неа само еден мал дел, кој сè уште сјае, иако болно подгорен, со златното дрочно класје. Да. Ама сега, драг читателу, над тоа божјо парче на Рајот низ кое некогаш шетаа безгрижни Адам и Ева, сега нагрвалиле огромни гарвански јата од Вашингтон и Брисел до Атина, Софија и Тирана облечена во фустан на девица. Тие се суриваат како апокалиптична бура што го ништи златниот род на семето што го посеале славните духовни сејачи на некогаш големото и славно, а сега „смачкано племе“ (Конески). Семето што родило богат род не само за неговите сејачи и орачи туку и за целата неблагодарна цивилизација што го граба гарвански и ништи него. Така. И толку болно го чувствуваме ние наследници на тие сејачи тоа ништење на божјото духовно злато, и сè повеќе се отвора како мора, како гибел сликата на голото стрниште во нашата душа. Неа тие црни накази ја прицврстуваат во нас со клинците со кои беше од нив распнат Исус, без да знаат дека имаме од Господ даден талент за воскресение. Од тоа се плашат смртно тие, оти се само крај на овој свет, распаѓање, а не почеток на новиот живот во новиот свет по Армагедон што нема да ги одмине.