Збор-два за македонското образование и наука

Деновиве многу е актуелна најавената реформа во нашето образование, која главно ќе биде наменета за средното, но исто така и за високото образование. Најавено е затворање некои високообразовни институции, факултети, но исто така и укинување предмети во средното образование што во наше време беа присутни и ценети.
Многу реформи беа најавувани, некои спроведени, но, сепак, нашата земја како сѐ повеќе да тоне во оваа сфера од животот. Никако да се видиме во 1.000 универзитети на Шангајската листа, а речиси ниту да слушнеме за некои големи и битни научни откритија. Тоа се случува не само во областа на образованието туку слично е и во музиката, уметноста, културата воопшто. Ги нема нашите композиции и изведувачи на големите музички фестивали, сѐ стана локално, потпросечно… Ако не е Милчо Манчевски, ниту нашиот филм никаде нема да се спомене?! Од стотици членови во здруженијата на писателите и уметниците, ретко сретнуваме творба што го задржува здивот.
Ние од постарите генерации се прашуваме каде се причините, а уште позагрижени сме што никако нема навестување за подобро утре. И ова не се однесува само на образованието туку состојбата е слична и во здравствениот систем, кој секако дека е силна последица токму од образовниот систем. Од стотици професори, кога имате здравствен проблем, не можете да стигнете на листа на чекање, а камоли до некој угледен експерт. Како сѐ да тргнало по лесна заработувачка, временска слава, како народов да станува мрзелив за каква било активност и труд.
Во еден од последните броеви на угледното списание „Нејчр“ наидов на текст посветен на нешто што треба да го знаеме и ние, професори, наставници, па и академици од Македонија. Студијата, објавена во „Нејчр“, ги идентификува трендовите во критериумите за академско унапредување на речиси 250 универзитети и владини агенции низ светот.
Имено, една позната професорка од Америка анализира како се станува професор во разни земји од светот. Ги издвојувам накратко нејзините согледувања.
За да станете професор во Хондурас, треба да придонесете за заедницата. Значи, не е битна само научната публицистичка дејност, туку вашиот придонес во заедницата, со други зборови колку вашата наука има апликативна вредност!
Во Ирска треба да објавувате трудови, но и да бидете јавно видливи, луѓето да ве познаваат токму поради вашите истражувања. И во Соединетите Американски Држави, вашата евиденција за објавување го зема приматот во промоциите на научните трудови, но влијанието и квалитетот на истражувањето исто така сè повеќе се разгледуваат.

Критериумите за оценување на истражувачите за унапредување на редовен професор и стимулациите што тие ги поттикнуваат варираат во голема мера низ светот.
Иако анализата претставува само дел од високообразовните институции низ светот, што според некои процени би можело да достигне и до 90.000, оваа анализа нуди вредни сознанија.
Собрани се стотици документи за политиките од 190 академски институции и 58 владини агенции и тие ги анализираат критериумите за унапредување. Документите опфатиле 121 земја или регион на 27 јазици, а биле собрани помеѓу 2016 и 2023 година.
Околу 97 проценти од документите вклучиле резултати од истражување како критериум за промоција, а 92 проценти специфицирале квантитативни метрики како што се број на публикации, патенти, цитати и фактор на влијание на списанието во кое се објавени резултатите од истражувањата. Некои институции дури и дадоа дополнителна заслуга за ранг на истражувачот во листите на автори на нивните трудови. Околу 77 проценти од институциите вклучија и квалитативни метрики меѓу нивните критериуми, како што се влијанието на општеството и квалитетот на публикацијата или списанието.
Анализата откри дека институциите во Азија им дале приоритет на резултатите и влијанијата од истражувањето, но ставиле помал акцент на видливоста и поширокото ангажирање и професионалното искуство отколку оние во Европа. Институциите во Латинска Америка помалку се потпираат на показателите за производство и видливоста и ангажираноста во споредба со институциите во Европа. И оние во Океанија се фокусираат повеќе на резултатите и влијанието во општеството.

Неколку меѓународни напори, како што е Декларацијата од Сан Франциско за процена на истражувањето, се залагаат за елиминирање на употребата на метрика за истражување, како што е факторот на влијание на списанието за оценување на истражувачите, поради загриженоста за транспарентноста и релевантноста, меѓу другите прашања. Наместо тоа, тие предлагаат процените да ги гледаат квалитетот и содржината на истражувањето на трудот. Во тој контекст, во високи научни списанија веќе постојат известувања за лажни истражувања и лажни резултати објавени токму во списанија со висок фактор на влијание. Имено, сè повеќе има докази дека факторите на влијание стануваат „стока“ што може да се купува и продава.
Основното прашање е: Како нанапред? И најавената реформа во образованието ништо нема да измени ако критериумите за добивање служба и напредување во службата, но и етичките вредности на кандидатите не бидат по заслуги. Ние сме сведоци дека децениски во нашава земја владее политиката, таа поставува директори, шефови, таа ги избира и влијае на судиите, на сите раководители на институции. Во нормална земја политиката има сосема друга задача – да се труди да обезбеди добра економија, углед на меѓународно ниво, мир и слобода на сите граѓани. Сѐ додека таа не се тргне од образовните институции, од науката, здравството, судството и сѐ друго – нема да има напредок.
Ова не е моја критика туку само апел сите нешто да смениме за подобро утре на нашите млади. Зашто со вакви услови не е чудо што сѐ помасовно тие си заминуваат од земјата.