Македонија е единствена земја без стратегија за здравството!
- Политика во медицината – ужас, ужас над ужасите! Партиите се влезени во организацијата, „мозокот“ и „генот“ на медицината во Македонија. Неопходно е: со закон да се забрани мешање на политиката во медицината – кадровската политика, економијата, менаџментот, изборот на директори. Етнопартиското мешање во медицината – е мизерија! Во Клиничкиот центар клиники како Хирургија, Кардиологија и Кардиохирургија се етнопартиско-шовинизирани што е уникум!
- Итно треба да се направи и да се прифати стратегија за јавното здравство – наједноставно да се препише од најдобрите (Канада, Англија, Шведска). Дефинирани се приоритети, а најчесто тоа се кардиоваскуларните болести, малигните болести и дијабетесот. Треба и стратегија за превентива, нов клинички центар…
Здраво! Мислев дека ќе изгубам содржина од секојдневието за да пишувам нешто интересно. Работите „се средуваат“, силни сме, „четврти“ во Европа, па јас губам терен за пишување. Еј, ама на припомош ми дотрча мојата стара и вечна љубов – медицината и здравството. Повеќепати пишувам на темава – како песната „Нели ти реков моме Донке“ – ама Донка не слуша стари луѓе. Имаме нов министер за здравство, Азир Алиу, експерт за компјутерска наука, добар дечко. Навистина. Го гледав неколкупати кога беше министер за дигитализација. Има амбиции, а дигитализацијата и артифициелната интелигенција се чини дека одлично ги владее. „Ќе се менуваат 12 закони, ќе имаме превенција, а не пополнување дупки“, вели министерот, а системот ќе се базира на три столба – инфраструктура, дигитализација и човечки ресурси. Дечкото е одличен, ама здравството не е. За љубов на вистината, нигде во светот нема добар јавен здравствен систем. Во САД – каде што медицината и науката се на највисоко ниво и издвојуваат 4,5 трилиони долари годишно (четири пати повеќе од армијата) – здравствениот систем е ужасен. Знам од сопствени искуства. Во Британија, пред Маргарет Тачер, системот беше мошне добар, но славната премиерка воведе „пазарна економија“, па поради таквото здравство Англичаните почнаа да се иселуваат. Потоа го вратија системот на некоја средна точка, но никогаш како порано. Ние со транзицијата воведовме некаков хибрид, зачинет со опасен организиран криминал, политика, партизација, неорганизираност, па од едно дереџе влегуваме во друго.
Имаме „крупни“ проблеми и „ситни“ проблеми. „Крупните“ проблеми се она што министерот ги нарекува „столбови“ и за нив ќе позборуваме подоцна. Има серија од „ситни проблеми“, кои се фалиме дека ги решаваме, а не ги решаваме. На пример ете јас со сопругата за хипертензија трошиме неколку илјадарки месечно, едноставно затоа што оние лекови што се на позитивната листа не ни дејствуваат. Баксузи. Да не ја ширам приказната за квалитативни девијации на лековите, туку еве уште еден друг пикантен пример. Се работи за биопсија на бел дроб. Еден пријател има големо сомнение за карцином на белите дробови, се закажува тежок оперативен зафат, ама потребна е биопсија. Замислете, и во „Мајка Тереза“ и во „Осми септември“ не можат да направат биопсија (оперативна), едноставно му кажале „не правиме биопсија“. Во мое време, во „злогласниот социјализам и комунизам“, знаев најмалку десетина хирурзи што правеа такви биопсии. И каде напреднавме? Еве уште еден бисер од „злогласниот социјализам“. Мојата прва плата со својата куповна моќ во „комунизмот“ беше 30 пати поголема од последната во т.н. „демократски капитализам“. За пензијата да не зборувам. Искрено, комунизам и демократија не постојат, никогаш не постоеле и нема да постојат. Но тоа е друг муабет. Да се вратиме на платите. Сега ве прашувам: како еден млад доктор ќе има мотивација за работа и за напредок, ако неговата плата е 30 пати помала од „комунистичката“? А за специјализација треба најчесто од џеб да плаќа 10-20 илјади евра. Од каде? А и медицинските сестри се во исто дереџе. А општеството ги смета медицинарите за отпадок. Ќе бегаат во странство, секако, па макар и како болничари да работат. Ќе бегаат со куфери и без куфери. Нема да ги запрат слатките зборови и вечните „реформи“ на политичарите.
Еден друг проблем е митото – Мито мори Мито, сине Митре! Неодамна имаше апсење за два случаја. Се стресов – мислев дека батките барале по неколку илјадарки, како во социјализмот. Што? – земале стотки! Ја брукаат мафијата. Ја валкаат професијата, огромното искуство и углед – за ситно. Сепак се дилува и со поголеми пари – провизии од набавките. Ама овде државата не може ништо, бидејќи се работи за личности на позиција или мафија. На Онкологија ќе казнат неколку доктори и ќе го „решат“ проблемот. Браво мајката! А мафијата што стои зад тоа? Меѓународна мафија. Не смеат ни да ѝ писнат, ни да вриснат, ни да стиснат, ни да зуцнат, ни да офнат – коските им се тресат од нив, а да не зборуваме и за подлабински аспекти на проблемот. А за „ситниот“ проблем околу дрогата, од кои умираат неколку илјади деца и млади, некако не му се зборвит на министерот. „Е па – како и до сега“, порача царот. Царот секогаш е во право. А хигиената? – Па што има министерот со тоа? Направивме Школа за јавно здравство, авангардна, за која ни аплаудираа на еден конгрес во Унгарија. Демек ќе спроведеме превентива, хигиена и принципи на СЗО – еднаквост, праведност, професионалност – шипинки! Меѓу Детската клиника и оградата има најголема колекција од канализацијата на населбата. Неколку министри се сменија, ама фекалиите во Клиничкиот центар останаа. Пациенти се жалат на ѓубре низ кругот. Огледало на културата на една земја се вецињата (во кафеани, болници, железнички станици…). Влезете во веце во болница и – ќе ви се згади животот. Само извонредниот репортер Видиновски од Канал 5 (од докторска фамилија) ме премаши. Тој прикажа такви сцени на ѓубре и фекализација на јавни места – Камени мост, Владата, Народна библиотека, што и јас не ги знаев. Скопје е една огромна депонија и огромно веце. Потенцијалните инфекции се огромни. Интрахоспитални инфекции – најмногу во свет, единствена држава сме без стратегија за интрахоспитални инфекции. Во „комунизмот“, Санитарната инспекција беше страв и трепет. Сите инспектори во мое време ми беа пријатели и ученици, ама коските ми се тресеа кога ќе дојдеа да ја проверуваат хигиената. А сега? Дали воопшто постои санитарна инспекција?
Тоа беа некои „ситни“ проблеми. А „крупните“? Тоа се столбовите на министерот? Прво инфраструктура – што подразбира? Технички, тоа вклучува згради, патишта, енергија, одржување, хигиена… И парите се инфраструктура – офффффффф! Според Маркс, постои инфраструктура и супраструктура. Инфраструктурата е работничката класа, труд, поделба на трудот, класи или без класи, сопственост итн.
Супраструктурата е системот, менаџмент, култура, религија, традиција, идеологија (слобода, братство, единство). Добро, добро… сега се нови времиња, заборави го Маркс! И што е инфраструктура? – Е па ќе се договориме, има време. Прашав еден Албанец бизнисмен во Германија – „што е економија“? Вели „со пари направи повеќе пари“. Дали со британските пари ќе направиме повеќе пари? Пари се прават со земјоделство, енергија, индустрија… медицината е потрошувач. Само Англија од медицината прави нови пари (од шеици, богаташи итн.). Батки – ова е финансиски капитализам, профит, плаќаш или си одиш. Тотална приватизација е тенденцијата на нашиот систем – се лекува оној што има. Јас предлагам да има закон со кој 20 отсто од здравството ќе биде приватно, а преостанатото државно. Знам дека нема да се прифати, но размислете. Тоталната приватизација не ќе биде в ред. Врвното здравство бара многу пари и предлагам 50 отсто од фондовските пари да одат за врвното здравство, ако барем сакаме да се приближиме до некое европско ниво, што сега е смешно и понижувачки. Од државното здравство зависи животот на масите, а и едукацијата на кадрите. Универзитетот, а со него и Медицинскиот факултет се надвор од Шангајската листа. Срамно! Како повторно да влезат? – Да се здружат со успешни универзитети (на пр. Белград, кој е највисоко во регионот), со поголеми финансии за науката. Политика во медицината – ужас, ужас над ужасите! Партиите се влезени во организацијата, „мозокот“ и „генот“ на медицината во Македонија. Неопходно е: со закон да се забрани мешање на политиката во медицината – кадровската политика, економијата, менаџментот, изборот на директори. Етнопартиското мешање во медицината – е мизерија! Во Клиничкиот центар клиники како Хирургија, Кардиологија и Кардиохирургија се етнопартиско-шовинизирани што е уникум! Немој да го порекнувате ова, бидејќи и од космосот се гледа. Етносот, медицината и науката се инкомпатибилни. Сите политичари што се доктори (од двата етноса) досега ја оплескуваа работата, најмногу заради лични и партиски интереси. Треба со закон да се забрани доктор да биде политичар. Баш така. Исто како во армијата (која е формално неполитизирана). Македонија е единствена земја без стратегија за здравството. Со академик Ефремов и една група направивме стратегија со помош на СЗО, но се закочи, буквално поради љубомора („на комшијата козата“). Како да се спасиме од тој менталитет? Итно треба да се направи и да се прифати стратегија за здравството – наједноставно да се препише од најдобрите (Канада, Англија, Шведска). Дефинирани се приоритети, а најчесто тоа се кардиоваскуларните болести, малигните болести и дијабетесот. Треба и стратегија за превентива. Нов клинички центар – постојано прикаски, прикаски…. Ако се гради „де ново“ центар, за тоа треба милијарда евра (во светот по 2-5 милијарди, видете на интернет).
Посебно е инфраструктурата. Центри надвор од градот за Македонија се нефункционални и погубни. Предлагам: во Клиничкиот центар да се направи нова хирургија – модерна, авангардна, опремена, кадровска. Другите објекти да бидат „интерни медицини“ – да се дотераат и опремат. Тоа би било многу поевтино и ефикасно. Објекти во Штип, Кичево, Тетово, Струмица – да се подобрат постојните и да се доизградат започнатите.
Дигитализација, вториот столб – одлично. Во светот сѐ е вмрежено и безжично. „Мој термин“ е добра идеја, но повторно има матежи, нема термини, ургентноста е лоша и пациентите не се задоволни. Како да се подобри? Артифициелна интелигенција (АИ) сега, одма! Архивирање, слики, препознавање, дијагноза, диференцијална дијагноза, роботизација, автоматски повици за контроли, брз транспорт, експедитивност, автоматски рецепти, самоподобрување, нови генерации на компјутери – тоа не е иднина, туку е сега! Дечките од „Бреинстер“ се извонредни – искористете ги. Можеби има и други. Вмрежување со странство е неопходно. Континуирана едукација на сите кадри е неопходна.
На крајот, третиот столб – кадровска политика. Тоа е рак-рана уште од „комунизмот“. Корупција, непотизам, фалца завршен факултет, недостапност до доктори, неадекватна дистрибуција – стари рани на општеството. Како ќе ги поправиме? Незадоволство – од плати, протекционизам, немање шанси за дополнителна едукација, лоши односи во организацијата, етношовино-пикантерии, неценење на струката од општеството – сето тоа се фактори за одливи во странство, немотивираност и неквалитет. Како да се поправи тоа? Полициски? Диктаторски? Партиски? Нема шанси. Сите размислете, гледајте примери во странство, зголемете ја културата врзана со медицината. Јас не сум оптимист, но ако можете – помогнете им на Владата и на системот.
Проф. д-р Самуел Колономос Садикарио