Замокот на грофот Дракула

Дали би се осмелиле да го посетите замокот и да ја откриете својата верзија на приказната за грофот Дракула? Утопија. И тоа во оригиналната смисла на тој збор: у-топос или не-место.
Значи место што не постои. Па затоа станало точка на носталгија и фасцинација. Паметење што станало поснажно од стварноста. И самото станало стварност…
Во деновите на празнувања, туристичките агенции во рамките на своите стратегии покрај стандардните дестинации нудат интересни аранжмани на места што најпрвин сме ги запознале како филмски и редица други сказни и приказни. Еве и една таква објава и оваа сезона, посета на замокот на грофот Дракула, во градот Брашов, дворецот „Пелеш“, најубавиот дворец во Европа, Црната црква и Букурешт. Во цената се пресметани: превоз со автобус, виза, два полупансиона, сите влезници итн.
Брашов, еден од најубавите градови во Трансилванија, плени со својата историја. Главната атракција, „Црната црква“, е најголемата готска катедрала од Виена до Истанбул, позната по својот зачаден фасаден изглед, збирката ориентални теписи од 15 век, содржини и глетки со уникатен шарм.

Но замокот „Бран“, популаризиран од легендите за вампирите и романот на Брам Стокер, со години привлекува туристи. Но како што ќе ви каже секој локалец, тој има малку заедничко со историската фигура Влад Цепеш, познат како Дракула.
Комерцијализацијата на митовите, трагедиите и стравот се конјуктурни теми и содржини што предизвикуваат силни емоции кај луѓето. Втемелени врз логиката и драматургијата на митскиот сензационализам, апокалиптичност и страв, во спрега со амбициите за профит и фрустрации на потенцијалните скромни транзициски потрошувачки, еве ја една од успешните формули како да се заработи.
Тероризмот од ден на ден сѐ повеќе се шири и се наметнува како глобална закана. Шансите за глобални тензии и воени судири се секојдневие. Но од друга страна, како резултат на интензивната комуникација и движење кај потенцијалите потрошувачи преовладува и се развива свест што стравот го афирмира како нужност, обликувана од корпорациските интереси во спрега високоразвиените технолошки аспекти на цивилизацијата. Оружјето за масовно уништување ќе се усовршува и во иднина, со цел воспоставување и развиток на тоталитарни модели на власт, кои сега и во век и веков сигурно ќе ги има. Но да се надеваме дека тие сѐ потешко ќе успеваат со оглед на постинформациската хомогеност, што подразбира глобален ментален назор и отпор.
Сѐ се темели на психолошката проекција дека луѓето повеќе трошат кога им е страв, ќе подвлечат експертите од областа на маркетингот и потрошувачката. Социолозите душегрижници во маркетиншките стратегии на компаниите детектираат, но често и манипулираат и со неетичките средства за остварување на целта. Стравот и апокалиптичните мрачни орвеловски визии, за апсолутен тоталитарен надзор во ерата на глобалната информатичка вмреженост сѐ повеќе бледнеат, губат во интензитет. Како психолошка битна претпоставка се афирмира потрошувачкиот оптимизмот, кој низ формите на „лесна забава“, атрактивни патувања и голем број други комерцијални форми се афирмира и бидува третиран како ентузијастичката претпоставка, според која, во векот на микорочиповите сѐ повеќе доаѓа до израз ослободување на креативниот слободен дух, кој во своето непречено движење правилно ги детектира и лоцира психолошките корени на човечката небиднина и неволји и се ослободува од вековни заблуди и стравови.

Митот и легендите за грофот Дракула, длабоко вкоренети во живеењето и опстојувањето и на големите и на малите народи, максимално исползувани во филмската индустрија и со силата на естетска сугестија вградена во основата на нашиот „трепет“, сега одново се нудат како туристичка атракција за велигденските и мајските празнувања. Какво совпаѓање, ќе забележат дежурните циници и ја третираат оваа понуда како популизам, манипулација, латентна политичка агресија, стапица, оформени и модифицирани до степен на идеолошко ментална доктрина.
Прашањето за етичноста на оваа и слични психолошки деструктивни тури е прашање за експертите, но факт е дека како и при гледањето на возбудливите трилери, при што доброволно се согласуваме да бидеме вознемирени со илузија и естетски средства, со трилер-патешествие како што го нудат агенциите несвесно ја скратуваме дистанцата кон митологијата, при што несвесно се претвораме во дел од сублимираниот потенцијал на хиперреалноста. Факултативен излет „Трансилванија“: „Посета на замокот Пелеш со вклучена влезница и посета на местото Бран со истоимениот Замок на Дракула (Влезницата за замокот не е вклучена. Цената за возрасни е 70 леи и за студенти 40 леи според официјалната страна на замокот) и посета на градот Брашов (со превоз и пратител) – возрасни 45€ – студенти 35€“.
Иако патувањата се полни со предизвици – од преполни автобуси до редици пред замокот – магијата на Трансилванија останува жива. Тоа е место каде што реалноста и митот се испреплетуваат, оставајќи простор за сопствени интерпретации на еден свет што постои некаде меѓу историјата и фантазијата.

Аљоша Симјановски