Само природата може да ги спаси градовите. Урбаните природи се клучни за митигација на ефектите од климатските промени преку регулирање на нивото на јаглерод диоксид во атмосферата, намалување на ефектот на топлински острови и зголемување на складирањето јаглерод во вегетацијата и почвата. Зелените површини, особено тревниците обезбедуваат можност за апсорпција на топлината што се создава ендогено во градовите, а парковите со дрвја нудат сенка и разладување. Нешто повеќе од 50 отсто од населението во светот, денес живее во градови, а се проценува дека до 2030 година, за нешто повеќе од половина декада од сега, таа бројка ќе се издигне на 60 отсто и со годините постојано ќе расте. Ова значи дека оваа планета ќе биде населена доминантно од урбани жители, кои својот живот ќе го градат во урбаните екосистеми. Ова значи дека урбаните екосистеми, нивниот квалитет и екосистемско здравје, ќе бидат клучни за животот на најголемиот дел од планетата земја.
Ако ситуацијата се погледне на помало, континентално ниво, градовите низ Европа стануваат сѐ пополни и со повеќебројна популација. Европа е еден од најурбанизираните континенти во светот, каде што најголем дел од популацијата живее во градовите. Овој тренд, кој е во постојан раст, не може, а да не предизвика големи економски промени, промена во социјалните динамики и да не влијае врз животната средина. Денес во Европа, околу 75 отсто од населението живее во урбаните средини и оваа бројка постојано расте. Ова се должи на повеќе причини, но примарно поради подобрите економски можности, подобар пристап до стоки и услуги и подобар животен стандард во споредба со околните рурални средини.
Овој интензивен тренд на развој на градовите, понесен од силните демографски промени остава голема трага врз животната средина. Во кратко време, урбаните површини се шират, зафаќаат нови површини и територии, природата се деградира и се зголемува потребата за природните ресурси. Градовите во Европа се едни од главните загадувачи – најмногу поради физиологијата на овие човечки екосистеми.
Сите овие негативни последици носат огромна опасност кон животот на граѓаните во градовите. Сѐ посилната урбанизација, без да се води грижа за зачувување на природноста на градовите, ги води градовите кон голема еколошка опасност. Зголемената еколошка опасност, пак, ја загрозува еколошката безбедност во градовите. Загрозената еколошка безбедност на градовите денес влијае на најголем дел од населението насекаде.
Под еколошка безбедност се подразбира заштитата на природните ресурси, екосистемите и еколошките процеси, судбоносни за добросостојбата на човечкото општество. Целта на еколошката безбедност е да се зачува природата од деградација, загадување, уништување и со тоа да се обезбеди одржливост на екосистемите и отпорност на општеството при справување со разни еколошки опасности и закани.
Градовите се епицентри на човечката цивилизација, главни двигатели на економскиот развој и главно поле за иновации. Но, сепак, молскавичниот развој и урбанизацијата гледано на глобално ниво носат огромен притисок врз животната средина, заканувајќи се на деликатниот баланс помеѓу урбаниот развој и еколошката безбедност. Еколошката безбедност е способноста на екосистемите да ги одржат животот и главните еколошки процеси, со што директно ќе се влијае врз квалитетот на животот на луѓето. Токму поради ова, поврзаноста помеѓу градовите како урбани екосистеми и еколошката безбедност треба да бидат области што мораат паралелно да се развиваат.
Урбанизацијата е тесно поврзана со урбаните екосистеми и градовите. Од урбанизацијата и се раѓаат новите урбани пејзажи и предели. Овој процес носи со себе плејада на еколошки предизвици. Интензивната експанзија на градовите води до уништување на природните живеалишта, загуба на биолошката разновидност и вознемирување на природните екосистеми. Урбанизацијата води до урбан раст, кој, пак, со себе носи обешумување, деградација на почвата, трајни загадувања на водата и воздухот, како и генерирање огромни количество отпад. Дополнително, концентрацијата на населението и економските активности во градовите водат до максимално искористување на природните ресурси и директно ги зголемуваат емисиите на стакленички гасови, со што градовите значајно придонесуваат кон климатските промени. Сите овие предизвици не само што ја доведуваат во опасност животната средина туку тие се и сериозна закана по здравјето и благосостојбата на населението во урбаните средини.
Деградацијата на животната средина во урбаните екосистеми е тесно поврзана со еколошката безбедност. Загадувањето на водата, почвата и воздухот претставува контаминирање на највиталните услови за живот, со што се загрозува и компромитира квалитетот на животот и на човекот и на дивиот свет. Загубата на биолошката разновидност ги нарушува екосистемите и еколошкиот баланс во низа, со што се намалуваат отпорноста и отпорните квалитети на екосистемите, и ја нарушува нивната физиолошка функција со што каскадно се влијае на екосистемите и услуги што се добиваат како прочистување на воздухот и водата и регулирање на климата на локално, но и регионално ниво. Ранливоста на градовите кон природните катастрофи како поплави, екстремни бури и топлотни бранови – пропорционално се зголемува со нарушувањето на животната средина, со што се ставаат во директен ризик човечкиот живот, инфраструктурата и економската стабилност.
Решенијата инспирирани од природата (НБС) се пристапи што ги исползуваат природните процеси и екосистеми со цел решавање различни општествени предизвици, како што се оние поврзани со урбан развој и еколошка одржливост. Во контекст на урбаните екосистеми, НБС имаат клучна одлука во зголемување на отпорноста на екосистемите, промовираат развој на биолошка разновидност, ги митигираат ефектите од климатските промени и целокупно го зголемуваат квалитетот на животот на урбаните жители.
Природните решенија во урбаните региони помагаат да се зачува биолошката разновидност преку обезбедување живеалишта и скривалишта на многубројни видови растенија и животни. Отворени, јавни зелени површини како паркови, градски шуми и зелени коридори служат како прибежиште за живиот свет и претставуваат клуч за одржување на еколошката разновидност и правилно функционирање на екосистемите.
Урбаните природи се клучни за митигација на ефектите од климатските промени преку регулирање на нивото на јаглерод диоксид во атмосферата, намалување на ефектот на топлински острови и го зголемуваат складирањето јаглерод во вегетацијата и почвата. Зелените површини, особено тревниците обезбедуваат можност за апсорпција на топлината што се создава ендогено во градовите, а парковите со дрвја нудат сенка и разладување. Со овие методи директно се намалува количеството енергија потребно за ладење и се подобрува квалитетот на амбиенталниот воздух.
Природните решенија претставуваат многу лесно решение во бесцелното трагање по нови и иновативни, а често неодржливи начини да се подобри квалитетот на воздухот и водата во градовите. Вегетацијата во градовите веќе помага во прочистување на воздухот, особено при имобилизирање на слободните честички во атмосферата, ги апсорбира стакленичките гасови и го регулира водниот циклус во урбаните екосистеми. Развиената вегетација ги заробува загадувачките материи од воздухот, особено ПM-честичките и ја намалува концентрацијата на јаглеродни гасови. Паралелно на тоа, зелената инфраструктура ја регулира водата во градовите, особено при вонредни временски непогоди и го регулира количеството подземни води.
Но не треба да се заборави влијанието на зеленилото врз човечкото психофизичко здравје. Отворените зелени и зашумени површини претставуваат места за рекреација, физичка активност и ментална релаксација. Пристапот до зеленило го подобрува менталното здравје, го намалува нивото на стрес и го подобрува во целокупност квалитетот на животот во градовите. Просторите со зеленило се јасна презентација на заеднички, отворен и јавен простор, кој може многу да влијае врз градење подобри и посилни локални заедници.
Урбаните заедници во Македонија се одликуваат со неверојатно нехумани услови за живот. Градови се наоѓаат во урбанистичка, архитектонска, еколошка, естетска, санитарна, комунална и социјална шах-позиција. Силната и често нелегална урбанизација ги направи големите градови во Македонија бетонски, урбани ќелии за измачување на отворено. Урбаниот пејзаж се изразува во форма на несмасни и неплански изданија, распоредени низ тесни и темни сокаци, многу отпад и малку зеленило, кое за време на летните, топли периоди сосема се исушува. Почвите се полни со загадувачки материи, тврди, непорозни и суви – најлоша форма на техносоли. Градовите се целосно и сосема изложени на временски непогоди, без можност за заштита на животот на граѓаните. Секоја форма на невреме завршува со големи економски штети, што директно водат до загрозување на човечките животи. Необезбедена, стара и неодржлива инфраструктура што дејствува како тивок џелат над животите на граѓаните. Сите форми на непогоди без разлика на нивната интензивност и сериозност, за жителите во Македонија претставуваат чекор до поголема хуманитарна катастрофа.
Жителите на Скопје, Тетово и на Битола веќе со децении го дишат најзагадениот воздух во Европа. Сосема неинтуитивно за градови што инаку се опкружени со заштитени шуми и национални паркови. За оваа смртоносна одлика „најзагаден град“, по години повторување, креирање форма на социјална и вербална рамнодушност кај раководните лица и градски политички лидери, досега ниту една локална или, пак, централна власт не зазела строг и научно поддржан став кон промена на статус квото и менување на условите. Секако, празни политички пароли и сомнителни мали речиси козметички интервенции не можат ни да ја допрат површината од проблемите што чекаат да се решат.
Основното правило во заштита на животната средина е: подобро да се заштити отколку да се обнови – односно конзервација пред репарација. Еколошки и економски е неисплатливо и нереално да се уништуваат последните траги од природност во градовите со ветување на нови, мали саксиски и жардиниерски решенија. Дури и новите насоки во урбаниот развој и пејзажната архитектура водат кон „подивување“ на градовите – односно враќањето на секоја форма на природност во урбаните екосистеми преку различни еколошки методи што вклучуваат: задоцнето косење, проширување на урбаните шуми, поставување зелени коридори, мерки за развој на автохтона муралска вегетација, како и создавање микрохабитати за дивите видови. Секоја мерка што во иднина би се донела со цел подобрување на квалитетот на животот во градовите не смее да потекнува од желбите, ставовите и плановите на поединечни политичари, коалиции или совети – туку мора и треба науката и научните истражување и искуства од пракса да бидат главниот компас при носење на одлуките. Не се што е зелено е одржливо и не се што е зелено е и потребно. Не постојат решенија од каталог или од саем. Секој кварт, секое маало и општина имаат свои потреби и свои недостатоци. За секое решение, потребно е план, но за секој план потребно е што подетално истражување на состојбата на терен. Доколку сакаме новите зелени решенија да опстојат и да ги подобрат условите во градот, тие мора да бидат донесени не само во согласност со законот туку и со реалните потреби.
Грижата за урбаните екосистеми не е само придружна изборна активност туку главен услов за безбеден и квалитет живот на сите.
Кирил Арсовски-Пржо
„Республика“