Се чини дека цивилизацијата отсекогаш живеела во општествени системи исткаени од илузии. Веројатно човекот го обожава тоа. Имавме карактеристичен случај што го одведе поголемиот дел од човештвото во простор на утопија. Одамна (во 1917 година) се случи политичка бајка во која од феудализам, со декрет беше донесен социјализам како преодно општество кон комунизмот. А комунизмот беше претставен како идеална форма на општество најприемливо за потребите на човекот иако некои структури и голем дел од екумената истураа голем број пцости и други грди зборови за него. Потоа „некому“ мошне умен му текна да се вратиме назад низ времето, па во капитализам. Колку да се запази редоследот. Потреси, војни, разорни дејства и полека трезнење со расол како од некое пијанство. Човекот е чудно суштество, па и покрај повторното враќање во природната средина, во која се чувствува кобајаги среќно и исполнето, повторно и повторно пека и се жали на цел глас. Зошто, затоа што ни царот ни султанот не можат да им погодат на сите.
Мора да се загрижиме кога се користат општествени турбуленции со цел да се амортизираат нараснатите спротивности меѓу класите. Притоа, само се крева општествена прашина и повторно се нуди маглив превез од решенија што суштински не менуваат многу. Со еден збор, маскара – шминка. Но, за жал, ниту еден таков политички потрес не поминал без голем број жртви и безумие. Просто речено, станува збор за залажување на кое се приспособиле и естаблишментот и демосот, кој како да посакува повторно и повторно да биде измамен. Под превезот на историските и не знам какви сѐ не промени, се потврдуваат доминацијата на едните и покорноста на другите. До бога, ако еквилибристиката е учење по кое човекот во своите постапки и со дела ја потврди етичката смисла за рамнотежа на своите мотиви и потреби, тогаш тој ја има онаа вистинска слобода што ќе го понесе напред во просперитет. Но дали е тоа можно со ниво на свест што не е завидно? Досега не се случило тоа, иако во содржините на демократијата постојано се истакнуваат човечките права и слободи како фундаментални вредности. Веројатно како и оние во комунизмот (уредување за почит и теоретска светост ама без практична употреба) кога комесарите тврдеа дека сѐ е во рацете на работничката класа. По тоа, се покажа дека таа останала гола. Некој дебело да ти ја одрал.
Секако, на некои и некому промените во општеството под превезот на подобрување на состојбите им се чинат исклучиво како подлога за сочна сатира, која е фил врз тортата со лажна чоколадна обвивка. Внатре, бајат материјал, кој не нуди очекувано задоволство. Бидејќи наближуваат големи празници, ред е да се спомне легендарниот Чарлс Џон Хафем Дикенс, еден од водечките автори на викторијанската доба. Читајќи го овој литературен „ѕвер“, во очи веднаш паѓа концепциската содржина на системот што ќе доминира низ целиот дваесетти век – капитализмот. За кое било дело од овој почитуван господин да се фатиме, ќе ги откриеме големите очекувања и начинот на нивна реализација од страна на привилегираната општествена класа на сметка на покорните и покорените. И едните и другите сонуваат ама соништата им се различни, а за јавето и да не зборуваме. Систем за кој Дикенс вели дека е убиец на чувства и дека тој со неговиот чист сарказам, проблемите на општеството преку правната и политичката корумпираност, се обидува да го изнесе пред очите на јавноста. Сѐ ми се чини дека и покрај многу обиди за промени, малку нешта се промениле.
Во неговиот прв роман „Пиквиковиот клуб“, кој е и појдовна основа за богатата литературно саркастична низа, Дикенс ја најавува својата општествена улога на коректор на системот преку главниот актер Семјуел Пиквик и тројцата негови содружници. Тие патуваат низ Англија со цел да ги истражуваат необичните и интересни феномени на животот, кои се всушност основните недостатоци на општеството. Господинот Пиквик и неговиот клуб се можеби и круната на зајадливата иронија за викторијанската епоха и нејзините правила за општество и владеење. Се разбира, не е далеку од здрав разум дека и денес во една технолошки совршено напредна средина, сѐ уште се вкоренети исцедоци од порочната страна на општеството како гибел на човечноста. Веројатно станува збор за континуитет.
Серијата на утврдени аномалии, која и денес не застарува, продолжува со неколку атрактивни филмувани стории. Грубо ќе се обидам да ги нафрлам иако читателската публика мошне добро ги познава изнесените содржини на овој исклучителен социјален критичар преку книгите за Оливер Твист, Давид Коперфилд или Големите очекувања. Но бидејќи наближуваат Нова година и Христовото рождество – Божиќ, целта беше да се истакнат сугестивноста и празничниот шарм на Божиќната приказна и славниот мистер Скруџ. Типична викторијанска сторија со хепиенд, иако тоа е само изразена надеж на Дикенс дека сепак нешто ќе се промени кон подобро иако тој и самиот во детството бил принуден да се мачи и да се бори за гол живот. Впрочем, системот има свои правила, свој егзистенцијален патоказ што остава многу малку простор за уживање во животот. Се разбира, освен за привилегираните.
Постојат повеќе филмски верзии на Божиќната песна или приказна. Најпрвин верзијата од 1935 година, под име Господинот Скруџ – човекот кому совеста ќе му го затопли срцето до мерка за да разбере дека не е сѐ до богатството и дека најскапото нешто во животот е како да се купи туѓата насмевка. Потоа следува онаа од 1951 со легендарниот Алистер Слим. И како што се редеа рождествата Христови, се појавија голем број верзии, па дури и анимирани, како оние на Дизни и Мапетите на Џим Хенсон. Како плод на инспирацијата за магијата на бадниковата ноќ и пречекот на Нова година, се вклучува и шармантниот дебелко од таинствената Лапландија, Дедо Мраз. Сето тоа како враќање на надежта на сите оние врз кои системот вршел разни облици на пресии и неправди. Но… сето тоа е всушност рационалниот материјалистички пристап на пазарната економија.
Сите атрактивни појави веднаш се комерцијализираат. Можеби глобализмот замира, но не и во областа за која зборуваме. Насекаде низ светот свеченостите и китењата, понудите и сугестивното влијание на рекламата копкаат по нашите сетила и инспиративно нѐ прават да живееме во период на насмевки, радост што повторно нѐ прави деца и нѐ поттикнува да веруваме во некои наши големи очекувања.
На почетокот беше Дикенс. Потоа стаса првата ѕвезда на пазарната економија Дедо Мраз. Намерата на Дикенс била и остана како саркастичен коректор на општествената неправда и аномалиите на еден систем што и понатаму упорно настојува да биде доминантен и во ова наше време за кое времето ќе го каже своето. Дали нешто се променило со текот на времето? Можеби само технолошкиот напредок, кој, за жал, има малку разбирање за сите оние што не си го нашле своето место под сонцето, односно оние што сега очекуваат повеќе од снежната виулица и насмеаните ликови од светот на волшепствата и магијата да им ја отворат портата за нивните скромни очекувања.
Зајадливата иронија на господинот Пиквик пренесена со перото на Чарлс Дикенс ќе ја прочитаат само оние што размислуваат и сочувствуваат со страдањата на неговите јунаци. Да, тие се херои што се борат за гол живот со чудовиште наречено систем. Само малку од светот на магијата нека допре и до нивните срца.
Љубомир Јованоски
Авторот е писател

































