- Староста не е товар, туку богатство за секое општество. Бројот на постари лица расте – тренд што не ја одминува ниту Македонија. Тоа е предизвик, но и можност: да изградиме средини кои ќе овозможат достоинствено и здраво стареење, со почит кон правата и со вреднување на придонесот на постарите генерации
Автор: М-р Надица Тотиќ, истражувач во Институт за јавно здравје
Староста не е крај, туку нова фаза во која искуството станува најголема сила. Оваа година, Меѓународниот ден на старите лица нè потсетува дека постарите генерации не се само чувари на минатото, туку и двигатели на локална и глобална акција. Под мотото „Нашите аспирации, нашата благосостојба, нашите права“, светот ја признава нивната трансформативна улога во градењето на поотпорни и поправични заедници.
Институтот за јавно здравје (ИЈЗ) ја поддржува оваа порака и секоја година ја покренува свесноста за грижата кон постарите генерации. На овој Меѓународен ден потсетуваме дека тие треба да имаат подеднаков пристап на секое ниво во општеството, со особено внимание на здравствената грижа и можностите за здраво стареење.
Тие се двигатели на напредокот, а не пасивни корисници, придонесувајќи со своето знаење и искуство во области како што се здравствената еднаквост, финансиската благосостојба, отпорноста на заедницата и заштитата на човековите права.
Усвоени во 2002 година, Политичката декларација и Мадридскиот меѓународен план за акција за стареење (MIPAA) и денес се темел на глобалната политика за стареење. Нивната визија за општество за сите возрасти – со развој, здравје и поддржувачка средина – е потврдена и во темата за 2025 година, која ги истакнува постарите лица како двигатели на напредокот, и локално и глобално.
Генералното собрание на Обединетите нации (ОН) го прогласи периодот 2021–2030 за Деценија на здраво стареење и ја задолжи Светската здравствена организација (СЗО) со водење на процесот на негово спроведување. Оваа Деценија претставува глобална соработка што ги обединува владите, граѓанското општество, меѓународните организации, професионалците, академската заедница, медиумите и приватниот сектор во десетгодишна усогласена и заедничка акција за промовирање на подолг и поздрав живот.
Деценијата на ОН за здраво стареење (2021–2030) е посветена на една едноставна, но суштинска цел – да се намалат нееднаквостите и да се подобри животот на постарите лица, нивните семејства и заедниците. Таа ни покажува дека вистинските промени започнуваат тогаш кога ќе го промениме начинот на кој размислуваме и чувствуваме за возраста; кога ќе изградиме заедници што не ги исклучуваат, туку ги поттикнуваат способностите на постарите; кога здравствената грижа ќе биде навистина ориентирана кон човекот; и кога долгорочната поддршка ќе биде достапна таму каде што е најпотребна. Тоа не е само стратегија, тоа е визија за едно поправично и похумано општество.
Институтот за јавно здравје, во соработка со канцеларијата на СЗО во Македонија, активно учествува во промовирањето на визијата за општество за сите возрасти. Тоа го прави преку акции што ги обединуваат развојот, здравјето и поддржувачките средини, но и преку спроведување анализи за потребите на постарите лица и превенција од незаразни болести. Гледајќи кон иднината, Институтот во Националната годишна програма за јавно здравје за 2026 година е подготвен да покрене и предложи политики за здраво стареење до владата – со јасна цел: да ги лоцираме предизвиците денес за да изградиме подобра и посигурна иднина утре.
Состојба
Според податоците на Државниот завод за статистика и последната проценка на населението (состојба на 31 декември 2024 година), во земјава имало 1.822.612 жители, што е за 96.768 лица или за 5 отсто помалку во однос на проценката на населението во 2014 година и 60.893 лица или 3,2 отсто помалку во однос на 2019 година. Во однос на старосната структура, македонското население сè повеќе старее. Во периодот од 2014 до 2024 година, учеството на старото население (65 и повеќе години) е зголемено од 13,5 на 18,6 проценти.
Во периодот од 2014 до 2024 година, бројот на живородените деца се намалил за 7.535, a стапката на наталитетот се намалила од 11,4 на 8,8 промили (живородени на 1.000 лица население). Промените во старосната структура на населението имаат своја рефлексија врз бројот на умрените лица во земјата. Бројот на умрените лица дава влијае на зголемување на стапката на морталитет, која во 2024 година изнесувала 11,1 промили споредбено со 2014 година, кога изнесуваше 9,5 промили (умрени на 1.000 лица население).
Стареење на населението: Глобален и регионален предизвик
Стареењето на населението, односно брзиот пораст на бројот на постари лица, претставува глобален феномен. Популацијата во светот „старее“ затоа што бројот на постарите лица расте побрзо од вкупната популација, пред сè поради намалениот наталитет и зголемениот животен век. И Македонија е дел од овој процес.
Во земјите во развој, оваа демографска промена се одвива брзо – за само две до три децении, односно во времетраењето на една генерација. Проекциите покажуваат дека до 2050 година во светот ќе има околу две милијарди луѓе на возраст над 60 години, а дури 80% од нив ќе живеат токму во земјите во развој.
И регионот е сведок на континуирано зголемување на бројот и процентот на постари лица. Во 2000 година имало околу 26,8 милиони лица на возраст од 60 години и постари (5,8 проценти од вкупното население). Се предвидува дека до 2025 година овој удел ќе достигне 8,7 проценти, а до 2050 година речиси 15 проценти од вкупното население ќе биде на возраст од 60 години и повеќе.
Клучната стратегија за вклучување на постарите лица е едноставна – да изградиме свет што е попријателски настроен кон нив. Таквиот свет не прави разлика меѓу генерациите: им овозможува на луѓето од сите возрасти активно да учествуваат во заедницата и кон сите се однесува со почит, без оглед на годините. Тоа е средина што им помага на постарите да останат поврзани со најблиските, што ги охрабрува да бидат здрави и активни дури и во најнапредната возраст, и што обезбедува соодветна поддршка за оние на кои им е потребна грижа.
Здравото стареење не е случајност
Здравото стареење не е случајност, туку резултат на многу фактори што се преплетуваат низ животот. Физичките и социјалните средини во кои живееме можат да бидат или бариера, или поттик – тие ја обликуваат нашата можност да правиме избори и да градиме навики што влијаат на здравјето.
Особено важна е грижата за здравите однесувања во текот на целиот живот. Балансираната исхрана, редовната физичка активност и воздржувањето од тутун се меѓу најсилните сојузници во намалувањето на ризикот од незаразни болести. Тие не само што ги чуваат физичките и менталните капацитети, туку и го одложуваат моментот кога човекот може да стане зависен од туѓа нега.
Средината во која живееме може да ја олесни или да ја отежне оваа цел. Поддржувачките физички и социјални средини им овозможуваат на луѓето да продолжат да го прават она што им е важно, дури и кога ќе изгубат дел од своите капацитети. Безбедните јавни згради, достапниот транспорт и улиците што овозможуваат лесно движење се конкретни примери за таква средина – места што не го ограничуваат, туку го охрабруваат активниот и достоинствен живот.
При развивањето на одговор на јавното здравје кон стареењето, важно е не само да се земат предвид индивидуалните и еколошките пристапи што ги ублажуваат загубите поврзани со постарата возраст, туку и оние што можат да го зајакнат закрепнувањето, адаптацијата и психосоцијалниот раст.
Сè повеќе градови и заедници низ светот преземаат чекори за да станат попријателски места за постарите лица. Живеењето на „дополнителните години“ во добро здравје и со активно учество во заедницата не е само лична добивка – тоа го збогатува индивидуалното искуство, а во исто време ја зајакнува структурата на целото општество