Ин мемориам – Киро Кипровски
Пред неколку дена македонското новинарство остана посиромашно за еден свој доајен. Замина Киро Кипровски, еден навистина редок и голем новинар, можеби еден од најголемите мерено по опусот што го остави, по 57 години што ги делеше со оваа професија, по љубовта и посветеноста кон неа, по ангажираноста што ја покажуваше и одговорноста што ја носеше. Кипровски е еден од ретките што не пропушташе ден да не следи настан и да нема текст. Неговото име и неговиот ангажман покажуваат како од мало место како што е Гостивар може да израсне голем новинар, плоден и препознатлив автор.
Не е лесно да се направи краток портрет на исклучителен новинар и публицист со богат новинарски опус, мајстор за речиси сите новинарски жанрови. Киро Кипроски во себе носи многу новинарски лица насликани со неверојатни природни бои што создаваат повеќе портрети. Колку истовремени толку и различни. Кипровски како радионовинар, како патописец, како творец на портрети на други лица, како новинарски патник страдалник, Кипроски како пример за ентузијазам и посветеност на она што го избрал како професија. За човек што објавил десетици илјади текста во пишани и електронски медиуми и кој објавил 12 монографии, специјални и специфични по содржина и користење на изразни средства. Кога на ова би се додал Киро и како фоторепортер, тогаш ќе се види дека самиот Кипро заслужува колоритен портрет од голем формат насликан повеќедимензионално со боите на Бистра Планина комбинирани со боите на Радика и на целата нивна околина вклучувајќи ги и врвовите на Кораб.
Целиот професионален работен век Кипроски го минува како новинар – уредник на емисиите на македонски јазик на Радио Гостивар, а од 1968 година е постојан соработник на првиот дневен весник во Македонија „Нова Македонија“ и на нејзините изданија: „Журнал“, „Екран“, „Починка“, „Пулс“, „Скок“, „Вечер“. Соработувал со „Утрински весник“, „Народна просвета“, „Млад борец“, „Студентски збор“, Радио Скопје, Телевизија Скопје, дописник на Радио Дојче веле и Радио Берлин на емисиите на македонски јазик и со многу други весници, списанија и ревии. При ова набројување, сепак, центарот на неговата кариера го одбележува весникот „Нова Македонија“, како поранешната така и сегашната.
Кипроски беше редок новинар, речиси постојано е пет во еден: новинар, фоторепортер, тон-снимател, видеоснимател и возач. По многу нешта е уникатен и меѓу ретките новинарски пера, не само во Македонија туку и пошироко, ги користи сите новинарски форми на изразување и обработува теми од сите области – политика, економија, здравство, образование, наука, култура, историја, уметност, спорт, црна хроника, правосудство, патописи и рецензии.
Повеќето од текстовите ги создаваше на терен, затоа се живи, неповторливи, привлечни, читливи, некои и со силен патриотски набој. Пораките од настаните посветени на одбележувања значајни настани и личности од историјата и културата ги пренесува автентично, од непресушниот извор на збиднувањата, низ вековите и сегашноста на западниот дел на Македонија. Објавува истражувачки текстови за мијачките великани, за преродбенците Ѓорѓија Пулевски, Партенија Зографски, Ѓурчин Кокале, Анатоли Зографски, Исаја Мажовски, за Сирма Војвода…, за копаничарите Петре Филипоски–Гарката, Макарие Негре Фрчкоски, за фрескосликарот Дичо Зограф, за родокрајните писатели: Харалампие Поленаковиќ, Радован Павловски, Симон Дракул, Анте Поповски, Матеја Матевски, Саме Лимановски – Жерновски, Тодор Чаловски и други.
Не изостанале и легендите на македонската песна Александар Сариевски, Костадинка Палазова, Виолета Томовска, Симеон Гугуловски, Мирко Митрески. Тука се и оние за ликовните уметници од повеќе генерации. Ќе го споменам вајарот и академик Томе Серафимовски, помладите Кочо Фидановски, Ацо Филиповски. Пишувал и за многу други личности што оставиле траги не само во гостиварскиот крај туку и низ цела Македонија и поранешна Југославија. Позната беше неговата потрага по видни Македонци раселени во други држави пишувајќи за нивната носталгија, но и за успесите што ги постигнале во земјите каде што на млади години се населиле.
Во овој контекст, незаборавни се неговите текстови од општата историја на Македонија и македонскиот народ, за зачувување и развој на македонскиот национален идентитет, јазик и писмо. Во тој склоп се и многубројните текстови за учеството на дијаспората, особено на германската, во борбата за самостојна, суверена и духовно обединета Македонија. Киро е афирматор на македонските национални и црковни празници, на црковни општини, на политички движења и здруженија низ Европа, јакнејќи го македонскиот национален дух.
Работејќи во средина во која живеат повеќе националности и постојат повеќе вери, Кипроски посебно внимание обрнуваше на меѓунационалните односи залагајќи се за рамноправност, толерантност, меѓусебно разбирање. Има стотици наслови посветени на тие теми, разговори со Албанци, Македонци муслимани, Турци и други луѓе што низ неговите текстови си ги кажувале своите маки или радости.
Преку текстовите и неповторливо живописните репортажи, Кипроски на свој мајсторски начин ги запознаваше читателите на „Нова Македонија“ со природните убавини и недопрената природа на Шар Планина, Кораб, Бистра, Стогово, Дешат, Добра Вода, Сува Гора, Горна Река, Долна Река. Преку него се знаеше што се случува во Маврово, Галичник, Лазарополе, Ростуше, Битуше, Гари или во Косоврасти. Пишуваше за пештерите, водопадите, реките и долините, за богатото културно-историско наследство создавано со векови, за црквите и манастирите, за фолклорот, изворните песни, за традициите, обичаите. Ни го откри и ни го доближи древното македонско духовно светилиште, манастирот „Свети Јован Крстител“, познат меѓу народот како Бигорски манастир. Колку што духовниот водач на манастирот, архимандритот Партениј, му даваше нов живот толку Кипроски придонесуваше во јавноста за значењето на манастирската обнова, за неговата историја и духовно воскреснување.
Киро Кипровски им ги откриваше Бистра Планина и скијачкиот центар Маврово на Македонците. Слободно може да се рече дека без Кипро, Маврово ќе ја немаше таа афирмација. И Галичката свадба на Петровден. Колку што досега имало свадби толку Кипроски има напишано извештаи и направено фотографии од тој културно-фолклорен настан.
Тој е забележителен автор во фељтонистиката, има напишано десетина фељтони, меѓу кои особено внимание предизвика фељтонот од Света Гора, пишуван за време на неговиот десетдневен престој таму. Преку него ја запозна македонската јавност со животот на 2.000 монаси во 20 манастири, а посебно со манастирот Зограф каде што го фотографира жезолот што му припаѓал на Арсениј, последниот поглавар на Охридската архиепископија пред нејзиното укинување.
Киро секогаш одговорно пристапувал при пишувањето и пренесувањето на текстовите. Беше професионално одговорен во трката со минутите, крајно исполнителен, ниту еднаш не му се случило да не ја исполни новинарската задача. Секогаш реагирал брзо, точно, објективно и ги проверувал фактите од повеќе извори, доследно го почитувал новинарското правилото да се слушнат двете страни.
Во 1987 и 2001 година беше прогласен за дописник на годината на весникот „Нова Македонија“, неговото стожерно пристаниште.
Што да се каже на крајот, кога може да се кажува и уште долго и широко. Кипро беше омилен меѓу колегите, секогаш кога беше во Редакцијата ширеше позитивна енергија, бодар дух и верба во професијата. Немаше човек со кого не се познаваше, со кого не контактираше, од обичниот работник во печатница, преку стенографки и дактилографки, преку главни уредници до директори. Секогаш љубезен, отворен, непосреден и говорлив. Без злоба, без задна намера, без озборување, одлики на вистински новинар и човек.
Таков беше, таков си остана.