Маче, ми направи кафе?
Во кујна, на маса.
Фала, љубов! А мобилниот? Беше на полнач, сега твојот е таму.
Во кујна, на маса, до кафето.
А ставот? Кај ми е ставот? Пак некаде си го преместила. Знаеш дека не можам да одам на социјална мрежа без став…
Види под масичето кај моите списанија.
Јас и жената на мојот живот имаме договор. Таа работи и заработува, оти јас како писател, вработен сум кај фантазијата без работно време и на трансцедентна плата, која не може да ги плати сметките, а моја обврска е да ѝ давам духовна, духовита и телесна храна со која таа е среќна, насмеана, исполнета, задоволна и задоволена. Овој договор има клаузула, која вели дека жената на мојот живот нема да ги носи дома проблемите од работа, а јас ќе ѝ го дадам на чување мојот став за сенешто, за да не се расфрлам со него под заедничкиот покрив, со што би ја нарушил воспоставената хармонија.
Океј, на жена ми, со радост ѝ дадов задоволство за таа задоволена да замине на работа, смислив што ќе зготвам за ручек и пред да седнам во скут на креативната фантазија за да пишувам, вооружен со кафе, цигари и став, се вмрежив во паралелната стварност каде што секој се умислува побитен од Аристотел, Шекспир, Достоевски и Никола Тесла, заедно, иако, во последно време, повеќето за коалиционен партнер ја имаат вештачката интелигенција. Вчера сабајле, низ мрежите, супер си поминав. Парче ги направив сите што се осмелија да влезат во дебата со мене. Они мене ќе ми обесуваат за воено-политичката состојба во Нигерија, за влијанието на персиската кујна врз балканскиот апетит, во однос на француската кулинарска доминација врз западната гастрономија и за возможниот конфликт, овде долу на Земјата, меѓу коалицијата на рептилите и војските на Плеадите, против сојузот на Анунаки и Атлантиѓаните.
Ама тоа беше вчера. Сабајлево некако т’нко, ништо посебно не ме возбудува. М-хм, „одлив“ на македонски мозоци во фармацевтските лаборатории финансирани од Џефри Епстин, патот од лудување до извинување на дел од Ромите што сакаат да возат без возачки дозволи, состојбата во светот: сагата со Иран, Зеленски бара ЕУ да им финансира избори, истече договорот за ограничување на нуклеарно вооружување. До-са-дно! Дно на досадата. Ама став е став, а грав е грав. Направив посно гравче-тавче со везени пиперки и салата од зелка, јадење што жената на мојот живот го доживува оргазмично.
И(?), ме запраша мојата сакана со полна уста мешункаста уживанција, како помина битката на Беласица? Да објаснам! Моите утрински прошетки низ мрежите, жена ми ги нарекува битка на Беласица, затоа што си вадиме очи на различни теми. За време на ручек, инсистира да ја прошетам таму каде што сум бил, ама со свои (мои) зборови, оти таа одамна се размрежи од јавноста, бидејќи, „ние што сериозно работиме, немаме време да аздисуваме на сретсело“. А да, за неа социјалните мрежи се сретсело каде што ние безделничариме, озборуваме и се расправаме за бесмислици додека вредните луѓе ’рмбаат по нивите на животот. И јас раскажувам. Со свои зборови.
При овие мои брифинзи кај неа се појавуваат две емотивни состојби. Или превртува очи не верувајќи колкаво количеството намќорест цинизам сум спремен од себе да исфрлам, па гласно се прашува, Боже со кого јас тоа живеам(?) или се превртува од смеење молејќи ме да прекинам, бидејќи, „ќе се угушам со некое залче, будало една ненормална“, па брзо станува, расчистува масата и смеејќи се, пред да влезе во пладневна дремка ми дофрла, „ајде, сега заедно да се превртуваме“. Јас сум среќно вљубена будала.
Ама денес немав баш со што да ѝ ја испревртам рамнотежата. Еве накусо како ја брифирав! Секако дека вмрежената јавност си ги извади очите околу документите за психо-Епстин, односно, оној дел поврзан со изнесување мозоци од Македонија. Овој вербален тастатура-колеж не ме возбуди. Само прашав дали некој забележа дека овие мозоци биле користени од фармацевтска компанија што сакала да произведе лек, демек за спречување самоубиства. Психо-Џефри го барал тоа. Е па, он се уби. Од кај знаеме, можеби тестирал на себе лек што го направиле токму од македонски мозоци. Може почнал да размислува на македонски начин и… веќе не можел да издржи. Јавноста се згрози од мојот цинизам. (Тука жена ми во шок се плесна со рака по чело, ама со онаа со која мацаше во гравчето.) Јас веднаш ги изместив згрозените соговорници. Иако, додадов, мислам дека во затворот му помогнаа да се убие. Шириш теорија на заговор, вресна некој од дискутантите со капс лок емоција. И јавноста грабна да си вади очи, дали теориите на заговор се теорија или заговор.
Како и да е, речиси никој низ светот опседнат со Епстин, не обрна внимание на оние купишта документи што ги објави комисијата за правда на САД во кои се чита како ЕУ вршела цензура врз секој што им се спротивставува на политиката, но уште пострашно, се мешала во изборите на своите членки или аспиранти за членство, обидувајќи се да наметне избор на влада по сопствен ќеф.
Нам ни ги цензурираа името и идентитетот, а ликвидирањето на истите тие им успеа преку рушење легитимна власт и мешање во изборите во 2016 година со сесрдна помош на САД. Ќе фати ли некој сериозно да се позанимава со ова во нордистанскиов протекторат?
Што се однесува до оној мал дел од Ромите, ѝ објаснив на мојата љубена, велат, немало правда во државата за оние што сакаат да возат без возачка дозвола. Смрди на политичка позадина со опозициска некреативност. Како и да е, не ме возбуди ни тоа. Само забележав дека најголемиот дел од јавноста се исмева со оние ликови од снимените видеа. И кој во суштина се исмева? Па, нордистанци, на кои им беше одземена лиценцата да бидат Македонци, а они со прст не мрднаа додека беа силувани на задното седиште од стварноста мислејќи дека ако си ги дадат честа и суштината, ЕУ и НАТО ќе им ги плаќа сметките, за сега, низ идентитетот Македонија, може само Грци да се возат. Што се однесува до светот, можеби ЕУ ќе спроведе избори во Украина на кои ќе го наместат Зеленски да победи, за потоа САД да го вооружат со нуклеарки, а тој да го нападне Техеран. Вака некако би можело, во една реченица, да се објасни планетарната безумност.
А ти, Русјаков, женет си?
Не, ама уживам кога од превртување очи, преку превртување од смеење, со неа стигнуваме до вистинско превртување во последната реченица на заокружената фантазија.
































