ОСМИ МАРТ КАКО ПОВОД
- Потопени сме во ментален палеолит и партиски контејнер. Пресметано е дека во историјата бројот на убиените жени е над половина милијарда, а над милијарда умреле поради бременост. Спас е гиносветот. Дали Бог ќе прости? Дали Богородица нѐ гледа? Дали се создава ново свето тројство… број три, три империи што ќе се распаѓаат во стег?
- Жалосно, историскиот концепт за жената во минатото не е битие, туку стока (роба), нејзината судбина беше пазар – продажба од системот, фамилијата или од себе. Тенденција е префрлање од пазар кон домаќинство. Во фаза сме на промени, кои верувам нема да бидат само шанса. Женствувањето станува мајкување на групата – институција, заштита
Ништо не е поважно и помалку сфатено од жените. Од нив извираат животот, душата и смислата, но неретко конфликтот, револтот, игрите и револуциите. Љубов е нешто што го измислија мажите за пишување драми и поезија, а жената е вулкан, тектон, космички огин – „космогин“, изгон на антипостоењето, изместување на целоцентарот. Жената е визуелен двобој на Гоген и Модиљани – страст за деликатност. Урнебес е на маси од раси. Во светот има 4,03-4,13 милијарди жени што е нешто помалку од мажите. Штета. Но поради поголема смртност на мажите, на стари години има повеќе жени. Во картата на светот, мажите се некако „центрипетално“ концентрирани, за што немам објаснение (веројатно геогенетски фактори и поло-причински абортуси). Во некои земји има повеќе жени од мажи – Русија, Белорусија, Литванија, Џибути, Украина, Молдавија, Кариби… Познати причини се подолг живот на жените, скратен век на мажите (војни, работа, можеби и некои ризик фактори за болести – малигни, кардиоваскуларни). Деандризацијата сега на Украина ќе биде фемина катастрофа како во Франција по Наполеон – држава верзус сиромаштија верзус проституција, верзус војна, Флобер верзус Игоови жени, влез во Пигал и Фоли Берже – војна на вкусови и ако сте носталгични за парискиот гламур, денес ќе бидете разочарани, ќе добиете слом – „Париз синдром“. Дали забележувате дека фројдизмот (генито-митологија, генито-опсесија, генито-култура, генито-кратија) се јавува со тешките војни и еволуира со парасексуални феномени, дури и раниеризам, епштајнизам, порнизам, генеза на невозможни општества, урнисување на жената и потомството – каде понатаму? Од друга страна, генијалноста произлегува од маката – идејата е исто како породување, труд. Најмногу жени се раѓаат на лето (август), а највисока рата на раѓање општо е во Супсахара – Нигер, Ангола, Сомалија и Чад. Јас практично сум израснал меѓу жени – мајка, сопруга, сестра, две ќерки – и што ми фали? Богами живеев како „паша“, па сум станал една „размазотина“ та цел свет да ми е грешник.
Светот за мене е чекалница пред амбуланта за виновници. Искрено, како ученик повеќе ги сакав учителките. Дали е школството матернализам – трансцедентална грижа на Симон де Бовоар. Можеби во иднина ќе мислат на тоа. Жената е тело на интуиција. „Кон-други-центрично“ мислење. А исто чувство имав и кон докторките или стоматолозите – феми-преферабилност – потсвесно „мајка нема да те повреди“. И храната е мајчинство (сигурност) и групата е мајчинство (повторно сигурност). И кланот е исто. Државата е жена (постоење). Жена со знаме е света промена (револуција). Велат дека во кулинарството подобри се мажите – добро е што во ресторан не ги гледам. Не би се чувствувал како дома. А космонаутите? Во филмовите сѐ повеќе има жени. Дали животот е филм? Под влијание на сестра ми во детството инклинирав кон руската и француската литература.
Па навистина дали тие имаат врска со феминизмот? Да-да, навистина често „невидливата рака“ или тежиштето потсвесно паѓа на женските ликови. Мажите се или војници (кај сите) или насилници (Достоевски), а жените се „баланс“, па потсвеста нека работи. Во содржината тивко пенетрира жената. Жената е вечно чекање, портрет на Курдите и Македонците. Војни, револуции, насилства, жената е лек на рана, утеха, надеж, потсетување на љубовта и верата. Дали знаете дека гигантскиот персиски цар Кир е победен и убиен од жена? Таа се викала Томирис, водачка или кралица на Скитите и замислите дека ние („славјанството“) веројатно потекнуваме од нив и комаровската култура (проф. Марија Гимбутас и современици). Создале архетипски личности и легенди за жените Мокош (голема мајка), Лада (љубов, род, креација), Баба Јага (застрашувач, но и помагачка), Русалка (слична на сирена или нимфа и привлекувала мажи и деца што умирале), Берегини (воинки, заштитнички, покрај реки). Практично „протославјанските“ митологии штителе баланс на мажи и жени и во неолитскиот период го имале матријархатот како некоја логика на природата. Славни историско-легендарни византиски имиња се Хипатија Александриска (математички гениј), Св. Елена, мајка на Константин, Пулхерија, императорките Теодора, Ирена од Атина и Зое Порфирогена, поврзаните со цар Самуил – Косара и Агата, Ана Комнена, Ана Даласенска и Евдокија (филозофка). Од жени се водени масовни востанија, отпори, партизански лидерства, политички лидерства и антитортури. Еве некои: бунтот на жените како почеток на Француската револуција, Јованка Орлеанка, Будика, Картимандуа, Сибила Лудингтон, Клара Бартон, Џејн Адамс, Џозефин Бејкер, Симона Веил, Октомвриската руска револуција, протестите во Иран, во Авганистан, мајките во Плаза де Мајо, Ласкарина Бубулина (Грција 1821) или Рани Лакшимбаи (Индија 1857), протести на жените за храна во средниот век, Првата светска војна, борба против модерни репресии (Диана Бахадур, Махша Амини, Фарук Фарокзад, малата Малала, Мариам Раџави, Наргес Мохамади, Јусра Мардини итн.). И покрај 40 илјади убиени во Иран, жените пак се креваат… Ако нешто може да ја оживее македонската антика, тоа е сеќавање на жените: Олимпија, Тесалоника, Цианена, Евридика (Прва, Втора и Трета), Арсиноа Македонска, Клеопатра (сестра на Александар и трите Клеопатри од Египет) и Фила, ќерка на Антипатер. Во антиката жените се хероини и владетелки, во средниот век се црковни личности, а во модернизмот се хероини и борци за праведност. Денес жените се најголемата сила против репресиите и бизарни екстремистички режими. Од нобеловките хероини ги издвојувам Нагрес Мохамади, Ширин Абади, Тавакол Карман, Леимах Гбоуи, Малала Јусавзаи, иако во последно време наградата добива атрибут на „манипулативна“.
Кога сме веќе кај имиња, да споменеме и неколку современи активистки во Македонија: Роза Плавева, Руменика Хаџи-Панзова, Елена Галкина, Ана Василева, Румена Бужаровска, Сара Миленковска, Сузана Милевска, Јасна Котеска и Слободанка Марковска. Македонски Албанки хероини од антиката до фашизмот се Циена, Тринге Смаџли, кралицата Гералдина, Зоње Кјуре, Ибе Паликуќа, Нимета Прогонати, Албина-Мали Кочевар и Афердита Танаси. Секако дека женскиот хероизам на Балканот и Македонија има многу поголемо значение од она што сме го учеле и го знаеме, но тоа нека биде дело на новите историчари. Во Југославија феминизмот беше ценет поради извлекување на жената од покуќно-аргатско-медиевалните менталосфери, што беше солидна платформа за пропаганда на тогашниот режим. Ги познавав авторитетките Слободанка Пековиќ, Латинка Перовиќ, Бранка Савиќ, Весна Кешиќ и другарките на мајка ми Вида Томшиќ, Веселинка Малинска, Мара Нацева и Фана Цветковиќ. АФЖ во социјализмот беше „ледоломец“ на постфеудализмот. Сите жени беа техноавангардни, но беа плус големи домаќинки, а ние мажите сме генетски програмирани трансхумани готованџии (се разбира има и исклучоци).
Денес движењето на феминизмот е „форте“ во диктаторскиот свет, но е „пијано“ во Европа. А Европа сега стана „пијанисимо“, „етносело“, ориент-дезерт со феминисцентна мажерија и пубертетски политички миоглобин. А Балканот е со андрофолиранти, дупка за неостварени соништа. Фалат креации. Очекуваме постевропска револуција. Таа револуција е жена. Опсервирајќи ја медиумски претставената опозициска структура на Европа, ми се чини дека жените се шанса. Парадоксално, колку поедуцирани, толку „помлаки“ се силите на движењета. Феминистичките движења во Европа ми личат на терапија на карцином со хербални чаеви. Мајка ми бидејќи беше во опсесија со катастрофи, војни, гладувања и холокауст, кои ги доживеа, иако аристократско дете, ме тераше да се занимавам и со земјоделство велејќи: „Никогаш не се знае какви времиња доаѓаат и затоа научи да ја работиш земјата да не умреш од глад“. Ама јас не ја послушав, бидејќи бев градски „фраер“, џокејоиден битлсо-следбеник, во поп-панк кастрирана генерација, па јас да фатам лопата – Бог да чува. Мислев дека тоа е „медиевало-женска заоставштина“. Арно не џвакнав ЛСД „подарен“ од странските служби, демек „забрзана демократизација“ меѓу „јунешко месо“ како мене.
Иако бев умно катранисан во комунистичкиот атеизам, бев опсесивно приврзан на црковната уметност и ренесансата. Сега „јунци“ се „јунгенци“ (Мерц-јунген, Хамнеи-јунген, Хезболах-јунген). Од некаде дознав дека Света Богородица е заштитничка на Македонија (милостива – Елеуса). Богу благодарам. Дали сте чуле за македонска ренесанса? Секако сте чуле, ама не сте учеле (читај Kurt Weitzmann, Warren Treadgold, Fanie Ouyang-thesis). Богородица света, дали ќе нѐ спаси… од гревовите ужасни спрема жените, милиони, со векови… за Текла, Екатерина, Марина од Антиох, Анастасија исцелителка, 40 девици маченички, Варвара, Света Софија со трите ќерки, Олимпија диконка, Злата Мегленска, или Бландина, Еулапија, исламките Сумаја бинт Хајат и Нусаба бин Хааб или за Ана Франк, Хана Бради, моите роднини во Треблинка, Јасеновац… жените страдалници во Авганистан, Иран, Сомалија…? Нашата жена денес е хиперсофистицирана, а овој андробул-маскулин квазисвет егзибира моќ со фемицид и фемислом – резидуален антички вандализам, хордизам, културослом и умопад. Зошто? – Потопени сме во ментален палеолит и партиски контејнер. Пресметано е дека во историјата бројот на убиените жени е над половина милијарда, а над милијарда умреле поради бременост. Спас е гиносветот. Дали Бог ќе прости? Дали Богородица нѐ гледа? Дали се создава ново свето тројство… број три, три империи што ќе се распаѓаат во стег?
Жалосно, историскиот концепт за жената во минатото не е битие, туку стока (роба), нејзината судбина беше пазар – продажба од системот, фамилијата или од себе. Тенденција е префрлање од пазар кон домаќинство.
Во фаза сме на промени, кои верувам нема да бидат само шанса. Женствување станува мајкување на групата – институција, заштита. Кај Симон де Бовоар иманенцијата кај жената (семејствување, социјализација, свето заробување во круг на должности) ја ништи трансцеденцијата (друштвување, креирање, системско одметнување). Сартр е на спротивна страна – што си, значи е избор. „Жената не е фереџизирана кукла, жената е убава, радијантна, супрамедузална, фалологоцидна и телесноракописна“ (Helen Sixous). „Време е на нови морфизми – морфоцене, гиноцене, феминоцене, хибридодомување“… Сирен Кадер е за „надзападизам“, а кај Марта Нусенбаум политиката е „Република на љубовта“ или Моцарт на слободата. Институцијата е опресивна (Адријана Рич), но го прави херојството обврска. Што е заедничко за ЛСД и ЛГБТ? – Системот. Сексот е субверзија на полот (вели Џудит Батлер). „Жената не треба да биде над мажот, туку над себе“ (Мери Волстонкрафт). Што е мамување, а што мамење? Баба ми во турско османлиско велеше „жена е мамување, а борба, феминизам или институција е мамење“. Колку ли е светот променет? Уште колку треба да се менува?
Проф. д-р Самуел Колономос Садикарио
































