Железна завеса и ѕидови

– Падна Берлинскиот ѕид, падна Берлинскиот ѕид!
Вака грмеа на сиот глас колпортерите на белградската железничка станица на 9 ноември во сега веќе далечната 1989 година. Се чини како да се случи вчера. Ние, четворица „шверцери“ што остававме чекови по пазарите и продавниците во Суботица и во Нови Сад се подадовме преку прозорецот на купето од композицијата Белград-Скопје. За тие чекови беа потребни месеци, ако не и повеќе, за да се реализираат. Државата издивнуваше, но никој не веруваше дека ќе се случи тоа. Сега бевме вџашени од веста што ја ширеа момчињата со „тазе“ отпечатени весници со вонредни вести.
– По ова, никогаш нема да биде исто – беше коментарот на еден од патниците.
Југославија тивко умираше, а светот од под килим го менуваше својот општествено-политички лик. Гледано од оваа временска дистанца, ноември е месец на значајни збиднувања, кои ја менувале сликата на светот. Па така, на 9 ноември 1989 година беше урнат Берлинскиот ѕид, симболот на поделбата на Германија и на Европа. Тој беше белег на долгогодишното нетрпение помеѓу Советскиот Сојуз и Западот предводен од САД.
Изградбата на бетонскиот бедем што го претвори Западен Берлин во енклава среде источниот блок започна на 13 август 1961 година, непосредно по изјавата на генералниот секретар на комунистичката партија на ДДР Валтер Улбрихт, кој навести дека нема да се оградуваат. Ѕидот сепак беше изграден со тенко образложение дека потегот се должи на тоа да се запре егзодусот на над 3 милиони пребегани источни Германци. Неговата должина изнесуваше 155 километри. Со свои 43 километри го пресече Берлин во правец север-југ, со што градот беше изолиран од остатокот на ГДР. Ѕидот беше висок 3,6 метри и имаше полиран цилиндричен врв. Тој претставуваше огромен предизвик дури и за најсмелите што се обидуваа да пребегаат на западната страна. Се разбира, беа воспоставени и неколку гранични премини, од кои најпознат беше Чек Поинт Чарли или подоцна мост за размена на шпиони. Во обид за слободен премин на источната страна од градот, американскиот дипломат Алан Лејтнер бил спречен да го стори тоа. Потоа за малку бил одбегнат голем инцидент во кој учествувале војници и тенкови од двете страни на енклавата. Статистиката вели дека најмалку 140 луѓе се застрелани во обид да минат на западната страна во периодот од 1961 до 1989 година.
„Ich bin ein Berliner“ беа зборовите на американскиот претседател Џон Фицџералд Кенеди за време на неговата историска посета на Берлин на 26 јуни 1963 година и тие влегоа во колективната меморија на луѓето од многу земји. Тоа беше силна поддршка за луѓето од енклавата, но и за целиот континент. Дваесет и четири години подоцна, неговиот наследник Роналд Реган застана пред штандот на Бранденбуршката капија и гласно го повика генералниот секретар на комунистичката партија на СССР Михаил Горбачов да вложи напор и да го урне ѕидот.
Ова е историја во која како највпечатлив симбол на Студената војна и на Железната завеса, која сосема ги подели и така различните идеолошки светови, беше токму Берлинскиот ѕид. Горбачов одговори на најубав можен начин, па со негов благослов, ѕидот беше урнат и прогласен крај на поделената Европа. Но подоцнежните случувања не го потврдија тоа иако Германија беше обединета во 1990 година.
Зборовите на мојот пријател брзо се преточија во вистина. Германија се обедини, СССР и Југославија исчезнаа од политичките карти на светот. Од Чехословачка настанаа две држави – Чешка и Словачка, а целиот источен блок го напушти комунизмот како општествено уредување и веднаш ги прифати западните вредности без да изврши вредносна селекција. Оти и таму се провлекуваа некои белези што немаа врска со демократијата и вредносните начела. Тоа се покажа како вистина во наредните години, особено во обидот светот односно Европа по завршетокот на Студената војна да пристапи кон повисоко ниво на организираност. Се чинеше дека новите државни структури што беа пример и сон за социјалистичките земји ќе понудат многу повеќе од црно-белиот социјализам.
И можеби сѐ ќе беше како во некоја прекрасна бајка доколку победникот не ја почувствуваше шансата за засилена доминација во светот во период на вакуум поради повлекувањето од политичката сцена на дотогашниот ривал. Варшавскиот договор склучен од страна на земјите од советскиот блок во далечната 1955 година престана да постои во 1991 година. Тој беше формиран како одговор на заканите од страна на НАТО, воениот сојуз формиран во Брисел во 1949 година како инструмент за колективна одбрана. Варшавскиот договор згасна, НАТО остана за да се справи со проблемите што го мачеа светот. Се вели дека идентитетската основа на пактот сѐ помалку го оправдува неговото постоење во смисла на гасење воени жаришта. Но администрацијата што раководи со воените структури на атлантската алијанса, оправдувањето за неговото постоење го пронајде во Арапската пролет и терористичките авантури на разните екстремни организации, како и поради атаката врз САД на 11 септември 2001 година, во која загинаа над 3.000 луѓе. Овие терористички удари, за кои беше обвинета екстремната Ал каеда на Бин Ладен, го присилија НАТО да интервенира во Авганистан и во Ирак, а делумно во Либиската Џамахирија и во Сириска Арапска Република. Вообичаено е човечката природа, па така и онаа на луѓето што раководат со Алијансата, честопати да „забега“ со моќта на сопствено преценување. Аналогно на тоа, се покажа дека огнената кочија на силата тешко може да ги контролира своите постапки.
Се случи од некогашната енклава Берлин, Железната завеса или „пердето на колективната глупост“ и легендарниот Берлински ѕид, кој ја потврди политичката варијабилност, состојбите да тргнат по сосема друга патека од очекуваната.
Војната во Украина или руската специјална операција, која се претвори во допирна вжештена точка на некогашните идеолошки поделени страни, барем привремено ја исцрта новата и досега најопасна огнена завеса што се протега од Арктикот, преку Скандинавија и Балтикот, па до Црно Море и Суецкиот Канал. Да се надеваме дека со новата американска администрација работите ќе тргнат кон подобро, иако постои голем сомнеж во еден бајковит епилог. Зад завесите, вообичаено никнуваат ѕидови. Се чини дека на човекот му е најтешко да се симне од магарето на суетата. Емигрантските процеси подигнаа нови бетонски, но и жичени ѕидови или препреки. Тие се накотија повеќе отколку порано. Големиот Кинески ѕид долг повеќе од 7.000 километри, кој е граден во период од 20 века, сигурно нема да се чувствува пријатно што во САД веќе израснаа голема конкуренција на границата со Мексико за да се спречи мигрантската наезда од Латинска Америка. Ако му е за утеха, неговата вечност годишно ја посетуваат над 10 милиони туристи, што не е вообичаено за другите ѕидови. Полска најавува градење ѕид кон Белорусија, а Унгарија е веќе оградена од јужниот дел на Европа. Истото тоа е веќе реализирано на границата помеѓу Турција и Грција, кај Александрополис. Зарем ние не се оградивме на границата со Грција од немајкаде? Миграциските процеси што навестија големи промени во структурата на населението во определени држави ќе нѐ потсетат на големата преселба на народите. Но проблемот е што ниту еден ѕид, ниту една завеса или обид за спречување на миграцијата нема да понудат посакуван резултат. Веројатно дека тие луѓе што ги напуштаат своите огништа заради воените конфликти очајнички се обидуваат да дојдат до своето елдорадо, местото на сигурност. Во спротивно, својата среќа сигурно би ја побарале во сопствените држави и во кругот на своите семејства.
Во човечката природа е длабоко всадено чувството за слобода. Тоа чувство не познава граници, ѕидишта и завеси. Време е да се освестиме и да кажеме дека поговорката на нашите старци за „каменот што тежи на местото на кое лежи“ е она за кое треба да се бориме. Светот е голем, светот е прекрасен, човек може да си ја побара својата среќа таму каде што мисли дека таа го чека, но сето тоа да не биде под притисок на случувања за кои кормилото на судбината некој свесно го насочува кон некој нов џиновски ѕид.