Нов бран атаци поврзани со правото на самоидентификација, здружување и културно изразување на Македонците

  • Од забрана за влез во Бугарија на адвокатот Менкиноски, кој ги брани Македонците пред Европскиот суд за човекови права, до санкции за пејачи и ограничувања на културни симболи во дијаспората итн… се крева нов стравотен бран на притисоци врз македонскиот идентитет што сака „да ја потопи“ темата за кршење на основни принципи на меѓународното право и правото на самоидентификација

Нов дипломатски скандал: Адвокатот Менкиноски на црнaта листа на Бугарија поради одбрана на Македонци

Одлуката на бугарските власти да му изречат 10-годишна забрана за влез на адвокатот Тони Менкиноски претставува еден од најдрастичните примери на институционален притисок врз бранителите на човековите права на Македонците во соседството.

Менкиноски е правен застапник на Македонци од Бугарија пред Европскиот суд за човекови права во Стразбур. Неговата работа се однесува на случаи поврзани со правото на самоидентификација, здружување и културно изразување на Македонците во Пиринска Македонија.

Со одлуката на властите во Софија, практично се ограничува неговото движење и професионално дејствување токму во државата каде што живеат луѓето чии права ги брани. Ваквата мерка отвора сериозни прашања за тоа дали Бугарија вон сите правни норми санкционира адвокат поради неговата професионална работа. Или пак сака да создава притисок врз правните застапници на малцинствата? Дали со овој безумен потег на Софија се крши правото на пристап до правна заштита на нашите Македонци во Бугарија? Во правна смисла, оваа одлука може да се толкува како директен удар врз принципите на владеење на правото и независноста на адвокатската професија. Дополнително, се доведува во прашање и правото на слободно движење, а тоа е всушност еден од темелните стандарди во европскиот правен систем.

Политика на индивидуално и колективно деноминирање на Македонците

Контроверзната мерка не може да се гледа изолирано. Таа се вклопува во долгогодишната политика на официјална Софија која одбива да го признае постоењето на македонско национално малцинство во Бугарија.

И покрај повеќе пресуди на Европскиот суд за човекови права во корист на македонски организации, бугарските институции со години одбиваат нивна регистрација. Со тоа фактички се оневозможува организирање на македонската заедница, слободно културно изразување и институционална заштита на идентитетот. Овие практики директно се судираат со фундаменталните принципи на меѓународното право – особено со нормите од т.н. ius cogens, кои го гарантираат правото на народите на самоопределување и самоидентификација.

Свеж пример и од Грција: Санкции за култура и музика

Слични скандалозни противправни поведенија се појавуваат и во Грција. Македонската пејачка Елена Јовческа сведочи дека цели десет години не ќе може да влезе во Грција откако настапувала во село во Егејска Македонија со македонски песни и македонско знаме.

Според нејзините зборови, и по истекот на забраната таа се соочува со засилени проверки од грчките власти при секое влегување во земјата.

Парадоксот е повеќе од очигледен и зачудувачки е како меѓународните институции затвораат очи пред вакви флагрантни кршења на човековите права. Во Македонија грчката култура и музика слободно се слушаат и промовираат, додека во Грција македонските културни изрази често се третираат како политички проблем.

Оваа асиметрија ја открива длабоката бесчувствителност на грчката држава кон постоењето на македонски идентитет во Егејскиот регион, тема која со децении останува политички табу.

И во дијаспората слични примери: Симболите како предмет на македонската негација

Контроверзиите околу македонскиот идентитет се прелеваат и во дијаспората. Во Австралија, организаторите на големиот фестивал Мумба Фестивал во Мелбурн одлучија да не дозволат користење на нашиот историски симбол „Сонцето од Кутлеш“ во парадата.

Одлуката била иницирана и поддржана од дел од грчката дијаспора, која тврди дека симболот е дел од грчкото историско наследство. (!?)

Македонските организации реагираа остро, оценувајќи дека станува збор за дискриминаторска мерка што го ограничува културното изразување на македонската заедница.

Важно е да се нагласи дека Австралија нема закон што го забранува овој симбол. Одлуката е донесена од организаторите на настанот, што покажува дека политичките спорови од Балканот се пренесуваат и во мултикултурни општества.

Кога шовинизмот и хегемонизмот го гази меѓународното право

Примерите од Бугарија, Грција и дури од дијаспората покажуваат една поширока тенденција: обидите за ограничување или делегитимирање на македонскиот идентитет. Меѓународното право, меѓутоа, е јасно. Основните принципи гарантираат: право на народите на самоопределување, право на културен и јазичен идентитет, право на здружување и слободно изразување.

Овие принципи се дел од темелните норми на современиот меѓународен поредок и не можат да бидат суспендирани од национални политички агенди.

Кога државите преземаат мерки што ги ограничуваат овие права, било преку забрани за влез, административни блокади или културни ограничувања, тие ризикуваат да се најдат во директен судир со меѓународни норми и обврски.

Балканот и старата сенка на идентитетските спорови

Балканската историја е исполнета со спорови за идентитет, јазик и историја. Но во 21 век ваквите конфликти се сѐ почести, посебно за Македонците, а во последно време се зачестени. Тие лесно се решаваат доколку меѓународната заедница и специјализираните институции имаат политичка воља да ги спроведат педантно и бескомпромисно пропишаните норми од меѓународното право. А, очигледно тие немаат! Забраните и политички притисоци се сега на сила?! Посебно од центрите на моќ како Брисел, Софија, Атина…

Случајот со адвокатот Менкиноски е особено симптоматичен. Ако адвокат може да биде санкциониран поради тоа што ги брани правата на една заедница, тогаш станува збор за сериозен сигнал дека просторот за демократска дебата се стеснува. Во таа смисла, прашањето повеќе не е само национално или билатерално. Тоа станува прашање на европски вредности и на кредибилитетот на системот за заштита на човековите права.

Но, како што велат експертите, историјата покажува дека идентитетите не исчезнуваат со административни мерки, забрани или политички притисоци. Ваквите политики често создаваат дополнителни тензии и продлабочуваат недоверба меѓу државите и заедниците. Почитувањето на правото на самоидентификација и културна различност не е само правна обврска, туку тоа е основа на демократското општество. Ако Европа навистина сака да остане простор на слобода и човекови права, тогаш случаите како забраната за влез на адвокат, санкциите за културни настапи или ограничувањето на симболи мора да бидат предмет на сериозна меѓународна реакција.

Зашто правото еден народ да се нарекува онака како што се чувствува, не е политичка привилегија. Тоа е фундаментално човеково право. Затоа, треба да се реагира жестоко на сите можни нивоа, од внатрешно – државно, до меѓународно – правно, заради тоа што ваквите преседани веќе за Македонија и Македонците стануваат правило! Р.Н.М.