Која ќе биде историската оставина на Стојан Андов за македонската историја? Неделава замина во легендите првиот претседател на Собранието во плуралистичка Македонија, а наедно и првиот спикер на законодавното тело на првата независна и самостојна македонска држава. Клучните документи со кои Македонија зачекори на својот пат како независна држава се потпишани од него, започнувајќи со Декларацијата за сувереност на Социјалистичка Република Македонија од 25 јануари 1991 година, преку одлуката за распишување референдум за независност, Декларацијата за прифаќање на референдумските резултати, првиот демократски устав на Македонија од 17 ноември 1991 година и Декларацијата за меѓународно признавање на Македонија како самостојна и независна држава од 19 декември 1991 година. Тој претседаваше со првиот состав на демократското македонско собрание во еден турбулентен период, кога истовремено земјата се соочи со неколку огромни преобразби. Првиот процес беше осамостојувањето кога Македонија од членка на федерација стана независна држава. Втората трансформација беше преминот од реалсоцијализам и еднопартиски систем во повеќепартиска демократија. Нималку потежок, а клучен за изнедрување на новото општество беше патот од самоуправниот социјализам во пазарна економија, како трет процес што се одвиваше паралелно во тие години. Наедно, течеше и македонската национална револуција, кога македонската нација се раздружи од југословенската нација и ја заокружи својата државотворност. Овој процес беше своевидна кулминација на изградбата на самобитната македонска нација. Избликот на патриотизам беше сеприсутен и опиплив во воздухот. Но истовремено во Македонија се случуваше и раѓање на албанската нација во Македонија, како трета албанска нација на Балканскиот Полуостров. Демократизацијата го изроди албанското национално движење во Македонија, кое бараше свој удел во создавањето на македонската држава и признавање на културната посебност, како и развој на културните, образовните и политичките институции на албанската нација во земјата. Овие две национални револуции во Македонија, иако навидум противречни, сепак овозможија низ еден демократски дијалог да започне и петтата преобразба на земјата, односно развојот на мултиетничкото општество и вечната потрага по точките на интеграција на граѓаните на државата. Не смее да се заборават и уште две комплементарни преобразби низ кои Македонија минуваше во тие години. Европската интеграција веќе беше во полн замав по усвојувањето на Единствениот европски акт од 1986 година, па сите земји што беа економски поврзани со заедничкиот пазар се подготвуваа за огромната промена што се очекуваше на 1 јануари 1993 година, кога се создаде панконтиненталниот единствен пазар. Македонија и тогаш и сега економски беше органски и структурно поврзана со единствениот пазар, па беше и повеќе од јасно дека ќе мора да се заокружи евроинтегративниот процес колку што може поскоро (во 1989 година последното македонско социјалистичко собрание амбициозно ги обврза владите, извршните совети, на СРМ и на СФРЈ да ја завршат хармонизацијата на македонското и на југословенското законодавство до 1993 година).
Покрај европската интеграција, тогаш се промени и глобалната геополитика, па сите земји од посткомунистичка Европа брзаа да си ги дефинираат односите со САД, како предводник на демократскиот свет. Стојан Андов е потписник и на Одлуката на Собранието на за стапување на Република Македонија во НАТО од 23 декември 1993 година. Тоа беше своевиден раскин на дотогашната политика на неврзувањето како клучна идеолошка линија на југословенската, а со тоа и на македонската надворешна политика. Мора да се истакне дека постоеја и други идеи во тоа време, поточно за Македонија како демилитаризирана земја, за неутралност, а и политиката на Глигоров за „еквидистанца“ во регионалните односи, исто така, имаше чудни призвуци. Сепак, Одлуката за НАТО беше усвоена едногласно и стави точка на алтернативните погледи на македонската геополитика и позиционирање во сè поглобализираниот свет.
Ретко се зборува за печатот што Стојан Андов го остави во македонската надворешна политика, но токму тука до израз доаѓаат неговата политичка далековидост и прагматизам. Тој веќе е влезен во историјата на европската интеграција на југословенските простори како главен преговарач за склучување на Спогодбата за соработка помеѓу Европските заедници и СФР Југославија од 1980 година, што е круна на неговиот мандат како сојузен министер во владите на премиерите Џемал Биједиќ и Веселин Ѓурановиќ. Нетипично за македонски кадар во федералната влада, Стојан Андов во своето портфолио како министер ги имал и односите на Југославија со Европската економска заедница. Должен сум да подвлечам дека во тоа време надворешната политика на СФРЈ е чуден коктел од идеологија и прагматизам. Па, така, од една страна се наоѓа политиката на неврзувањето, како идеолошка компонента изникната од ролјата на Јосип Броз-Тито во повоениот свет. Дел од оваа политика е и југословенската поддршка за сите „народноослободителни движења“ низ планетата, вклучувајќи ги и воените крила на овие организации. Неврзувањето ѝ овозможува на Југославија дипломатско, воено и културно присуство на сите меридијани, но економската соработка со „третиот свет“ никогаш не успева да го преслика успехот на Титовата дипломатија. Во најдобрата година трговската размена со неврзаните не надминува 15 проценти од вкупниот југословенски увоз и извоз, а ако се погледне внатре во бројките, ќе се види дека главно станува збор за југословенски увоз на енергенти и други репроматеријали. Интересна компонента е југословенската развојна помош, но тоа е тема за друга колумна. Прагматичниот аспект на југословенската надворешна политика се согледува преку односот кон клучните економски партнери на земјата, па Белград посебно внимание посветувал на Европските заедници, на некогашната ЕФТА и на ОЕЦД (Југославија дури била и асоцијативна членка на ОЕЦД). Работата во петтата управа на југословенското министерство за надворешни работи (сојузен секретаријат за надворешни работи) била резервирана за самата елита на Титовата дипломатија.
Стојан Андов, како главен преговарач со Брисел, успева да се избори Југославија да добие спогодба за соработка со Европските заедници со неограничен рок на траење, преференцијален статус за земјата кон тогашниот заеднички пазар и перспектива за натамошна интеграција. Во моите разговори со него тој постојано потенцираше дека идеолошките стеги оневозможувале јасен исчекор сè до смртта на Тито, но дека имало простор соработката да се доведе до тоа ниво што би било невозможно југословенските власти да направат каков било друг избор освен целосна интеграција на југословенската економија во европскиот пазар. Спогодбата за соработка помеѓу Европските заедници и СФРЈ од 1980 година е токму една ваква вододелница и внатре во текстот се гледа печатот на прагматизмот на Стојан Андов.
Подоцна, кога Македонија зачекори по својот пат, Стојан Андов секогаш јасно го држеше патот кон Брисел и кон целосната интеграција на земјата во Европската Унија и во НАТО. Штета што тој никогаш не ја предводеше македонската дипломатија, иако имаше впечатлива и забележителна дипломатска ролја како претседател на македонското собрание, улога што ниту еден македонски спикер никогаш веќе не ја повтори.
Можев во овој текст да пишувам и за некои други аспекти од дипломатската активност на Стојан Андов, како, на пример, неговите усилби да се допрецизираат процесите по усвојувањето на Охридскиот рамковен договор или амбасадорувањето во Ирак, дипломатските мисии во името на југословенската влада, но сето тоа се само епизодни улоги. Својот главен печат, во делот на македонската дипломатија, Стојан Андов го остави со неговото водење на македонското собрание во процесите на заокружување на македонската независност и посебно при држењето на курсот на македонската надворешна политика кон европската и евроатлантската интеграција. Не би било лошо македонските дипломати и клучните македонски должносници да ги препрочитаат неговите книги за да проникнат во умот на Стојан Андов, македонската политичка сфинга од почетоците на независноста и демократизацијата. Прагматизмот на Стојан Андов и јасниот геополитички и геоекономски правец нека бидат оставината што македонската дипломатија ќе ја вгради во својата ДНК.
Ивица Боцевски